Учесници на Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки 1

Македонски основци поддржани од ФИТР се закитија со 5 медали на Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки

Две сребра и три бронзи освои македонскиот тим основци во рамки на 16. Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (16. IJSO) која се одржа во Доха, Катар.

Нашиот тим беше составен од учениците Мајкл Георгиевски (9. одд.) од „Гоце Делчев“ во Кавадарци, Емилија Николовска (8. одд) од „Григор Прличев“ во Охрид, Никола Спировски (8. одд.) и Стефан Дрмач (9. одд) од „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје, Матеј Гелев (8. одд) од „Блаже Конески“ во Велес и Теона Кировска (9. одд.) од „Гоце Делчев“ во Свети Николе.

Нив ги предводеа менторите проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика, проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија и м-р Лозенка Иванова од Институтот за биологија. Тие повеќе од три месеци работеа и ги подготвуваа учениците за меѓународниот натпревар.

На оваа Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки познавањата од областа на физиката, хемијата и биологијата си ги измерија повеќе од 400 напредни ученици до 15 години, од околу 70 земји од светот. Натпреварите се одвиваа преку индивидуални теоретски тестирања и практични тестови.

Учесници на Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки 2

Нашите ученици ги подготвуваа претставници од Друштвото на физичари на Република Македонија, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и Македонското биолошко друштво. Сите поединечно се акредитирани да ги организираат државните натпревари по физика, хемија, односно биологија, од каде што се селектираат најдобрите ученици кои потоа со своите ментори работат за да ја претстават Македонија на највисоко ниво.

Учеството на нашиот тим покрај Фондот за иновации и технолошки развој, го помогна и Агенцијата за млади и спорт.

Честитки за нашите учесници и ментори на овој престижен меѓународен натпревар кој се одржа во Доха, Катар. Сметајте на поддршката од ФИТР и во иднина!