Predizvik-za-mladi-01-02-2019-4

Објавен вториот јавен повик „Предизвик за млади истражувачи“ на Фонд за иновации и технолошки развој

Заменик министерот за образование и наука Петар Атанасов и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски денеска го презентираа вториот јавен повик за финансирање научно-истражувачки проекти во основни и средни училишта – „Предизвик за млади истражувачи“.

Според првиот човек на ФИТР, целта на овој јавен повик е да се поттикне критичкото и креативното размислување кај младите и е дел од поглема програма на Фондот креирана за млади.

„Ми претставува лично задоволство што успешно реализиравме еден ваков јавен повик, а денес го објавуваме вториот „Предизивик за млади истражувачи“. Искрено се надевам дека ова ќе стане редовен инструмент во Фондот, во кој фокусот е на природните и техничките науки, како и научно-заснованото истражување, и критичкото размислување,“ посочи Јован Деспотовски.

Predizvik-za-mladi-01-02-2019-3

Заменик министерот за образование, Петар Атанасов истакна дека најдобри резултати има кога сите институции работат заедно и имаат заедничка цел.

„Кога на младите истражувачи ќе им се даде шанса, малку финансии и добри наставници, резултатот е видлив. Целта на овој јавен повик е на учениците да им се додели простор во кој ќе добиваат нови идеи, а сето ова во функција на поддршка на младите истражувачи кои ќе имаат огромен придонес во заедничкото создавање квалитет.“

Predizvik-za-mladi-01-02-2019-1

На настанот кој денеска се одржа во скопската гимназија „Георги Димитров“, членовите на тимот кои на минатогодишниот повик добија финансиски средства, го претставија својот проект – дрон што може да се користи на тешко пристапни места за гасење на пожари или пак за прскање на шуми.

Потребата од вакви иницијативи кои ги мотивираат младите да излезат надвор од стандардните училишни рамки и да се обидат самите да создадат нешто иновативно и конкретно ја потврди и професорката Гордана Николовска, ментор на тимот што ја освои наградата на ФИТР.

„Повикот е убава прилика за младите во државата и очекуваме годинава уште повеќе ученици да се мотивираат. Бидејќи со добра идеја и труд може да се направи нешто добро и корисно и за училиштето и за учениците и општеството,“ истакна Николовска.

За најуспешните истражувачи се предвидени награди во две категории: Научно-истражувачки проекти во основното образование и Научно-истражувачки проекти во средното образование.

Буџетот на поединечен предлог проект е до 300 000,00 (триста илјади) денари, односно дополнителни 30,000 денари наставниците ментори наменети за обуки, семинари, конференции што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

На Јавниот повик можат да се пријават сите основни и средни училишта во Р.Македонија, при што секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим составен од еден до два наставника, како лидери на проектот и три до седум ученици. Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично) и се поднесени од училишта од рурални средини.

Јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ кој ФИТР го објави денес ќе трае до 31.03.2019 година. Сите дополнителни информации се на www.fitr.mk/predizvikzamladi2