IMG_2285

Од идеја до нов производ – ученици на теренска настава во „Виталиа“ во рамки на иницијативата „Петок за млади @ФИТР“

Ученици од ОУ „Крсте Мисирков“ од Куманово и СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица денеска (23.11.18) беа на теренска настава во компанијата „Виталиа“ каде што се запознаа со концептот на развој на еден иновативен производ од идеа до реализација. Посетата на оваа компанија која е поддржана од ФИТР за развој на нов иновативен производ е во рамките на иницијативата „Петок за млади @ФИТР“.

Учениците имаа можност одблизу да ги дознаат начините и методите на работа кои се користат со цел да се дојде до нов и поинаков производ, како и да ги видат производствените капацитети на фабриката.

„Мило ни е што кај волку млади луѓе има интерес да научат нешто ново на место каде што има производствени линии за над 300 производи. Се надеваме дека ќе им бидеме инспирација и дека од нас ќе научат како е да се работи според сите светски стандарди а да се развива бизнис дома,“ рече Оливера Здравковска, технолог и менаџер на секторот за истражување и развој на производи во „Виталиа“.

IMG_2214

Учениците од овие две училишта се наградени во јавниот повик на ФИТР – „Предизвик за млади истражувачи“ за нивните иновативни проекти кои се поврзани со експериментални истражувања во областа на земјоделието.

„Фондот го препозна нашиот потенцијал и сме среќни што имавме можност да присуствуваме на ваков вид „настава“ во Виталиа. Учениците се навистина задоволни од ова искуство кое сигурно ќе ги поттикне да развиваат нови проекти,“ посочи Емилија Поп Глигорова, ментор на учениците од кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“.

Инцијативата #Петок за млади @ФИТР има за цел поттикнување на критичкото и креативното размислување кај младите, како и можност тие да стекнат знаење и да се поттикне претприемачкиот дух.

Компанијата „Виталија“  е една од над 70 домашни компании/конзорциуми во првиот инестициски бран поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој, а во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.