Кој може да аплицира?

Инструментот поддржува проекти кои се во фаза на „потврден концепт“ (proof of concept) до предкомерцијална (предпазарна) фаза и со реален план за комерцијализација.

Инструментот е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години) –„старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани (50,1% или повеќе), кои имаат иновативна идеја во фаза на „потврден концепт“ со солидно очекување за комерцијализација.

Подобни за финансирање под овој инструмент се апликантите кои ги исполнуваат следните критериуми:

  • правно лице основано во согласност со Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на РМ;
  • да не поминале повеќе од 6 (шест) години од денот на основање на апликантот до денот на аплицирање;
  • новоосновано, микро, мало или средно претпријатие (до 250 вработени);
  • да е со мнозинска македонска сопственост (50,1 % или повеќе);
  • да е во сопственост на физичко лице/а и/или микро, мало, или средно претпријатие (со мнозинска македонска сопственост со 50,1% или повеќе) и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност (со сопственички удел во апликантот до 20%);
  • годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 1.000.000,00 (еден милион) евра според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
  • да не е капитално поврзано (согласно Законот за трговски друштва) со друго претпријатие каде што збирните годишни приходи на двете претпријатија надминуваат 1.000.000,00 (еден милион) евра во претходните две години, освен во случај на капитална поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
  • да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двесте илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако е активен во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да не е претпријатие во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието); и
  • да не се занимава со производство на јаглен.

Цели

Инструментот има за цел да го поттикне нивото на иновативност преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности на истражување и развој на „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија. Дополнително се очекува со овој инструмент да се поттикне културата на преземање на ризик и иновација, и да се обезбеди поддршка за претпријатијата кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес или услуга.

Времетраење

Времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој инструмент може да биде до 12 (дванаесет) месеци.

Под оправдани околности времетраењето на спроведувањето на проектот може да биде продолжено најмногу за дополнителни 6 (шест) месеци со претходно добиено одобрување.

Критериуми за оценување

  • Степен на иновативност
  • Квалитет на проектот
  • Капацитет на проектниот тим
  • Потенцијал на пазарот
  • Влијание

Повраток на средства (ројалти-плаќање)

Во случај на успешна реализација на проектот, корисникот има обврска за отплата на ројалти кон Фондот во износ од 5% од вкупниот приход генериран од резултатите на проектот, во времетраење од 5 (пет) години по завршувањето на проектот, или пак до исплата на 120% од доделената сума. Доколку резултатите на проектот не генерираат приход во период од 5 (пет) години по завршувањето на проектот, доделените средства се неповратни.

Плаќањето на ројалти ќе се пресметува годишно од страна на Фондот во тековната година за претходната година, и треба да биде платено од страна на Корисникот кон Фондот до 31 март во тековната година за претходната година.

За повеќе информации, погледнете го Правилникот за инструментот.

Преку овој инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра.

Преостанатиот износ од вкупниот буџет на проектот треба да биде обезбеден од страна на апликантот.

„Иновација“ е примена на нов или на значително подобрен производ, технологија, процес или услуга, вклучително и техничките спецификации, компоненти и материјали, вграден софтвер, ориентација кон корисници или други функционални карактеристики, маркетиншки метод или нов организациски метод во работењето, во организацијата на работните односи или на односите на правното лице со околината.

„Иновација на производ“ е примена на нов или на значително подобрен производ, а не е промена со естетска природа или само продажба на иновативни производи, произведени и развиени од страна на друго физичко или правно лице.

„Иновација на процес“ е примена на нов или на значително подобрен начин на производство или на испорака, на складирање и на транспорт, вклучително и значителни промени во техниката, во опремата или во софтверот, не ограничувајќи се само на организациски и на менаџерски промени.

„Иновација на технологија“ е примена на нова или на значително подобрена технологија.

„Организациска иновација“ е примена на нови или на значителни промени во структурата или во методите на управувањето, со цел подобрување на употребата на знаењето, на квалитетот на производите или на услугите или зголемување на ефикасноста на деловните процеси, во соодветното правно лице или влез на нови пазари.

„Маркетиншка иновација“ е примена на нови маркетиншки методи, вклучувајќи и значителни промени во дизајнот на производот, пакувањето, пласманот и во промоцијата на производот и во неговата наплата.

„Иновација на услуга“ е примена на нова или на значително подобрена услуга.

„Новоосновано микро, мало и средно трговско друштво, „старт-ап““ е трговско друштво основано од едно или од повеќе физички и/или правни лица, од чие основање до моментот на аплицирање за финансирање од Буџетот на Република Македонија не изминале повеќе од шест години.

„Новоосновано трговско друштво, „спин-оф““ е трговско друштво основано од едно или од повеќе физички лица вработени/ангажирани или студенти во установата што врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност, и/или правни лица основани од установи што вршат научноистражувачка дејност и/или од стопански субјекти, со цел комерцијална експлоатација на иновацијата, префрлена во новооснованото трговско друштво.