IMG_2660

Презентација на Оперативниот план за вработување 2019: Поддршка за самовработување, раст на плати и нови работни места, обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини, поддршка за вработување на лица со попреченост – шанса за сите!

Денеска во малата сала во Филхармонија се одржа панел дискусија помеѓу владини претставници на институциите, претставници на бизнис заедницата и корисниците на мерките на којашто се презентираше Оперативниот план за вработување за 2019.

Во рамки на овој настан Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата држава, Нарине Сахакиан заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска имаа свои воведни обраќања.

IMG_2679

„Годинава како и лани Оперативниот план ги опфаќа поединците и компаниите, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост, обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини. Оперативниот план за вработување е шанса за сите! Секој да може да најде работа и да го реализира сопствениот талент, потенцијал или дар што го поседува. И за оние кои имаат образование, а се без работа, да се прилагодат на новоностанатите услови и побарувања и да се активираат на пазарот на трудот, и за оние кои немаат образование да ги стекнат потребните вештини преку обуки и пракса“, нагласи премиерот Заев.

На настанот се обрати и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата земја, Нарине Сахакиан којашто зборуваше за постигнатите успеси и резултати и важноста од воспоставената соработка со Владата на Република Северна Македонија во процесот на креирање на нови квалитетни работни места преку Оперативниот план за вработување кој значително придонесува за намалување на невработеноста во нашата држава.

„Согласно принципите на Одржливите цели за развој, ќе продолжиме да работиме на тоа никој да не биде изоставен – младите, лицата со попреченост и најранливите граѓани. Благодарение на подготвеноста и посветеноста на Владата да одвои нови средства за поголемо отворање на пазарот на трудот, заедно поставивме амбициозни цели – да се понуди шанса за сите во 2019“, порача претставничката на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата земја, Нарине Сахакиан.

Вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање истакна дека Владата внимателно ги слушаше потребите на компаниите и граѓаните и како резултат на тоа е креиран е кохерентен оперативен план за 2019 година насловен „Шанса за сите“. Оперативниот план содржи шеснаесет мерки, поделени во три групи. Првата група мерки се насочени кон младите лица за формирање на сопствени компании односно да се самовработуваат, додека со втората група мерки се овозможува, преку процес на преквалификација и обука, компаниите да вработуваат невработени лица, а голем дел од средствата потребни за овој процес ќе бидат на терет на Владата. Последната група мерки е насочена кон стекнување на знаења од информатичка технологија, бидејќи ИТ индустријата има голем потенцијал за раст.

IMG_2694

„Охрабрувачки за Владата беше фактот дека минатата година, преку спроведување на Оперативниот план и преку други мерки се добија значителни резултати. Невработеноста падна за 1,3% или ако го земете тоа во споредба со 20% колку што изнесува невработеноста, тоа е значителен намалување. Минатата година се креирани околу 7.370 нови вработувања, од кои најголем дел, над 6.000 се во рамките на приватниот фактор, што е особено важно, бидејќи таму практично луѓето се вработуваат во реалната економија, што е движечка сила на одржливата економија на долг рок. Она што е поважно, само врз база на мерките од Оперативниот план, вработени се 3.934 граѓани во Република Северна Македонија. Очекуваме оваа бројка годинава да биде поголема, и овој сет на оперативни мерки да има многу сериозен импакт врз економијата и врз намалувањето на миграцијата на младите луѓе од Северна Македонија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев во своето воведно излагање.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во своето обраќање информираше дека на процесот на подготовка му претходеше широк процес на консултации и дека оваа година е обезбеден значително повисок износ на средства за разлика од претходно.

IMG_2712

„Ова беше многу важно затоа што програмите кои се имплементираат треба да ги поддржат невработените лица за полесно да се вклучат на пазарот на трудот согласно нивните потреби и потребите на пазарот на трудот. Пред неколку години буџетот на Оперативниот план за вработување изнесуваше 8 милиони евра, а сега изнесува над 20 милиони евра. За прв пат оваа година меѓународните пари се ставаат на едно место. Посебен акцент за прв пат оваа година ќе се стави на процесот на активација на корисниците на социјална помош преку психосоцијална поддршка да се вклучат во програмите, мерките за вработување и услугите на пазарот на трудот содржани во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2019 година“ соопшти министерката Царовска.

