Јован Деспотовски интервју за Стандард.мк

Деспотовски за „Стандард“: Нема да дозволиме да се наштетува на интересите на македонската економија на сметка на политички амбиции и агенди

Стандард.Мк: Господине Деспотовски, кога може да се очекува новиот јавен повик на Фондот за иновации за македонските фирми кои ќе ги понудат најиновативните идеи?

Деспотовски: Веќе до крајот на годината планираме два нови повици. Едниот во делот на технолошки развој и вториот наменет, пред се, за младите – за старт ап компании. Оваа новина ја предвидовме со измените на програмата за работа што деновиве очекуваме да се одобри и од Владата. Со ребалансот веќе се предвидени и потребните средства односно ќе може да се реализираат околу 6 милиони евра за технолошки развој и дополнителни 1,5 милиони за старт ап компании.

Нашата цел е на огромниот интерес на домашните компании за инвестициска поддршка да одговориме со уште повеќе можности. Како што им ветивме на компаниите апликанти од претходниот јавен повик, каде имавме рекордни скоро 500 инвестициски планови, со измените во процедурите воведуваме и т.н. fast track постапка. Оваа постапка е отворена за сите компании што веќе учествувале на јавни повици на Фондот, а кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција. Така, при следно аплицирање со ист односно подобрен проект во период од 12 месеци овие компании директно ќе бидат разгледувани од Комитетот за одобрување на инвестиции. Со ова, директно ги намалуваме трошоците и на апликантите, но и на Фондот, и значително го намалуваме времето од моментот на аплицирање до носење на конечната одлука од страна на Комитетот.

Со ваквиот пристап во работењето, сакаме да покажеме дека и државните институции може и мора да бидат флексибилни и да одговорат на барањата и потребите на нивните клиенти, во овој случај, домашните компании.

Стандард.Мк: Првиот повик откако дојдовте на чело на ФИТР беше неславен, во однос на дел од фирмите кои беа пријавени. Како сега направивте да се елиминираат слични или вакви пропусти?

Деспотовски: Првиот повик што го реализиравме во Фондот по моето доаѓање беше повикот за иновативно решение за намалување на загадување на воздухот. Резултатите од овој повик, со конкретни мерења на ефектите наскоро ќе бидат презентирани на јавноста. Со овој повик сакавме и сакаме да покажеме дека мала земја, со ограничени ресурси почесто треба да се охрабри и да бара нов, поинаков начин за решавање на одредени предизвици.

Она што мислам дека сакавте да прашате се однесува на првиот јавен повик во рамки на Планот за економски раст на Владата, реализиран минатата пролет. И тука ќе се согласам дека имавме навистина сериозен предизвик. Но тука не мислам на какви било нерегуларности, притисоци или повластена положба. За тоа, и денес, јасно ќе кажам дека тоа не беше случај. Предизвикот беше повеќе од аспект на реакцијата на јавноста, што беше сосема оправдана во еден друг контекст. Исклучително ниското ниво на доверба кон јавните институции и процеси, што дојде како последица на начинот на практикување на власт во претходните 12 години, па можеби и повеќе. И тогаш, Фондот, иако целосно поддржан од Светската Банка, со комплетно разработен систем на оценување на предлог проекти, поставен уште во 2015г. (иако неискористен до 2017), што се потпира исклучиво на странски експерти стана фокус на сериозна критика. Но, ние не се повлековме пред критиката, туку се обидовме да ја разбереме и да иницираме акција на начин што вистински ќе одговори на загриженоста на јавноста. Резултат на тоа беше нов елемент за задолжително декларирање на поврзаност на апликантите со носител на јавна функција. За оние што декларираат се прави посебна проценка на ризик. Во целиот процес на воведување на оваа новина соработуваме со граѓанскиот сектор, конкретно со Transparency International. Резултат на тоа денес е отворен и функционален процес, единствен кај една јавна институција во нашата држава.

Нормално, за оној дел од критиката што е мотивиран исклучиво од дневна политика и ситни поени имаме и дополнителен одговор. Нема да дозволиме да се наштетува на интересите на македонската економија на сметка на политички амбиции и агенди. За прв пат имаме состојба на целосна изедначеност на домашните и странските инвеститори. За прв пат во овие 24 месеци имаме програма што го поддржува развојот на македонските компании. Митот дека само една политичка партија во државава „знае економија“ е под сериозен ризик од мерките и програмите што ги спроведуваме. И, јас и можам да ја разберам нервозата, но не можам да ја разберам желбата да се наштети на процес што е добар за сите. Споредбено, во август 2017г. Фондот имаше програма со 35 компании корисници и вкупно ниво на инвестиции од 1,1 милион евра. После 24 месеци имаме над 300 компании корисници (минати и тековни повици), со вкупно ниво на инвестиции од околу 55 милиони евра. Значи, за 50 пати е зголемен обемот на инвестиции во домашниот приватен сектор, само по основ на поддршката од Фондот.

