Оброк за сите на Сите сити - Ајде Македонија поддржан од ФИТР

„Оброк за сите“ е социјална иновација која почнува да дава видливи резултати

Во рамки на пилот проектот „Оброк за сите“ кој го спроведува организацијата „Сите Сите – Ајде Македонија“ заедно со своите партнери, а е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за труд и социјална политика, се доставува храна за бездомниците во Момин поток. Храната се доставува секоја среда во изминатиот период, дополнето со поголеми количини кои опслужуваат и други кујни. Во рамки на проектот се пилотира и модел за дистрибуција на прехранбени пакети до социјално загрозените граѓани во Скопје, Куманово и Прилеп. А волонтерите на Црвен крст, двапати во неделата дистрибуираат топол оброк за 10 стари лица до нивните домови.

Со ова иновативно решение за обебедување и подготвување на оброци за лица во социјален ризик се прибираат информации кои ќе помогнат за потенцијално подобрување на дел од постоечките програми за поддршка на социјално загрозените граѓани со храна.

Иновативниот модел на „Оброк за сите“ чија вкупна вредност во пилот фазата изнесува околу 2 милони денари е финасиран од ФИТР и планот е понатаму да почне да се применува низ целата држава, информираат од организацијата „Ајде Македонија – Сите сите“.

Дополнително, целта на „Сите сити“ е значително да го намали бројот на гладни граѓани, кои не може да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, како и да станеме земја во која добрата храна не се фрла.

Нашата држава е во високите 10 места во светот по фрлање храна, во услови кога околу 460.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и не можат да си обезбедат по три оброци дневно. Процените се дека вкупните вишоци храна кај нас надминуваат 100.000 тони годишно.

Токму овие загрижувачки податоци беа причина оваа организацијата да започне да го развива системот „Сите сити“, преку која се спасува добрата храна, па наместо да се фрла, се пренасочува кон оние на кои им е најпотребна.

До денес, преку оваа мрежа се донирани над 100 тони храна, односно над 400.486 порции. Големи количини на квалитетна храна со возило се превзема од различни бизниси, и се носи во центри за бездомници, народни кујни, и слично. Оваа активност „Сите сити – Ајде Македонија“ ја организира во соработка со повеќе од 20 големи компании од индустријата за храна, меѓу кои и „Виталиа“, „Жито леб“, „Витаминка“, „Кола“, а над 30 партнерски граѓански организации ја доставуваат храната до крајните корисници.