Лого Фонд за талентирани деца со лого на ФИТР

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“

„Анализа на потреби и понатамошни чекори“ – предлог програмата која треба да биде основа за формирање на „Фонд за млади умови“ за поддршка на талентирани деца е презентирана во Скопје. Ова е сублимат на досегашните процеси на повеќемесечната работа во рамки на иницијативата на Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со УНИЦЕФ за креирање стратешка платформа за поддршка и развој на талентирани деца.

Предлог програмата која ја изработи Д-р. Ребека Eлис, соработничка на УНИЦЕФ, опфаќа анализи преку фокус групи во кои учествуваа вкупно 112 родители, ученици, дипломци и други чинители во образовниот систем покажа дека за да се зајакнат резултатите од програмите за млади потребна е систематска и сеопфатна поддршка која ќе обезбеди кохезија, конзистентност и одржливост.  Дискусиите беа спроведени со цел да се дознае како чинителите го мерат успехот на учениците, како ги разбираат нивните перцепции за тековните и минатите програми и рамки; наставни практики, процедури и методи; како и да ги идентификуваат нивните долгорочни цели за задоволување на потребите на учениците со висок потенцијал во Северна Македонија.

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“ 2

„Ова е навистина добра можност и најважна задача која една држава може да ја преземе во 21 век. Не само во Македонија туку во неколку други земји ние се соочуваме со она што го нарекуваме бреин дреин на нашите најнадарени млади лидери и деца. Она што го креиравме е истражување кадешто ние гледаме најдобри практики во земјава и како да ги зајакнеме, да ги направиме одржливи, но исто така и како да креираме сеопфатна рамка за да бидеме сигурни дека никој креативен и надарен не е изоставен од најраната претшколска возраст па и по завршувањето на студиите. Креирањето на програмата е базирано на истражувања на она што веќе функционира и најдобрите практитки кои се спроведуваат интернационално. Мораме да бидеме сигурни дека не станува збор за една од оние програми кои доаѓаат и поминуваат, туку е нешто што ќе остане системски во општеството“, појасни Д-р. Ребека Eлис – истражувачка и соработничка на универзитетите „Џон Хопкинс” и „Њу Ореланс” во САД, и соработничка на УНИЦЕФ Македонија.

Според заклучоците во предлог програмата системското решение треба да опфати поддршка на креативните, надарените, талентираните и иновативните ученици низ сите нивоа на образование, обука и давање моќ на младите, развој и промоција на претприемништвото како и развој на платформа која ќе ги поврзе и информира образовниот сектор, бизнис секторот и граѓанската вклученост.

„Ние не чекаме да се заврши документот, па да почнеме да работиме туку дел од работите веќе се случуваат. Во изминатите 18 месеци веќе имаме околу 15 милиони денари коишто се вложени во три различни програми во рамките на она што ќе прерасне во Фонд за млади умови. Над 500 основци и средношколци веќе земаа учество во рамките на тие програми и меѓународни натпревари. 54 основни и средни училишта реализират проекти за истражување. Бројките се охрабрувачки и јас се надевам дека само ќе се зголемуваат во наредниот период. Веќе имаме дефинирано две меѓународни организации USAID и UNICEF коишто ќе застанат зад програмата и со нив набргу ќе потпишеме меморандум за соработка. Очекувам поддршка и вклучување и на бизнис заедницата.“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“ 3

„Фонд за млади умови“ на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата. Следните чекори во рамки на иницијативата предвидуваат дизајнирање на сеопфатна платформа за поврзување на образовниот сектор, приватниот сектор и граѓанските иницијативи, анализа на постојните програми и добри практики во насока на обезбедување поддршка на целиот иновативен циклус (од идеја /научно истражување – до пласман на пазар), изработка на регулатива за обезбедување одржливост и можно надградување на програмите кои покажуваат резултати како и дизајнирање на нови програми.

ФИТР ќе продолжи со понатамошна поддршка на програми кои покажуваат резултати, обезбедување на дополнителна поддршка на основа на веќе идентификувани потреби, воспоставување на Регистар на постојни пограми кои поддржуваат креативни, иновативни и претприемнички активности и стекнување на „вештини за 21иот век“ кај младите.

Само во изминатите две години освен средствата доделени преку јавни повици „Предизвик за млади истражувачи“ ФИТР со пренамена на буџетот со над 1.5 милиони денари поддржа 47 ученици и 17 ментори за натпревари во Бугарија, Холандија, Германија, Франција, Словенија, Португалија, Либан, Израел, Јужна Кореа и други држави.