Бане во Прилеп со Еко монитор 1

Прилеп доби шест мерни станици за мерење на загаденоста на воздухот

Во Прилеп е предаден во употреба системот за мерење на загаденоста на воздухот, при што беше извршена и презентација на првичните резултати кои ги регистрираа шесте новопоставени мерни станици.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски рече дека уште како советник во Советот на општина Прилеп, заедно со останатите опозициски советници, во повеќе наврати од поранешната локална власт барале во градот да бидат поставени мерни станици, со цел граѓаните да знаат каков воздух дишат. Од тој аспект, решавањето на ова прашање за градоначалникот Јованоски претставува императив.

„Општина Прилеп продолжува со подобрувањето на животната средина за граѓаните на нашата општина. Минатата година ја предадовме во употреба пречистителната станица за отпадни води, градот е лидер во примарната селекција на отпад, а од пред една година поставивме една мерна станица за мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух. Денеска го продолжуваме тој процес со реализација на овој пилот проект, односно со поставување 6 нови мерни станици, кои во наредните 6 месеци ќе ја мерат загаденоста на амбиенталниот воздух. Во тој период станиците ќе бидат дислоцирани од сегашните локации и ќе бидат поставени на други места во градот, со цел да се добие реална слика за загаденоста на воздухот“, истакна Јованоски.

Градоначалникот Јованоски напомена дека проблемот со загадувањето не смее повеќе да се става под тепих и дека јавноста мора да знае каква е состојбата со загаденоста на амбиенталниот воздух.

Петар Орданоски од „Екомонитор“ ја претстави пилот инсталацијата за мерење на загаденоста на воздухот во Прилеп, при што истакна дека тест периодот на регистрирање и обработка на параметрите ќе трае 6 месеци и дека сензорите кои се користат се од светски производители кои важат за апсолутни лидери во својата област.

„Тест периодот ќе се одвива во следните 6 месеци, при што ќе се извршат првите мерења и ќе се види имлементацијата на целиот систем. ‘Екомонитор’ е проект кој е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој. Станува збор за мерни станици за загадување на воздух и други метеоролошки податоци и се надеваме на особен успех, од причина што пред два дена ја завршивме инсталацијата на шесте мерни станици и двете комуникациски станици. Сите сензори кои што се користат се со индустриски квалитет, се набавуваат од ЕУ и поседуваат ‘ЦЕ’ сертификат. Тоа значи дека нивните параметри се акредитирани во ЕУ и ги задоволуваат сите стандарди на индексот за квалитет на воздух. Користиме индустриски сензори од светски производители кои важат за апсолутни лидери во таа област“, рече Орданоски.

Бане во Прилеп со Еко монитор  2

„Ова е само еден проект од десетината кои се занимаваат со решенија од аспект на заштита на животната средина, кои ги финансира Фондот за иновации и технолошки развој. Неодамна во Скопје беа презентирани реалните ефекти од овие проекти и можевме да се увериме дека се работи за проекти кои во иднина би имале импакт во заштитата на животната средина. Инаку, се работи за проекти во вкупна вредност од 1 милион евра, од кои 250.000 евра се влог на самите компании. Се работи за реални компании чии проекти имаат реални ефекти, а дека посебно внимание им посветуваме на проектите од заштита на животната средина, зборува тоа што за многу брзо време ќе го објавиме и вториот повик со кој ќе финансираме проекти кои ќе работат на детектирање на загадувањето на амбиенталниот воздух и ќе нудат конкретни решенија“, изјави Бранислав Марковски од Фондот за иновации и технолошки развој.

Доколку во шестмесечното траење на пилот проектот, се констатира дека мерните станици ја даваат реалната слика за аерозагадувањето, Општина Прилеп ќе најде начин во согласност со законската регулатива, да изврши нивна набавка.

Преземено од официјалната веб страница на општина Прилеп. Линк до оригиналната објава: https://www.prilep.gov.mk/prilep-dobi-shest-merni-stanitsi-za-merene-na-zagadenosta-na-vozduhot/