Деловно–технолошки акцелератор е субјект за давање инфраструктурна поддршка на иновациска дејност (според Законот за иновациска дејност), чија основна дејност е ставање на располагање деловен простор, административни и технички услуги, менторство и обука, консултантски услуги, обезбедување почетно финансирање и давање стручна помош за надминување на организациските и на стратегиските пречки на претпријатијата во основање („старт-ап“ компании), вклучувајќи го периодот на развивање на деловната идеја, па сè до основањето и почетното дејствување на „старт-ап“ компанијата, како и нејзиниот раст.

Услови за финансирање

Максималниот износ што ќе биде финансиран од страна на Фондот за воспоставување, оперативни трошоци, хонорар за менаџирање и за финансирање на акцелерираните претпријатија изнесува 500 000,00 евра по формиран акцелератор. Овој износ ќе биде искористен за поставувањето на акцелераторот, како и за фазата на финансирање, односно финансиската поддршка на акцелерираните претпријатија.

Акцелераторот, освен техничка и логистичка помош, обезбедува и финансиска помош, и тоа финансирање за време на почетната фаза, до максимален износ од 22 000,00 евра по проект, и можност за дополнително финансирање, до максимален износ од 72 000,00 евра по проект, наменет за најдобрите претпријатија што успешно ќе поминат низ фазата на акцелерација. Понатамошното финансирање е можно само доколку акцелераторот успее да привлече или да вложи сопствени дополнителни средства. За потребите на фазата на финансирање, акцелераторот ќе склучува посебни договори за финансирање со претпријатијата, во кои ќе ги дефинира правата и обврските на двете договорни страни, како и типот на финансирање што ќе биде понуден (директен влог како удел, условен заем, еквити, мезанин-инвестиции, заем со ројалти-надоместок и слично).

Кој може да аплицира?

Апликантот за акцелератор може да е установа што врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност, или правно лице основано во согласност со Законот за трговски друштва и/или Законот за здруженија и фондации и регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија, сопственост на лице/а македонски државјани(н), или претпријатие со доминантна македонска сопственост.

Апликантот за акцелератор треба да има менаџерски тим составен од искусни професионалци, во согласност со професионалните стандарди издадени од страна на Eвропската асоцијација за приватен еквити и ризичен капитал (European Private Equity and Venture Capital Association) или други слични организации. Како тим ќе се очекува да дејствуваат независно, но под надзор и во координација со Фондот. Треба да имаат релевантно искуство во поддршка на млади претпријатија.

Цели

Поттикнување на претприемаштвото преку поддршка на физички лица што сакаат да основаат претпријатие, како и на веќе основани претпријатија во нивната почетна фаза (кои постојат до шест години) преку обезбедување едукативна, логистичка и финансиска помош.
Деловните акцелератори со инвестициските фондови за рана фаза на развој можат да станат динамични алатки за поттикнување нови вложувања во различни сектори, особено во ИКТ, поврзувајќи ги талентот, технологијата, капиталот и „know-how“ во една ефективна рамка.

Времетраење

Проектот за поддршка на акцелератори е со времетраење од 42 месеци, сметано од денот на потпишувањето на договорот за доделување средства со Фондот. Избраниот апликант има најмногу 6 месеци за поставување на акцелераторот и 3 години активно да го раководи.

Периодот на нудење на услугите на акцелераторот за почетната фаза не треба да биде подолг од 6 месеци почнувајќи од денот на стапување на лицето/ претпријатието во акцелераторот.

Критериуми за оценување

  • Профил на менаџерскиот тим и на човечките ресурси;
  • Квалитет на проектот;
  • Институциски капацитети и одржливост;
  • Финансиски параметри;
  • Релевантност на буџетот.

За повеќе информации, погледнете го Правилникот за инструментот.

Фондот ќе финансира до 75% проценти од вкупниот буџет на проектот. Минимум 25% треба да бидат обезбедени од страна на апликантот. Максималниот износ што ќе биде финансиран од страна на Фондот за воспоставување, оперативни трошоци, хонорар за менаџирање и за финансирање на акцелерираните претпријатија изнесува 500 000,00 евра по формиран акцелератор. Овој износ ќе биде искористен за поставувањето на акцелераторот, како и за фазата на финансирање, односно финансиската поддршка на акцелерираните компании.

„Иновација“ е примена на нов или на значително подобрен производ, технологија, процес или услуга, вклучително и техничките спецификации, компоненти и материјали, вграден софтвер, ориентација кон корисници или други функционални карактеристики, маркетиншки метод или нов организациски метод во работењето, во организацијата на работните односи или на односите на правното лице со околината.

„Иновација на производ“ е примена на нов или на значително подобрен производ, а не е промена со естетска природа или само продажба на иновативни производи, произведени и развиени од страна на друго физичко или правно лице

„Иновација на процес“ е примена на нов или на значително подобрен начин на производство или на испорака, на складирање и на транспорт, вклучително и значителни промени во техниката, во опремата или во софтверот, не ограничувајќи се само на организациски и на менаџерски промени.

Иновација на технологија“ е примена на нова или на значително подобрена технологија.

Организациска иновација“ е примена на нови или на значителни промени во структурата или во методите на управувањето, со цел подобрување на употребата на знаењето, на квалитетот на производите или на услугите или зголемување на ефикасноста на деловните процеси, во соодветното правно лице или влез на нови пазари.

Маркетиншка иновација“ е примена на нови маркетиншки методи, вклучувајќи и значителни промени во дизајнот на производот, пакувањето, пласманот и во промоцијата на производот и во неговата наплата.

Иновација на услуга“ е примена на нова или на значително подобрена услуга.