sajt

Јавен повик

за финансирање на истражувачки проекти во основните и средните училишта

Предизвик за млади истражувачки и истражувачи

Цели

Една од целите на современите образовни системи е да ги поттикне учениците слободно да размислуваат и да наоѓаат креативни решенија за проблемите и прашањата со кои се соочуваат. Истовремено е важно да се негува детската љубопитност за осознавање на светот на начин кој ќе ги преиспитува однапред дефинираните вистини. Да се поттикнат наставниците и наставничките, ученичките и учениците да ги препознаат своите способности, да ги усовршуваат своите вештини и да соработуваат во насока на остварување на заеднички цели. Само така ќе можеме да израснеме генерации кои ќе го унапредат начинот на кој размислуваме, начинот на кој ги практикуваме секојдневните активности и меѓусебно комуницираме.

Поаѓајќи од ова, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Министерството за образование и наука (МОН) Ве повикуваат да учествувате на Предизвикот за млади истражувачки и истражувачи.

Какви истражувачки проекти бараме?

Истражувачките проекти треба да бидат од областите на природните и техничките науки. Процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување.

Времетраењето на истражувачкиот проект не треба да надминува 6 (шест) месеци.

Предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати, како што се на пример истражувачки есеј, изработка на проектна задача, изработка на прототип, аудио-визуелен материјал, дигитален материјал и слично.

Предложените истражувачки проекти треба да бидат комплементарни на наставните програми и да соодветствуваат со когнитивните способности на возрасната група.

Награди

Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 1.500.000 (еден милион и петстотини илјади) денари.

Ќе бидат доделени награди во две категории:

  • Категорија 1: Истражувачки проекти во основното образование
  • Категорија 2: Истражувачки проекти во средното образование

Буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 300.000 (триста илјади) денари.

Средствата ќе бидат исплатени авансно, во две рати и тоа, првата рата во износ од половина од вкупниот буџет на проектот ќе биде исплатена по потпишување на Договорот за доделување на награда, втората рата ќе биде исплатена согласно динамиката на трошење на средствата откако ќе бидат потрошени минимум 80% од првата исплата.

На сите претселектирани учеснички и учесници, од страна на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за образование и наука на Република Македонија ќе им бидат доделени сертификати за учество.

Наставниците и наставничките кои ќе ги предводат првонаградените тимови во двете категории за успешно спроведениот проект ќе добијат и награда во максимален износ од 30.000 ден по наставник/наставничка за покривање на трошоци за стручно усовршување на обука/семинар/конференција по сопствен избор. Средствата од наградата може да се искористат во рок од 1 (една) година од нивното примање.

Опремата набавена со средствата доделени преку наградите ќе остане во сопственост на училиштата добитници на наградите.

Фондот го задржува правото да не ги додели сите награди доколу нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно Правилата.

Кој може да аплицира?

Повикот се однесува на сите основни и средни училишта на територијата на Република Македонија кои имаат креативни ученички и ученици со желба да истражуваат и освојуваат награди.

Натпреварувачот треба да биде основно или средно училиште кое е:

  • основано согласно Законот за основното образование односно Законот за средно образование
  • запишано во Централниот регистар на Република Македонија и
  • поседува Решение за верификација донесено од Министерството за образование и наука

Секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим кој се состои од:

  • 1-2 (еден/на до два/е) наставника/чки – лидер/ки на проектот
  • 3-7 (три до седум) ученици/чки

Преку овој повик, Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за образование и наука сакаат да потенцираат дека секое дете има способности да се вклучи во процес на истражувачки активности. За да ги поттикнеме членовите на нашата заедница да размислуваат во насока на негување и примена на овие способности охрабруваме проекти кои:

  • Имаат интердисциплинарен карактер
  • Предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично)
  • Се поднесени од училишта од рурални средини

Активности и трошоци на проектот

Активностите предвидени во предлог проектот треба да соодветствуваат на активностите на истражување и развој, односно предлог проектот треба да вклучува активности кои ќе ја тестираат дефинираната хипотеза по пат на експеримент и набљудување.

Трошоците предвидени во буџетот на проектот треба да соодветствуваат на активностите предвидени во проектната апликација.

