Дрон на тимот средношколци од  „Георги Димитров“ 1

Млади истражувачи поддржани од ФИТР изработија беспилотно летало со примена во земјоделие и шумарство

Резултатите од проектот за изработка на дрон со голема носивост за прскање тешкодостапни и инфицирани шуми на тимот ученици од скопската гимназија „Георги Димитров“ и проектот на  компанијата „Талент бизнис инкубатор Степ-ап“, со иновативниот проект поддржан од Фондот за „Употреба на дронови за инспекција и надзор на далноводи и дистрибутивната мрежа на струја“ беа претставени пред учениците.

Презентацијата е во рамките на проектот „#ПетокЗаМлади @ФИТР“, во склоп на која беше промовирана и новата иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој за поврзување и соработка на учениците од основните и средни училишта кои ги поддржува Фондот со домашните компании.

 

„Целта ни е да ве научиме да размислувате критички и креативно и да сфатите дека преку ваков тип на ангажман можете реално да заработувате во иднина, преку поддршката што ја дава Фондот. Ние финансираме многу проекти зад кои стојат млади луѓе. Во моментов тоа се 54 училишта и околу стотина стартап компании. Целта на оваа иницијатива за поврзување на проекти поврзани на слични теми од ученици и компании кои ги поддржуваме е да научите нешто повеќе и како да ги развивате и унапредите своите проекти понатаму. Ве охрабрувам да учите од нивните примери и да креирате свои проекти и идеи кои понатаму ќе може да се комерцијализираат“, изјави директорот на ФИТР,“ Јован Деспотовски.

Проектот „Изработка на дрон за прскање на тешкодостапни инфицирани шуми“ е дел од „Предизвик за млади истражувачи 1“, поддржан од ФИТР, а на него работеа тим ученици, предводен од Марко Лазетиќ и менторката Гордана Николовска, од скопската гимназија „Георги Димитров“. Во својата презентација, учениците го споделија искуството од работењето на овој проект, како и вештините што ги стекнале со ваков тип на проект, како тимска работа,  способности за усна презентација и практично учење.

„Идејата со овој проект беше да се овозможи прскање и заштита на тешко достапни шуми. Овој метод е многу поефикасен од стандардното прскање со авиони бидејќи во овој случај со хемикалии се зафаќаат и здрави делови од шумата, а дронот дозволува прскање на одредени дрвја кои се заболени без да се оштетуваат здравите,“ вели Марко додавајќи дека „дронот може да се употребува и на земјоделски површини бидејќи неговото користење е многу поефикасно  и побрзо од традиционалното прскање со што се штеди време и средства.“

Покрај средношколскиот проект, на настанот се претстави и домашната компанија „Талент бизнис инкубатор Степ-ап“, со иновативниот проект кој е поддржан од Фондот – „Употреба на дронови за инспекција и надзор на далноводи и дистрибутивната мрежа на струја“.

Дрон на тимот средношколци од  „Георги Димитров“ 2

„Со поддршката на ФИТР, нашата компанија започна со употреба на беспилотните возила и имплементација на проектот. Нашата цел е да им помогнеме на компаниите што се занимаваат со производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, да обезбедат сигурно и безбедно снабдување со струја до крајните корисници, и да ги подобрат процесите за одржување со употребата на побрз, поквалитетен и посигурен надзор на надземните водови,“ истакна Дарко Петровски, претставник на Степ Ап.

Инаку Фондот во рамки на програмата „Предизвик за млади истражувачи“ во моментов поддржува 54 високо квалитетни проекти од средни и основни училишта од целата земја во кои се вклучени стотици ученици и професори, а кои работат на свои пронајдоци базирани на сериозно применети научни методи.

Во тек е и реализација на иницијатива за креирање на т.н. „Фонд за млади умови“, во која се вклучуваат и УНИЦЕФ и УСАИД, што претставува сеопфатна програма за одржлива поддршка на талентирани ученици,  и поттикнување на иновативноста и претприемништвото кај младите.

ФИТР во изминативе 18 месеци има вложено над 16 милиони денари за поддршка за младите, а голем број ученици и студенти, добија можност и поддршка од Фондот за претставување на својата идеја и знаење на меѓународни натпревари од каде голем број се вратија со освоени медали.

Дрон на тимот средношколци од  „Георги Димитров“ 3