48252243246_5b0cb31d8c_k

Вложувањето во старт ап бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски имаа свои обраќања на настанот за промоција на 48 старт ап проекти – добитници на финансиска поддршка од двата повика на јавниот повик на ФИТР, „Стартапувај“.

„Кога треба да ги поддржиме младите луѓе и нивните иновативни бизнис идеи тогаш задоволството е обострано и е најголемо. Вложувањето во вашите старт ап бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес“ рече премиерот Заев.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, ПВРСМ Зоран Заев

Тој им се обрати на добитниците на грантови од повикот „Стартапувај“ и потенцираше дека младите луѓе се носители на промената што се случува во нашата земја.

„Јас сум уверен дека сите овие 48 проекти ќе бидат успешни и ќе донесат нова додадена вредност во нашата економија и на свој начин ќе го подобрат нашиот заеднички живот. Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Светска Банка обезбеди средства во висина од 1.8 милиони евра како финансиска поддршка за овие проекти. Со поддршката на овие старт-апи се отвораат 45 за старт нови работни места, а просечната исплатена плата е во износ од 462 евра“, нагласи премиерот Заев.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека денешното време е време на стартап компаниите. Тој тоа го поткрепи со фактот што во светот постојат компании со повеќе децениска традиција, сепак и покрај нивната успешност и традиција, голем дел од највредните компании во денешно време не се постари од 15-20 години, а започнале како стартапи.

„Амазон, Фејсбук, Тесла, Ејпл се компании кои започнале како стартапи, имале брз раст, а денес вредат многу. Друг пример е Mobile Eye, стартап компанија од Израел, кои го иновираа системот за самоуправувачки возила, а е продаден за двоцифрена вредност во милијарди. Владата ги креираше мерките од Планот за економски раст токму во таа насока, за поддршка на компаниите технолошки да се развиваат и да внесуваат иновативни решенија и резултатите покажуваат дека мерките се искреирани правилно. Во 2019 година обезбеден е рекорден износ на средства во буџетот за економските програми на Владата, за 47% повеќе средства во однос на 2018 година, со кои се поддржуваат странските, но во уште поголем број домашните компании“, нагласи Анѓушев.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, ZPVRSM Kocho Angjushev

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, кој беше домаќин на настанот, истакна:

„Оваа влада е вистински партнер на младите во земјава. И тоа не со ветувања туку со конкретни мерки кои даваат вистински резултати. ФИТР до сега има вложено околу 2,5 милиони евра во околу стотина стартап компании. Поттикнавме млади луѓе да се охрабрат своите идеи да ги претворат во успешни бизниси. Веќе работиме на креирање нови мерки со кои ќе се олесни основање на компании и пристапот до странски инвеститори. Целта ни е овде да создадеме европски услови и стандарди, со цел да се спречи одливот на мозоци од земјава, и да покажеме дека можеме да извезуваме иновативни продукти и услуги наместо човечки капитал“, рече директорот Деспотовски.

Презентација на проекти од Стартапувај во „Јавна соба“, DFITR Jovan Despotovski