For Lady Фор Лејди

Проект на компанијата „Фор Лејди“ со поддршка од ФИТР

Проектот „Биохигенски Алое хулахопки“ на компанијата „Фор Лејди“, која е основана во 1995 година, има за цел да реши два проблеми во домашната индустрија. Прво, да ја заштити животната средина, и вториот проблем е да му се понуди на крајниот потрошувач козметички ефект и дерматолошка заштита при негова употреба.

„Во нашата индустрија сите хулахопки и чорапи што денеска сите ги користиме се направени од пластика, и во просек им требаат 50 години да се разградат. Текстилната индустрија е еден од најголемите загадувачи на планетата. Истражувањата направени на оваа тема покажуваат дека скоро 5% од отпадот во депониите е резултат на текстилната индустрија.“, вели Сања Лазаревска од компанијата „Фор Лејди“.

Таа посочува дека производот кој го развиваат со средства од Фондот за иновации и технолошки развој ќе се разградува за 5 години и ќе има за цел да даде козметички бенефит на крајниот корисник. По успешното завршување на овој проект оваа компанија има за цел да го исполни својот производствен капацитет и да го користиме сто посто, како и да ја развие еко свеста кај самите вработени и кај потрошувачите, со што дополнително покрај производство на зелен производ ќе користи и зелена технологија за своето производство и за дистрибуција до крајниот корисник.

„Исто така, нашата компанија си постави за цел на новите работни места кои ќе се отворат како резултат на проширување на нашиот бизнис со овој проект да вработува самохрани мајки како и млади работници до 29 години.“, истакнува претставничката на компанијата во видеото.

Компанијата Фор Лејди е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Влада на Република Северна Македонија

Со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.