Министерката Царовска рече дека имајќи во предвид дека Гаранцијата на млади ги надмина очекувањата, истата оваа година ќе се имплементира на територијата на целата држава во рамките на што се планира да се опфатат околу 9.500 невработени млади лица кои во период од 4 месеци по евиденцијата во Агенцијата за вработување ќе добијат активација.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска најави дека од денеска стартуваат јавни огласи за седум програми и мерки за вработување од Оперативниот план за вработување.

„Заинтересираните од денеска може да аплицираат за учество во Програмата самовработување, Субвенционирање на плати, Обука на работно место кај познат работодавач, Обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, Обука за побарувани занаети, Програмата практиканство и Програмата за работно ангажирање -Јавни работи. Овие програми и мерки ќе бидат отворени за апликација се додека не се пополни предвидениот опфат на корисници и не се исцрпат финансиските средства предвидени за реализација“, најави директорката Јовановска.

Панел дискусија за Оперативниот план за вработување 2019: Менторската и финансика поддршка од ОП ми помогна многу да се осмелам и да почнам сопствен бизнис

Преку три панел дискусии со претставници од институциите, бизнис заедницата, но и низ лични приказни, денеска беа презентирани новите активни мерки од Оперативниот план за вработување во 2019 година.

На првиот панел, кој беше посветен на бизнис поддршка, учествуваа вицепремиерот за економски прашања Koчо Анѓушев, претседателот на Стопанската Комора на Македонија Бранко Азески и претприемачка од Делчево, која изминатите две години преку мерките за поддршка на вработување успеала да отвори конфекција и да вработи вкупно 17 лица од евиденцијата на невработени.

„Со мојот бизнис почнав во изнајмен простор со изнајмени машини. Беше многу тешко, но никогаш не се откажав од намерата дека ќе успеам. Аплицирав за мерките раст и развој на правни субјекти. Производството го зголемив во континуитет сега имам 17 работници. Се надевам дека во иднина ќе вработам уште најмалку 20 лица“, рече Тања Милевска сопственичка на конфекција од Делчево.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека во моментот во Република Северна Македонија не може да се најде слободен работник, но и што би направил лично тој доколку е младо невработено лице.

„МТСП многу добро ги позиционираше овие мерки, од кои околу 6 милиони евра се за креирање нови работни места. Би кажал еден пример: Дали знаете ли дека нашата земја увезува компир од Белгија, би отворил фирма за правење помфрит, со сите мерки и средства што ми ги дава државата“, рече Анѓушев.

За претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, голем проблем е што досега државата не се занимавала со пазарот на труд.

„Дуалното образование е многу важно. Владата е на прав пат за да ги смениме навиките и да го вратиме достоинството, односно односот меѓу капиталот и трудот“, рече Азески.

Вториот панел беше фокусиран на младите иновации и на мерката во кои за првпат годинава учествува и Фондот за иновации и развојни технологии.

IMG_2811

„Со новата мерка се предвидува формирање на таканаречена ИН Група од лицата кои поднеле апликации со иновативен потенцијал. Мора да создадеме позитивен циклус на притисок што ќе резултира во основање на нови бизниси не само за самовработување туку и тие да станат работодавачи. Позитивниот циклус што го отворивме во рамки на Планот за економски раст, каде компаниите што во 2018 добија финансиска поддршка од Фондот ангажираат 800 лица на нивните проекти, со просечна плата од 40.000денари, очекуваме да се преслика и тука. Веруваме дека околу 150 млади луѓе ќе ја искористат оваа мерка која нуди специјализирана обука и финансиски средства за сите кои имаат идеја и потенцијал за формирање на брзорастечки компании“, рече Деспотовски.

Александар Ѓошевски од Кавадарци со помош на мерките од Оперативниот план успеал да развие компанија за иновативен дигитален маркетинг во која сега се вработени повеќе лица.

„Претходно работев како фри ленсер, но менторската и финансиска поддршка од ОП, ми помогна да се осмелам и да почнам сопствен бизнис. Нашата дејност нема лимит, и планираме да излеземе со наша понуда и на глобален пазар“, рече Ѓошевски.

