Оброк за сите пакети Црвен Крст во Куманово

Пакети со храна на месечно ниво за социјало ранливи категории граѓани од Куманово преку проектот „Оброк за сите“

Пет семејства од Куманово и соседните општини добиваат храна на месечно ниво во рамки на пилот проектот „Оброк за сите“ финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој, поддржан од Министерството за труд и социјална политика.

– Црвен крст на Република Македонија – општинска организација Куманово по иницијатива и соработка со невладините организации „Сите Сити” и „Ајде Македонија” се вклучи во програмата за дистрибуција на прехранбени семејни пакети за семејства од социјален ризик. Во програмата за оваа година предвидено е да бидат опфатени пет повеќечлени семејства од социјален ризик на кои еднаш месечно ќе им се дистрибуира фамилијарен пакет со конзервирана храна, изјави Бојан Петрушевски од кумановскиот Црвен Крст.

Годинава во проектот опфатени се три повеќечлени семејства од градот Куманово и по едно семејство од селата Драгоманце и Степанце. Петрушевски изјави дека работат во иднина да успеат да го прошират бројот на семејства кои ќе бидат опфатени со оваа програма.

Со програмата „Оброк за сите“ на ФИТР и МТСП во вид на пилот проект опфатени се и семејства од Прилеп и Скопје. Пилот проектот цели кон значително зголемување на процентот на задоволување на потребите за храна кај сите граѓани кои имаат потреба од ваква поддршка, а го спроведува Сите сити – Ајде Македонија заедно со своите партнери.

Повеќе инфо за #ОброкЗаСите може да погледнете на следниот линк: http://www.fitr.mk/obrokzasite/