ФИНКИ прв академски час во учебна 2019/2010 година 1

Наместо умови да извезуваме успешни приказни – Прв академски час на ФИНКИ

Знаењето е единственото богатство кое никој не може да ви го земе – со оваа порака на деканот Иван Чорбев го започна првиот академски час за учебната 2019/2020 година за 1062 бруцоши на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски посочи дека до сега повеќе од 100 стартап компании користат средства од Фондот, развиваат свои бизниси и вработуваат млади луѓе. Во скора иднина, рече тој, бројот на вакви успешни примери на брзорастечки бизниси поддржани од ФИТР ќе биде уште поголем.

ФИНКИ прв академски час во учебна 2019/2010 година 2

„Верувајте, еднакво сум возбуден како студентите кои се тука присутни. Наша цел е заедно да ги смениме стереотипите дека секој оној кој е млад, добро образован и паметен треба да си замине од земјава за да успее. Прашањето за одлив на мозоци е легитимно, но ве охрабрувам да размислувате во насока на тоа што може државата да направи за вас и вашата иднина овде. За таа цел, ФИТР креира програми за младите луѓе кои сакаат своите бизнис идеи да ги развијат дома.“, истакна Деспотовски.

Директорот на ФИТР ги увери младите дека Фондот за иновации и технолошки развој и понатаму ќе вложува во ваквиот свет на млади, иновативни и талентирани умови!

„Искористете го знаењето што ќе го стекнете на факултет. Техничките науки се иднината на светот, а вие сте направиле вистински чекор, затоа што технологијата го движи светот.“, рече Деспотовски во своето обраќање пред новозапишаните студенти на ФИНКИ.

ФИНКИ прв академски час во учебна 2019/2010 година 3

На настанот, свое обраќање имаа и директоркaта на МАСИТ, Анита Никова, креаторот на апликацијата „Мој воздух“, Горјан Јовановски, како и д-р Томе Ефтимов – најдобар млад научник од нашата земја за 2018 година.