Во последниот панел, кој беше посветен на активација на ранливи категории лица, фокусот беше ставен на конкретни примери коишто преку менторска работа успеале да се активираат на пазар на труд, но и на политиките на Министерството за труд и социјална политика за вклучување на работа на тешко вработливите и лицата со попреченост.

„Од примерите се гледа дека ОП дава резултати. Она што е ново во ОП за 2019 година е активација на пазарот на труд на лицата кои ќе примаат гарантиран минимален приход. Оваа активација ќе биде проследена со посебна програма и ќе им се дава психолошка поддршка на најранливите категории лица. Истовремено ќе се работи на нивна доквалификација“, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за труд и социјална политика.

На панелот зборуваше и лице со попреченост кое со помош на мерките од ОП успеал да отвори свој столарски бизнис.

„Ми беше важно да обезбедам егзистенција на целото семејство. После мене го вработив и синот, а снаата беше практикант. Планирам да вработам најмалку уште едно лице годинава“, рече Жика Новковиќ.

Преку мерката младинска гаранција, струмичанката Санија Демова се вработила прво како келнерка, а потоа и како слаткарка во познат ресторан.

„Гаранцијата ќе ја искористам за понатамошна обука и курсеви за правење колачи“, рече Демова.

Александар Митаноски, како ментор ангажиран за активација на ранливи категории рече дека работел со Ромите кои се најтешко вработливи. Неговата задача е директно да ги информира лицата на терен за да може да ги искористат мерките за вработување.

Премиерот Заев: Оперативниот план за вработување е шанса за сите!

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата држава, Нарине Сахакиан заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска со свои воведни обраќања ја најавија панел дискусијата за презентација на Оперативниот план за вработување за 2019.

Во продолжение во целост ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.

„Денеска ќе зборуваме за нашиот оперативен план за 2019 со кој ќе поддржиме отворање на нови работни места, вработување на невработените граѓаните и младите луѓе, преку конкретни мерки за доквалификација, вработување на најранливите категории, поддршка за стартапите и иновативните бизнис идеи.

Нема поважна тема којашто ги интересира и засега нашите граѓани кои бараат работа и сакаат да имаат достоинствена работа за да можат да формираат сопствено семејство или да ги прехранат своите семејства и да ги извадат своите деца на прав пат.

Годинава како и лани Оперативниот план ги опфаќа поединците и компаниите, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост, обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини.

Оперативниот план за вработување е шанса за сите!

Секој да може да најде работа и да го реализира сопствениот талент, потенцијал или дар што го поседува.

И за оние кои имаат образование, а се без работа, да се прилагодат на новонастанатите услови и побарувања и да се активираат на пазарот на трудот, и за оние кои немаат образование да ги стекнат потребните вештини преку обуки и пракса.

На самиот почеток сакам да изразам голема благодарност до нашите пријатели и партнери УНДП за огромната поддршка и помош што ни ја пружаат за реализацијата на овој проект.

За оваа година издвоивме рекордни 1.1 милијарда денари што претставува историски највисок износ што некоја влада до сега го обезбедила за поддршка на отворање на нови работни места.

Она што особено ме радува е што Оперативниот план за вработување се покажа како исклучително ефикасна алатка која дава одлични резултати.

Во 2018 година имавме 95% реализација на планот со кој беа опфатени 6374 граѓани.

Преку Младинската гаранција којашто се спроведуваше во три општини, се вработија 1839 млади луѓе, а беа вклучени 5266 млади луѓе кои земаа учество во програмите за обука, пракса и доквалификација.

Важно е да потенцирам дека оваа година Младинската гаранција ќе се спроведува на цела територија на Република Северна Македонија со посебен акцент на трите региони: североисточен, југозападен и полошки.

Значајно е да ги слушнеме сите аргументи, бројки и искуства и планови за спроведувањето на мерките од Оперативниот план за вработување.

Затоа денеска очекувам плодна дебата на денешната панел дискусија.

Ќе имаме прилика да ги слушнеме искуствата и личните примери на луѓе кои ги искористиле мерките и кои денеска имаат своја работа со која придонесуваат за своето семејство и за нашето општество.

На самиот крај дозволете ми да упатам еден апел до сите граѓани кои бараат работа да не чекаат повеќе – да аплицираат за мерките и да ја зграбат оваа шанса која се отвора за сите!
Благодарам.“