Аквапоничен рециклирачки систем - Проект на ученици од ОУ Лазо Ангеловски поддржан од ФИТР 1

Заштита на животната средина со употреба на ИТ технологии – Проект на основци од ОУ „Лазо Ангеловски“ поддржан од ФИТР

„IoT (Internet of Things) – Аквапоничен рециклирачки систем“ – претставен проектот на креативните ученици и нивните ментори од ОУ „Лазо Ангеловски“ од Скопје. Овој Проект е поддржан од страна на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), во рамки на „Предизвик за млади истражувачи 1“.

Претставничката на Фондот, Неда Икономова Гавриловска, ги охрабри учениците и нивните ментори и во иднина да се вклучуваат во вакви научни проекти. ФИТР со гордост поддржува вакви проекти кои даваат видливи резултати и се поттик за овие и следните генерации да се вклучат во предизвикот на Фондот, како и другите програми за млади на ФИТР.

Аквапоничен рециклирачки систем - Проект на ученици од ОУ Лазо Ангеловски поддржан од ФИТР 2

Станува збор за изработка на аквапоничниот рециклирачки систем, идеaлен за одгледување на две различни култури, т.е. еден вака затвoрен систем овозможува во исто време одгледување на риби и растенија, а во исто време произведува и свежа вода. Аквапоничниот систем е составен од аквариум, во кој живеат аквариумски риби, и стаклена градина која претставува затворен еко систем и во која се одгледуваат различни видови растенија. Со помош на информациските технологии се обезбедуваат услови за рибите и за растенијата да растат и развиваат. На таков начин се добива вода која содржи рибино ѓубриво, што претставува добар извор на природно ѓубриво кое им овозможува на растенијата да растат и да се развиваат многу побрзо. Со овој систем се произведува и здрава органска храна. Овој Проект, исто така, игра огромна улога во наставата во делот на предметите од сферата на природните науки.

Придобивки: Заштита на животната средина. Потрошувачката на вода за растителни култури е сведена на минимум, а уште поважно системот не предвидува употреба на пестициди и други хемикалии, па затоа ваквиот начин на одгледување и производство на храна е целосно органски, не ја загадува животната средина и не влијае лошо на здравјето на луѓето. Аквапоничниот рециклирачки систем, т.е. аквариум и стаклена градина ќе бидат управувани со најмодерните ИТ технологии базирани на Ардуино платформата и IoT концептот.

Основците Ѓорѓи Чунгурски, Стефан Кочоски, Мила Пандилеска и Ивана Коцева од ова училиште го изработија проектот, а со поддршка на нивните ментори – наставници по биологија и информатика.

Аквапоничен рециклирачки систем - Проект на ученици од ОУ Лазо Ангеловски поддржан од ФИТР 3

Планот на училиштето е да го патентираат проектот како оригинална иновација, додека на 8 и 9 Ноември ќе го презентираат проектот во Охрид во рамки на проектот „Иновациски центар: компаративна предност за поголема конкурентност“ на Иновејшн Хаб.

Проектот е поддржан во рамките на програмата за поддршка на #млади: „Предизвик за млади истражувачи 1“ која Фонд за иновации и технолошки развој ја спроведува во соработка со Министерство за образование и наука.