Таргет Груп видео ФИТР

Поддршка од ФИТР за проект на компанијата „Таргет груп“

Проектот „Развој на модули на Бизнис Мрежа.мк Развој на нов производ Credit Information Solutions“ на компанијата Таргет груп има за цел надградба на веќе постоечка платформа за деловни информации, како и изградба на сосема нова платформа за изработка и продажба на бонитетни извештаи за компании од регионот.

„Проектот за кој нашата компанија доби грант за кофинансирање од страна на #ФИТР е поделен во два дела. Првиот дел се однесува на надградба на веќе постоечка платформа за деловни информации: biznismreza.mk и се предвидува развој на нови модули кои што ќе ја олеснат употребата на самите клиенти. Во вториот дел предвидуваме изградба на сосема нова платформа за изработка и продажба на бонитетни извештаи за компании од регионот на поранешна Југославија и компании што соработуваат со нив од целиот свет, а се предвидува и платформата да биде пласирана на глобално ниво со цел да ги задоволи потребите на сите компании без разлика на регионот со кои што работат“, велат од компанијата Таргет Груп.

Тие истакнуваат дека во самиот тек на проектот се предвидени четири нови вработувања, а дополнително по истекот на проектот со секои нови четири до пет држави што се вклучуваат на платформата се очекува дополнително вработување.

„Што се однесува до бенефитите за домашните компании, тие ќе имаат лесен пристап до деловни податоци за партнери од странство со кои што немале досега соработка, така што ќе се олесни целокупното работење на сите локални компании.“, истакнува претставникот на компанијата во видеото.

Компанијата Таргет Груп е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Влада на Република Македонија.

Со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.