Јован Деспотовски ДФИТР интервју за МКД.мк

Деспотовски за МКД.мк: Во Западен Балкан сме водечки по обемот на поддршка за компаниите

Годинава Фондот за иновации и технолошки развој доби рекорден број на апликации, 487. Тоа подразбира дека компаниите станува сѐ позаинтересирани за користење на овие средства, за развој и за унапредување на своето производство. А целта на Фонтот е да се поттикнат партнерства на македонски, со компании од регионот, да се отвори потенцијалот на пазар од 17 милиони луѓе и задржување на младите во Македонија, вели во интервјуто за МКД.мк Јован Деспотовски, првиот човек на оваа институција. Целото интервју е достапно на следниот ЛИНК

МКД.мк: Како сте задоволeн од досегашната работа на Фондот?

Деспотовски: Лично, задоволен сум од интересот што го поттикнавме кај домашните компании, но и кај учениците и студентите, академската заедница за програмите и поддршката што се нудат или се во фаза на развивање. Воведени се многу новини, кои постојат во современиот свет, кон кој се стремиме да стигнеме.

Темата иновации е глобална тема и можам слободно да кажам дека Македонија е дел од глобалните текови по ова прашање.

Секако, доколку ме прашате дали може и повеќе, одговорот е секако да. Токму тука лежи и предизвикот за следниот период во нашето работење.

МКД.мк: Ги надминавте ли сите оние сомневања за непотизам, партиска обоеност на грантовите, непрофесионалност при проценката на иновацијата…?

Деспотовски: Ова е повеќе прашање за јавноста. Лично немам, ниту некогаш сум имал сомневање во транспаретноста и исправноста на нашите постапки. И тука, ако гледаме по некои објективни индикатори, интересот и бројот на апликанти значително е зголемен во однос на 2018 година, додека е неспоредливо поголем од периодот 2014 – 2017 година. Ова може да значи дека домашните компании имаат реална потреба од финансиска поддршка од државата. Исто така, секако значи и дека овие апликанти имаат доверба во постапките и процедурата и сметаат дека имаат фер шанса да успеат. Мислам дека бројката од над 1.000 апликанти во последниве 18 месеци е добар одговор на прашањето.

Нормално, јас не мислам дека нашата процедура е совршена и дека нема секогаш и простор за подобрување. Тоа го покажавме и во случајот со компаниите во кои имаше поврзаност со сегашни или поранешни функционери. Воведовме обврска за декларирање на таква поврзаност уште при самото аплицирање, што го прави Фондот единствена државна институција со ваков систем на заштита на јавниот интерес. Остваруваме успешна соработка со Транспарентност интернешнл – Македонија токму на оваа тема.

За последниот дел од вашето прашање, проценката за иновацијата не е единствен критериум за доделување на средства. Потенцијалот на пазарот е исто така критериум што има своја тежина од вкупно 5 по кои се оценува. Дополнително, имаше обид да се дискредитира процесот преку неточни работи. На пример, проекти што се однесуваат на сосема други програми на Фондот за набавка на опрема се прикажуваа како примери за „иновации“. Поучени од тие искуства, сега одиме со издвоени кампањи за презентација на повиците за иновации и за технолошки развој.

МКД.мк: На пример што се случи со оној проектот, за кој имаше сомневања за плагијат, за мерење на загаденоста на воздухот, што всушност беше индиска иновација?

Деспотовски: Проектот е во рана фаза на реализација. И ова е еден од примерите каде дискусијата во еден дел од јавноста се разви на база на сосема неточни работи. Прво, ние сме сериозна институција, чии механизми на одлучување се креирани со поддршка од Светската банка, како еден од двата клучни наши финансиски партнери. Со други зборови, не даваме пари за фотографија, туку за издржана апликација, со соодветен бизнис план. Второ, добар дел од средствата за проектот се всушност сопствени пари на фирмата, кои исто така подлежат на квартален мониторинг од страна на две реномирани светски ревизорски куќи.

Најпосле, како одговорни луѓе, веднаш ги контактиравме и индиската компанија и домашната компанија. Она што се покажа е следно: индиската компанија нема сознанија за некакво копирање на технолошкото решение на проектот, туку единствена основа за верување дека станува збор за копија се базира на фотографијата. При презентацијата што ја побаравме од домашната фирма, констатиравме дека изработениот прототип нема никаква врска со фотографијата на индискиот производ. Секако, проектот, како и сите останати, ги следиме квартално и, доколку се констатира какво било прекршување на одредбите во договорот, ќе постапиме соодветно. Во овој процес, како и досега, сме целосно отворени кон сите информации што доаѓаат од јавноста за проверка и евентуални понатамошни мерки.

МКД.мк: Кои се конкретните резултати од овие грантови? Што македонската економија доби од овие досега распределени десетина милиони евра буџетски пари?

Деспотовски: Во досегашните јавни повици поддржани се вкупни инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од околу 40 милиони евра. Во овие инвестиции, домашните компании учествуваат со 17 милиони евра сопствени средства, што е повторно израз на довербата кон процедурите на Фондот. Овие податоци за поддршка на домашни компании се неспоредливи со предходниот период, кога државната поддршка е насочувана исклучиво кон странски компании.