Во однос на резултатите, еве само неколку бројки. Во овие 55 милиони, компаниите учествуваат со над 20 милиони евра сопствени средства. Се ангажираат над 1.500 лица, со просечни плати над 40.000 денари. За дел од овие компании (околу 52, што почнаа порано со реализација) веќе е направена анализа што покажува дека приходите растат со 50% во просек годишно во однос на периодот пред инвестицијата. Добивката расте со 60%. И ова е само почеток.

Овие бројки се потврда дека со вистински пристап, па дури би рекол и храбри потези за кои на почетокот се соочивме со оправдан сомнеж и критики, може да се поместат нештата и да се придвижи економијата. Отвораме фронт против конзервативноста во системот и општеството во целина и сакаме да покажеме дека може и поинаку и подобро.

Стандард.Мк: Дали сте повикан да сведочите во истрагата која ја покрена обвинителството за овие фирми и дали воопшто сте известен до каде е истрагата?

Деспотовски: Од наша страна беше побарано сите релевантни институции да се вклучат и да проверат. Во рамки на предистражната постапка од наша страна обезбедивме се што беше побарано и за што се смета дека може да помогне во целосно согледување на работите.

Ќе повторам и тука: ниту една од компаниите за кои имаше реакции во однос на поврзаност со носители на јавни функции не доби ниту денар од Буџетот. Дел во меѓувреме и се откажаа од постапката, за дел побаравме да се произнесе и Државната комисија за спречување на корупцијата. Јавниот интерес е целосно заштитен.

Во меѓувреме ангажирана е меѓународна ревизорска куќа да направи независен извештај за работењето на Фондот во 2018 година, кога и се реализираше овој јавен повик. Пред неколку дена пристигна и конечниот извештај, во кој нема ниту една забелешка за процесот и нашето работење. Ревизорскиот извештај ќе го објавиме во целост, а е доставен исто така и до обвинителството.

Стандард.Мк: На прес конференција со вицепремиерот Кочо Анѓушев и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов го претставивте средното училиште „Михајло Пупин“ како прво кое добило фотоволтаична централа. Колку средни училишта во Северна Македонија би добиле ваша поддршка доколку го следат овој пример?

Деспотовски: Фондот во моментов поддржува 54 проекти на средни и основни училишта од целата земја во кои се вклучени стотици ученици и професори. Училиштето „Михајло Пупин“ е едно од нив и проектот на којшто овие млади луѓе работат е конкретен показател дека државата застанува позади нив со реална поддршка. Резултатот од проектот е пак показател дека оваа поддршка младите луѓе целосно ја заслужуваат и ќе ја имаат и понатаму.

Неодамна промовиравме поширока иницијатива за креирање на т.н. Фонд за млади умови. Во рамки на оваа иницијатива веќе имаме три програми што ги започнавме или се реализираат со наши меѓународни партнери, како УНИЦЕФ и УСАИД. Под оваа иницијатива во изминативе 18 месеци голем број на млади луѓе, ученици и студенти, добија можност и поддршка од Фондот за претставување на својата идеја и знаење на меѓународна сцена. Наградите и медалите се тука, но за мене е многу поважно отворањето на умот на овие деца кон надворешниот свет. Сакаме да ги поттикнеме да кажат „не“ на вистините и „вистините“ со кои секојдневно се соочуваат во светот на возрасните. Реално да сфатат дека само од нив зависи дали идејата ќе ја преточат во акција и резултат. И, во овој процес да не се грижат дали околината ќе ги „осуди“ што ете решиле да излезат од поставените рамки на размислување. Учениците од Михајло Пупин можеле комотно да си седат на час, во двор или кафуле и да не се заморуваат со темата како Град Скопје ќе обезбеди пари за затоплување на училиштето. Сепак, се одважиле, седнале, подготвиле и го спровеле. Тоа секако заслужува поддршка.

Секако Фондот не може да биде решение за сите проблеми во општеството. Но, доколку ги поттикнеме и останатите јавни институции да имаат повеќе флексибилност и слух за поинаков пристап, посебно кај младите, резултатот верувајте нема да изостане.

Стандард.Мк: Колку од оние проекти кои ФИТР ги поддржа откако сте вие на чело на Фондот сега можеме да ги наречеме „успешна приказна во С. Македонија“?

