Startapuvaj-baner_640x360px

Огромен интерес кај стартап компаниите за финансиска поддршка од ФИТР

Во Фондот за иновации и технолошки развој беа презентирани првичните резултати по завршената административна проверка на пристигнати апликации на јавниот повик за инструментот Ко-финансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ – СтартАПувај, финансиран од ФИТР и Светска Банка.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски потенцираше дека интересот за аплицирање е навистина голем, особено кај младите луѓе. Според податоците, на повикот аплицирале 186 компании, а побарани се пет пати повеќе средства од предвидениот буџет за инструментот кој изнесува еден милион евра.

Деспотовски нагласи дека позитивно е тоа што 91% од компаниите за првпат учествуваат на јавен повик организиран од страна на Фондот, како и тоа  дека дури 2/3 од компаниите што аплицирале не се постари од една година, а повеќе од 50% од нив се основани по објавата на јавниот повик.

“Она што особено не охрабрува е што сме успеале во намерата да ги поттикнеме младите да размислуваат покрај работа во јавен сектор или да си заминат од државата, да останат овде, да отворат свој бизнис и да аплицираат за поддршка во Фондот. Тоа ни беше и основната цел со овој повик, “ истакна Деспотовски.

Јован СтартАПувај 4

Најголем број предлог проекти се во ИТ индустријата, но застапени се и 20 други сектори како земјоделие, автомобилската индустрија, транспорт, економија, маркетинг и медицина. Исто така компаниите предвидуваат отворање на 409 нови работни места со просечна плата од над 30,000 денари.

Според Деспотовски дополнителен позитивен показател е податокот дека со овој повик се поттикнува женското  претприемништво во земјава, односно дури 35% од компаниите апликанти имаат жена управител или член на сопственичката структура.

„ Ова се показатели кои говорат дека сме успеале да ја придвижиме македонската стартап заедница и полека да ја менуваме свеста во земјава, особено кај младите, дека можат да креираат успешни бизнис приказни дома,“ заклучи Деспотовски.

Во тек е процесот на предселекција од страна на надворешни експерти,  по кој ќе следи финалната селекција која ја спроведува Комитетот за одобрување инвестиции на ФИТР, независно тело составено од странски експерти именувани од Владата на Р.М.  Се очекува целиот процес за биде заокружен за еден месец.

Јавниот повик беше отворен од 22.10.2018 година до 11.12.2018г.