Стартапувај 2 јавна промоција 1

Нов јавен повик на ФИТР „Стартапувај2“ – Зголемен буџет од 1,5 милиони евра за стартап компании

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави нов јавен повик за стартап компании. Презентацијата на инструментот на ФИТР кој е наменет за финансиска поддршка на фирми не постари од 6 години, како и критериумите и условите за аплицирање,  се одржа во амфитеатарот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Фокусот на оваа мерка поддржана од Светска Банка се младите, а целта на инструментот е поттикнување на истражувачките и развојните процеси на нови бизниси.

Проф. д-р. Абдулменаф Беџети, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа посочи дека овој универзитет е еден од водечките високообразовни институции не само во државата, туку и во регионот, и дека кадарот што добива високо образование таму е меѓу најконкурентните на пазарот на трудот.

„Најновите статистики покажуваат дека 70 проценти од студентите на додипломските студии на Универзитетот на Југоисточна Европа се вработуваат најдоцна во период од 12 месеци по завршувањето на студиите. Ова е доказ дека Универзитетот има наставен кадар кој ги подготвува студентите со теоретска, но и практична настава за потребите и барањата на пазарот на трудот. Токму затоа сметам дека Фондот за иновации и технолошки развој ја избрал најсоодветната високообразовна институција каде ќе ги презентира своите активности и можности за младите претприемачи, односно ќе го презентира новиот повик за стартап компании,“ кажа проф. д-р Беџети.

Јован Деспотовски, директорот на Фондот, кој се обрати пред присутните студенти и претставници на бизнис заедницата, нагласи дека приоритет на активностите на ФИТР се токму младите луѓе за кого државата нуди конкретна поддршка и мерки за развивање сопствен бизнис дома.

„Целта на Фондот е да поттикнеме што повеќе млади луѓе да се охрабрат да основаат свој бизнис во сопствената држава и да аплицираат. Минатата година успеавме во тоа, а потврда за тоа се бројките:  85 стартап компании поддржани под овој  инструмент, што претставува 30% од портфолиото на Фондот. Вкупен износ на вложени средства во овие компании се 2,4 милиони евра, а ако го земеме в предвид минатото искуство, овој износ ќе се зголемува во иднина. Сакам да потенцирам дека иновациите се применливи насекаде и сакам да ги охрабрам студентите и младите лица во државата да аплицираат за овој инструмент бидејќи компаниите што добиваат поддршка од ФИТР се одличен показател дека добра идеја може да се реализира во добар бизнис, а државата нуди конкретни механизми и спроведува конкретни активности да ги задржи тука,“ истакна Деспотовски.

Условите, критериумите и целта на инструментот за кофинансирани грантови за стартап и спиноф компании ги презентираше Пиштар Љутфиу, член на управниот одбор на Фондот и поранешен министер за образование и наука. Тој истакна дека механизмите на ФИТР за финансиска поддршка, како и мерките преземени во поглед на подобрување на формалното и неформалното образование даваат очигледни резултати.

Стартапувај 2 јавна промоција 3

„Фондот нуди конкретни мерки како да ги задржи младите луѓе дома и за таа цел соработува со сите општествени чинители и релевантни институции како што се Агенцијата за вработување, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, но и сите засегнати министерства во процесот. Ова е еден од најважните сектори во државата, кој заслужува ваков вид поддршка затоа што инвестирањето во младите е иднината на оваа земја. Со овој инструмент на Фондот, се отвораат нови работни места, се стимулира истражувањето и развојот на бизнис идеите кај младите и се подобрува целокупната економија. Затоа, моја препорака е да ги искористите можностите што ви ги нуди државата и да го разбудите претприемачот во себе!,“ истакна Љутфиу.

Вкупниот буџет на овој јавен повик е зголемен и сега изнесува 1,5 милиони евра. Максималната сума што може да биде доделена од страна на ФИТР е во висина од 30.000 евра, што претставува 85% од вкупната вредност на проектот. Останатите 15 проценти треба да ги обезбеди апликантот.

Јавниот повик за кофинансирани грантови за новоосновани стартап и спиноф компании на Фонд за иновации и технолошки развој е објавен денес (25.12.2019 год) и ќе трае до 25.02.2020 година.

Сите детали за овој јавен повик на ФИТР можете да ги најдете следниот линк: fitr.mk/startapuvaj-2

Стартапувај 2 јавна промоција 2