Кој може да аплицира?

Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) сè до преткомерцијална (претпазарна) фаза.

Инструментот е отворен за микро, мали и средни претпријатија (од сите сектори) што сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие или установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност.

Предлог-проекти од поединечни апликанти (микро, мали и средни претпријатија) и конзорциуми водени од микро, мали и средни претпријатија се подобни за финансирање преку овој Инструмент.

За повеќе информации, погледнете го Правилникот за овој инструмент

Цели

Целта на овој Инструмент е да поттикне зголемување на истражувањето и развојот во приватниот сектор, да се охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните инаучни установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации.

Времетраење

Времетраењето на проектите финансирани преку овој Инструмент може да биде до 24 месеци. Под оправдани околности, проектите можат да бидат продолжени за дополнителни 12 месеци по претходно одобрение на Фондот.

Критериуми за евалуација на проекти

Главните критериуми за евалуација на проекти и доделување средства под овој Инструмент се:

  • Степен на иновативност
  • Квалитет на проектот
  • Капацитет на проектниот тим
  • Потенцијал на пазарот
  • Влијание

Форми на финансирање

Финансирањето под овој инструмент може да биде доделено во форма на кофинасиран грант или во форма на условен заем, во зависност од висината на приходите на Апликантот, при што се применуваат следниве критериуми:

  • Финансирањето за претпријатија со годишен приход кој не надминува 500.000,00 (петстотини илјади) евра во претходните две години, се доделува во форма на кофинансиран грант;
  • Финансирањето за претпријатија со годишен приход кој надминува 500.000,00 (петстотини илјади) евра во претходните две години, се доделува во форма на условен заем.

Финансирањето во форма на условен заем подразбира иницијално доделување средства на корисниците во форма на заем со можност, доколку корисникот ги исполни условите поставени од Фондот, дел од износот на заемот да биде конвертиран во кофинансиран грант.

За подетални информации околу условите за конверзија, погледнете го Правилникот за овој инструмент.

Максималниот износ кој може да биде доделен во форма на заем не може да надмине 30% од вкупниот капитал на апликантот.

Условниот заем ќе биде отплатен во рок од 5 години по завршувањето на проектот. Искористениот дел од условниот заем се отплаќа квартално со фиксна каматна стапка од 2% (два проценти)на годишно ниво, согласно Амортизациониот план на отплата.

Плаќање ројалти за кофинансирани грантови

Во случај на финансии доделени во форма на кофинансиран грант, по успешна комерцијализација, приходите (не само добивката) на корисникот остварени како резултат од проектот добиени од продажбата на производот/услуга или некој друг последователен производ/услуга врз основа на технологијата развиена во рамки на проектот финансиран од страна на Фондот, станува основа за плаќање на ројалти кон Фондот. Секое плаќање ројалти ќе се врши по стапка од 5% од годишниот приход добиен од продажба на производот/услугата кои се резултат на проектот, сè додека не се оствари поврат на 120% од износот на финансирање добиен од Фондот или за период од 5 години по завршувањето на проектот, во зависност од тоа кој услов прво е постигнат.

За повеќе информации, погледнете го Правилникот за инструментот.

Преку овој инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 70% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 100.000 евра.

Преостанатиот износ од вкупниот буџет за проектот треба да биде обезбеден од страна на апликантот.

„Иновација“ е примена на нов или на значително подобрен производ, технологија, процес или услуга, вклучително и техничките спецификации, компоненти и материјали, вграден софтвер, ориентација кон корисници или други функционални карактеристики, маркетиншки метод или нов организациски метод во работењето, во организацијата на работните односи или на односите на правното лице со околината.

„Иновација на производ“ е примена на нов или на значително подобрен производ, а не е промена со естетска природа или само продажба на иновативни производи, произведени и развиени од страна на друго физичко или правно лице.

„Иновација на процес“ е примена на нов или на значително подобрен начин на производство или на испорака, на складирање и на транспорт, вклучително и значителни промени во техниката, во опремата или во софтверот, не ограничувајќи се само на организациски и на менаџерски промени.

„Иновација на технологија“ е примена на нова или на значително подобрена технологија.

„Организациска иновација“ е примена на нови или на значителни промени во структурата или во методите на управувањето, со цел подобрување на употребата на знаењето, на квалитетот на производите или на услугите или зголемување на ефикасноста на деловните процеси, во соодветното правно лице или влез на нови пазари.

„Маркетиншка иновација“ е примена на нови маркетиншки методи, вклучувајќи и значителни промени во дизајнот на производот, пакувањето, пласманот и во промоцијата на производот и во неговата наплата.

Иновација на услуга“ е примена на нова или на значително подобрена услуга.