Деспотовски: Неодамна на слично прашање одговорив дека ќе биде нефер од моја страна доколку споменам само неколку. Ама, еве вака би кажал. Успешната приказна е прво Северна Македонија. Направивме скок од 25 места на глобалниот иновациски индекс. Дел од младите луѓе веќе гледаат партнер во државата во реализација на својот бизнис. Над 100 старт ап компании веќе користат поддршка од Фондот. Имаме највисоки признанија за дизајн на глобален натпревар во Германија за компанијата …. Компанијата Венито Комерц од Кавадарци разви велосипед за прочистување на воздух, за кој веќе добија признание за најдобар пронајдок на меѓународен саем во Јужна Кореа. Дел од проектите веќе имаат сериозни глобални клиенти, на пример во делот на авиоиндустријата. Компанијата Преплет работи на уникатни дизајнерски производи за лица со оштетен вид, што е актуелен глобален тренд. Компанијата АСП Пак од Охрид работи на унапредување на машини од познат светски производител, преку зголемување на нивната продуктивност неколкукратно. Алкалоид работи на нов лек против болка. И навистина многу други.

Резултат е и тоа што во Македонија се зборува за иновации. По добро или за критика, во моментот и не е толку важно за мене. Важно е дека сме дел од глобалните трендови, каде темата иновации се зборува години наназад. Имаме уште пат за одење, ама сме на вистинскиот.

Стандард.Мк: Направивте ли проверка како во минатото се трошеле парите на Фондот за иновации и дали можеби има некакви сомнителни проекти?

Деспотовски: Не. Ниту сум имал досега причина да се сомневам дека нешто не е во ред. Напротив, системот што е поставен со целосна поддршка од Светската Банка во 2015 година сметам дека здрав и солиден. Точно, ниту тогаш немало предвидено механизам за декларирање на поврзаност со носител на јавна функција, па го воведовме во 2018. Воведовме и други новини, но суштината останува – средствата се доделуваат на јавен повик, по однапред дефинирани критериуми и со одлука на меѓународен Комитет на експерти. Доделувањето на средствата е на квартална основа, по претходна проверка. И тука воведовме новитет односно проверката ја дадовме на две меѓународни ревизорски куќи. Без нивно одобрување не може да се исплати ниту денар средства на Фондот.

Стандард.Мк: Поддржавте повеќе училишта во С. Македонија во т.н. „Предизвик за млади истражувачи“. Колку е тоа успешно и дали во иднина планирате повеќе вакви проекти, со цел младите да добијат некаква сигурност дека државата го гледа нивниот иновативен дух и работи за нивниот просперитет тука, а не надвор?

Деспотовски: Како и што напоменав погоре, „Предизвик за млади истражувачи“ е еден од пилот проектите кои ги воведовме минатата година и кои даваат одлични резултати. Ги поттикнуваме децата и нивните професори да почнат да размислуваат критички и да работат на иновативни проекти. Секоја година добиваме се поголем број високо квалитетни апликации со нивни пронајдоци и сериозно применети научни методи. Верувам дека следната година квалитетот на предизвикот ќе расте и дека ќе се вклучат уште повеќе училишта. Фондот исто така дава конкретна поддршка за учество на млади луѓе на меѓународни натпревари кои редовно се враќаат со медали. Само во изминатите 18 месеци имаме вложено над 16 милиони денари за поддршка на млади. Споменав дека креираме посебен Фонд за млади умови, каде веќе соработуваме и со УСАИД и УНИЦЕФ. Целта е секако да обезбедиме услови за развивање и напредок на младите, особено на оние со значителен креативен потенцијал. Мојата цел е младите луѓе, што реално во голем број размислуваат за живот на друго место сепак да и дадат уште една шанса на државата. Ќе сторам се, и како родител, оваа шанса да не ја прокоцкаме.

Стандард.Мк: Што е следното што Фондот за иновации го планира?

Деспотовски: Планови има многу, време и други ресурси, за жал не секогаш доволно.

Фондот не застанува со активностите и како сериозен препознаен партнер на реномирани меѓународни организации продолжуваме со делување во повеќе полиња. Можам да кажам дека интензивно работиме на развивање соработка со приватни фондови кои пројавуваат интерес да инвестираат во македонски компании. Стоиме исправено пред предизвикот да сме водечка институција во Западен Балкан како земја која вложила највеќе средства во поддршка на компаниите, и ќе продолжиме со реализација на проектот за Научно технолошки парк. Сериозно ја разгледуваме можноста да развиеме програми што ќе поттикнат партнерства и заеднички проекти на домашни компании со фирми од регионот, со што ќе отвориме влез на пазар од 17 милиони луѓе. Ова со сигурност ќе привлече и голем број светски фондови кои се во потрага по сериозни инвестиции. Наш особен фокус се младите во државата за кои правиме сериозни напори, како што напоменав погоре, да ги задржиме во татковината.

Целото интервју е достапно на следниот ЛИНК