За резултатите е рано да се зборува, бидејќи повеќето проекти се започнати во изминатите 18 месеци. Сепак, Фондот прави свои истражувања и бројките што ги имаме од компаниите што веќе завршиле или се во последна фаза се повеќе од охрабрувачки. Имаме регистриран просечен раст на приходи на компаниите за 50% во однос на периодот пред инвестицијата, а добивката расте за 60% во просек. Истите бројки се реплицираат и кај зголемувањето на уплатите кон државата по однос на данок на добивка, како и придонесите кон фондовите за пензиско, здравствено и социјално. Само со повиците од 2018 година предвиден е ангажман на над 800 лица, со просечна плата од над 40.000 денари. Да потсетам, за дел од компаниите што се финансираат од Светската банка веќе имаме и поврат на средства кон Фондот по основ на т.н. ројалти. Овој принцип од оваа година е воведен и на програмите ко-финансирани од Владата.

МКД.мк: Може ли да ни опишете еден пример, на една успешна фирма која ја примени иновацијата за која доби грант, вработи луѓе, произведува, извезува или продава на домашен пазар…?

Деспотовски: Има навистина многу такви примери. Ќе биде нефер доколку зборувам само за еден. Примери имаме буквално насекаде и секојдневно. Од помали компании во делот на креативата, како „Преплет“ што работи на уникатни дизајнерски производи за лица со оштетен вид, преку проектот на „Акрон“ за развој на нов процес на рециклажа на стакло (во проектот веќе имаме следна инвестиција од сериозен американски фонд), проектот на „АСП Пак“ од Охрид за унапредување на продуктивноста на постојни машини од француско производство, каде веќе се вработуваат голем број на лица и со посебни потреби, што е додадена вредност на финанските резултати (намалување на фиксни трошоци на производство за 20-25%), до проектот на „Алкалоид“ за развој на нов лек за болка.

Компаниите во делот на ИТ индустријата нема да ги споменам овде, заради просторот. Ќе споменам дека една од компаниите што ќе добие средства во рамки на последниот повик за комерцијализација работи на развој на софтверско решение за авио-сообраќајот и индустријата, со потенцијал за примена на глобално ниво (и веќе потпишани првични договори со големи светски клиенти). Сите овие проекти се објавени на веб-страницата на Фондот, а ќе настојувам во следниот период и да им дадеме уште поголема видливост во домашната јавност.

МКД.мк: Порано, на тие саеми на иновации во Брисел, македонските иноватори редовно добиваа награди за добра идеја. Како сега стојат работите со иновативноста на нашите граѓани, на нашите претприемачи?

Деспотовски: Она што особено охрабрува е што имаме многу компании кои добиваат меѓународни награди. Еве последен пример е „Венито комерц“, компанија во која студенти со заедничка поддршка на професорите основале фирма и која за нивната иновација велосипедот со филтер за прочистување на воздух, доби два златни медали и диплома за најдобар пронајдок во Сеул, Јужна Кореја. Покрај компаниите и ученици и студенти кои, со поддршка на Фондот, излегуваат на меѓународни натпревари освојуваат награди. Само за 18 месеци имаме поддржано над 500 вакви млади луѓе да учествуваат на натпревари. Редовно се враќаат со медали. Но, не застануваме тука. Креираме посебен Фонд за млади умови, во кој ќе продолжат дел од постојните иницијативи на ФИТР, но ќе дополниме и со нови. Веќе имаме и две меѓународни организации како наши партнери – УСАИД и УНИЦЕФ. Целта е секако да обезбедиме услови за развивање и напредок на младите, особено на оние (а, верувам дека ги има многу) со значителен креативен потенцијал. Очекувам и ја повикувам и бизнис заедницата да се приклучи кон оваа иницијатива, бидејќи придобивките од развојот на млади умови во државата во голем дел ќе донесе полза за економијата.

МКД.мк: Што понатаму? Кои се следните чекори?

Деспотовски: Планови има многу, а денот трае, за жал, 24 часа. Се шегувам. Плановите се тука. Фондот е веќе препознаен партнер на серозни меѓународни организации, а веќе развиваме контакти и соработка со приватни фондови, кои сакаат да влезат и да инвестираат во македонски компании. Наш предизвик е регионот на Западен Балкан, каде можам да кажам дека сме водечки по обемот на поддршка што се обезбедува за компаниите. Размислуваме за програми што ќе поттикнат партнерства и заеднички проекти на македонски, со компании од регионот. Со тоа, ќе го отвориме потенцијалот на пазар од 17 милиони луѓе, што несомнено ќе привлече многу од глобалните фондови, кои бараат сериозни инвестиции. Посебниот фокус на младите и мерките за нивен развој и, се надевам, задржување во Македонија останува и ќе се зајакне. Сето ова треба да придонесе кон средорочната цел, а тоа е Фондот да стане во добар дел и финансиски самоодржлив.