Трошоци подобни за финансирање се:

  • набавка и/или изнајмување на опрема за истражување и развој (лабораториска опрема, дигитална опрема и слично)
  • набавка на потрошни материјали за истражување и развој (вклучувајќи и канцелариски материјал)
  • патни трошоци наменети за спроведување на истражувачките активности (доколку е применливо)

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот се подобни за финансирање.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Етика на истражување и заштита на права од интелектуална сопственост

При формулирањето на предлог проектите, како и при нивното спроведување натпреварувачите и добитниците на наградите треба да се придржуваат до основните етички принципи на истражувачката работа и тоа:

  • Да ја почитуваат индивидуалната автономија и правото на самоопределба
  • Да не нанесуваат штета на луѓето, животните и животната средина
  • Да се стремат кон еднаков и праведен третман на сите
  • Да не ги нарушуваат правата на интелектуална сопственост на трети страни

Постапка при оценување и селекција

Оценувањето, селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор на добитници на наградите, се врши од страна на Комисија за оценување и избор.

Оцената на проектите се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на пријавите (дали пријавата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик) (22.02.2018)
  • Прва оцена на предлог-проектите (предселекција) (02.03.2018)
  • Селекција на најдобри предлог-проекти – со презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор (09.03.2018)
  • Потпишување на договори со победниците (16.03.2018)

Фондот го задржува правото за измена на горенаведените рокови.

Секој предлог-проект се оценува од Комисијата за оценување и избор, која се состои од:

  • Претставник на Фондот за иновации и технолошки развој
  • Претставник на Министерството за образование и наука
  • Претставник од Бирото за развој на образованието
  • Претставник од партнер организација
  • До три експерта во областа на предложениот проект (технички науки, природни науки и друго)

Секој предлог проект ќе биде оценуван по следните критериуми:

Критериум Вредност
1. Усогласеност на предлог проектот со целите на јавниот повик

Најмногу поени под овој криетриум ќе добијат оние предлог-проекти кои ќе понудат оригинални идеи за истражувачки прокти кои се комплементарни со наставните програми но не се застапени или се недоволно застапени во образовниот процес.

Најмногу поени ќе добијат и оние предлог-проекти кои активно ги вклучуваат членовите на тимот во генерирање на научно знаење.

Предност ќе имаат проекти со интердисциплинарен карактер.

25%
2. Капацитет на проектниот тим

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите чиј пректен тим вклучува членови со различни мотиви, вештини и способности соодветни на активностите предвидени во предлог проектот.

30%
3. Квалитет на предлог-проектот

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои јасно и адекватно ги имаат дефинирано хипотезата, фазите на истражување и развој и очекуваните резултати.

25%
4. Применливост на резултатите од истражувањето и дисеминација

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите чии предлог-проекти водат кон резултати кои имаат потенцијал за практична примена во индустријата или резултати од општествен интерес.

Најмногу поени ќе добијат и оние проекти кои предвидуваат дисеминација на резултатите од проектот во насока на мултипликација на искуствениот научно-истражувачки процес и стекнатото знаење.

20%
Вкупно 100%

Начин на пријавување

За да се пријави на Предизвикот за млади научници секој натпреварувач треба да:

  • Поднесе пополнет, потпишан и печатиран образец за Проектна апликација со Буџет на проектот и Изјава дека се согласува со условите на Фондот
  • Поднесе кратки биографии на наставникот/чката/ците – лидери на проектот
  • Поднесе Тековна состојба од Централниот регистар не постара од 6 месеци.

Бараните документи треба да се пополнети на македонски јазик и во PDF формат да се испратат на следната e-мaил адреса: predizvikzamladi@fitr.mk

Рок на пријавување

Пријавувањето на Предизвикот за млади истражувачки и истражувачи трае до 15.02.2018 година заклучно со 23.59 часот.

За доделување награди ќе бидат земени предвид само оние предлог – проекти кои се пополнети во обрасците определени за овој предизвик од страна на Фондот,  доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Дополнителни информации

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата.

За сите дополнителни информации можете:

  • да не посетите во контакт канцеларијата на Фондот на адреса Димитрие Чуповски бр. 8 (на Рекорд)
  • да ни пишете на електронската адреса: predizvikzamladi@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број  2 322 3373

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог-проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани и консултативни средби. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на нашиот facebook профил.