Отворање на MKstartups Space 1

Се отвори првиот центар на стартап заедницата во Скопје – MKstartups Space

Македонската стартап заедница доби свој центар MKstartups Space наменет за настани, вмрежување и едукација на иновативните претприемачи. Центарот се наоѓа во Скопје на локација кај автобуската станица Рекорд, и е под водство на Асоцијацијата Стартап Македонија во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој.

„Сега е вистински подвиг да споиме уште еден важен дел во сложувалката, со цел градење и управување со “дом“ на стартап заедницата, физички простор и претприемачки центар, со што ќе ги споиме сите актери во македонскиот екосистем под еден покрив. Во MKstartups центарот ќе ја продлабочуваме соработката со компаниите која треба во иднина да придонесе до иновативни идеи, размена на знаење, вмрежување, како и аплицирање на активни програми за финансиска поддршка” изјави Дејан Алексов, претседател на Стартап Македонија.

Отворање на MKstartups Space 2

Потпишувањето на договорот за соработка помеѓу Стартап Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој е прв чекор за поддршка од државата за стартап заедницата со отстапување на простор за основање на центарот.

„Верувам дека поддршката на креативните млади луѓе и нивните идеи преку најразлични мерки е поттик да ја градат нивната иднина во нашата држава, а своите успешни бизнис приказни да ги извезуваат надвор од нашите граници. Со нашата помош на Стартап Македонија  целиме сите засегнати страни во стартап екосистемот кохерентно да работат на подобрување на деловните услови во земјава и создавање повеќе можности за одржливи бизниси.  Република Северна Македонија годинава бележи скок од 25 места на ранг листата на Глобалниот иновациски индекс што е уште еден показател дека сме на добар пат и дека треба да продолжиме заедно со Владата да им бидеме партнери на оние кои имаат желба да направат позитивни промени и да ја зајакнат економијата во државава“ потенцираше Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Отворање на MKstartups Space 4

Стартап Македонија активно го развива македонскиот стартап и иновативен екосистем веќе 5 години. Како лидери работат на зајакнување на капацитетите, овозможување соработка, развој на претприемачкиот начин на размислување, споделување на можности и надминување на предизвиците.

„Заедно во #MКstartups Space, можеме да изградиме уште посилна заедница, да го зајакнеме претприемачкиот дух, да се натпреваруваме со меѓународната конкуренција, да поддржиме и градиме глобално успешни стартапи, да создаваме компетитивни работни места и економска стабилност за македонското општество. Со локалните партнери работиме на создавање услови за соработка наместо конкуренција, додека пак SwissEP екперти од светски рамки споделуваат знаење и вештини со нив  и баш тој микс ни овозможува овој еко систем да биде не само дел од  туку и атрактивен  во глобалната стартап заедница“ додаде Нина Николиќ, Координатор на Швајцарската програма за претприемништво, (SwissEP).

На отворањето на центарот од Амбасадата на Швајцарија го потенцираа развојот на стартап сцената во државата и посакаа успех во неговото натамошно развивање.

„Кога Швајцарија ја започна својата поддршка кон македонскиот претприемачки екосистем пред околу четири години, екосистемот не беше толку живописен како денес. Ситуацијата денес изгледа сосема поинаква, а ние веруваме дека дел од тоа е благодарение на Асоцијацијата Стартап Македонија. Драго ни е што успешно соработуваме со Стартап Македонија уште од основањето и ја продолжуваме нашата соработка и во иднина за успешен развој и раст екосистемот“ истакна Стефан Томаџан, заменик Шеф на Мисија, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија.

Од УСАИД активно работат на развивање на екосистемот во земјата и овозможија финансиска поддршка за пласирање на дигитална платформа.

„Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем веќе две години интензивно работи на зајакнување на стартап заедницата во Северна Македонија. Затоа, на почетокот на 2019-та година преку грант ги поддржавме Стартап Македонија во развивање на нова дигитална платформа за поврзување на екосистемот и зајакнување на интерактивноста меѓу чинителите во стартап заедницата.  Секако, дигиталното поврзување е само еден сегмент од мозаикот, па затоа се надеваме дека MКstartups центарот, поддржан од Фондот за иновации ќе служи како идеален простор во кој Стартап Македонија ќе може да прерасне во вистинска чадор организација која ќе ги интегрира и развива активностите на сите чинители во стартап заедницата“ истакна Мирјана Македонска, директор на проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Отворање на MKstartups Space 3

Стартап Македонија во април годинава објави Google Digest календар  кој постојано се ажурира со настани, обуки и активности наменет за сите кои се дел од стартап заедницата. Дигиталната платформа е во изработка и  до денеска на неа се регистрирани 100 стартап компании. Целта на оваа платформа која ќе е функционална до крајот на годинава, е да ги поврзе сите чинители на стартап екосистемот, не само во главниот град на нашата држава туку на регионално и на глобално ниво, а со тоа и да се поттикне и постепено да се помогне во развојот на стартап потенцијалот кај младите.