ЈАВЕН ПОВИК ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРЕДЛОГ ПРОЕКТИ

(во рамки на столб 3 од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија)

Фондот за иновации и технолошки развој на 28.04.2018 година објавува Јавен повик за поднесување на предлог проекти за финансиска поддршка преку следниве инструменти за поддршка:

  1. Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“)
  2. Кофинансирани грантови за микро претпријатија
  3. Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста
  4. Кофинансирани грантови за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.                 

Апликантот што ќе аплицира за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“) има право паралелно да аплицира и за добивање на комбинирана финансиска поддршка, односно да аплицира и за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за стручно усовршување и пракса на нововработени млади лица. Во таков случај, комбинираната финансиска поддршка што ќе ја даде Фондот на ист апликант за ист проект не може да го надмине највисокото ограничување што е применливо кај овие два инструменти.

Обрасците потребни за аплицирање се испраќаат автоматски преку e-mail по успешна регистрација.

Опис на Инструментите за поддршка

  1. Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“)

Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст во насока да станат „Газели“.

Преку овој Инструмент се обезбедува финансирање до 30% (триесет проценти) од вкупниот буџет на инвестициски проект, но не повеќе од 10.000.000,00 денари (десет милиони денари) по апликант. Преостанатиот износ од најмалку 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот.

Критериуми за подобност кои треба да ги исполнува апликантот:

  • да биде трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија;
  • да биде мало или средно претпријатие;
  • да има најмногу 250 вработени во моментот на аплицирањето;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • да има остварено годишен приход од најмалку 3.000.000,00 денари (три милиони денари) во годината која и претходи на годината кога се аплицира за финансиската поддршка од овој Инструмент; и
  • да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis).

За повеќе информации, можете да го погледнете Правилникот за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“).

  1. Кофинансирани грантови за микро претпријатија

Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на микро претпријатија.

Преку овој Инструмент се обезбедува финансирање до 30% (триесет проценти) од вкупниот буџет на инвестициски проект, но не повеќе од 5.000.000,00 денари (пет милиони денари) по апликант. Преостанатиот износ од најмалку 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот.

Критериумите за подобност кои треба да ги исполнува апликантот:

  • да биде трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија;
  • да биде микро претпријатие;
  • да има најмалку 5 вработени, а најмногу 10 вработени во моментот на аплицирањето;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • да има остварено годишен приход до 3.000.000,00 денари (три милиони денари) во годината која и претходи на годината кога се аплицира за финансиската поддршка од овој Инструмент; и
  • да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis).

За повеќе информации, можете да го погледнете Правилникот за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за микро претпријатија.

Финансиската поддршка преку инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“) или Кофинансирани грантови за микро претпријатија се обезбедува за следните видови на инвестициски активности:

  • прифаќање и спроведување на европските технички прописи во однос на безбедноста на производите;
  • подготовки за стекнување сертификати за квалитет;
  • активности за анализа, подготовка, стекнување и заштита на права од индустриска и интелектуална сопственост;
  • подготовка и спроведување на активности за подобрување на енергетската ефикасност;
  • изработка на елаборати за заштитата на животната средина;
  • подготовка и воспоставување на системи за управување со отпадот;
  • воведување на информациони системи;
  • техничка поддршка од страна на надворешни експерти за подготовка на среднорочни и долгорочни стратешки планови;
  • обука за среднорочно планирање на бизнисот (три-годишен бизнис план);
  • подготовка на развојни проекти за деловно поврзување и воспоставување на деловна соработка (во период од 3 до 5 години) со странски инвеститори и домашни претпријатија;
  • подобрување на организационата структура за задоволување на растот на фирмата;
  • специјализирани менаџмент обуки – програми за развој и на способностите на менаџмент тимовите;
  • обука за препознавање таленти (идни лидери) и креирање на програми за развој на таленти (идни лидери);
  • обука за планирање и контрола на трошоци; и
  • набавка или изработка на специфичен софтвер поврзан со подобрување на организациската структура и перформансот или за подобрување на оперативните процеси кои ќе ја зголемат продуктивноста и/или процесот на планирање.

Подобни трошоци за финансирање преку инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“) или инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за микро претпријатија се:

  • трошоци за техничка поддршка (експертиза), врз основа на претходно доставен профил на домашни и/или надворешни експерти што ќе се ангажираат на проектот;
  • трошоци поврзани со постапки пред организации, научно-истражувачки институти, компании и меѓународни организации поврзани со стекнување на сертификати за квалитет, стекнување на патенти и други права од интелектуална сопственост, како и други документи поврзани со инвестициските активности, што се издаваат од сертифициран субјект;
  • трошоци за договорни услуги за истражување и развој (пр. тестирање, лабораториски услуги и слично);
  • трошоци за набавка, изнајмување и/или изградба на опрема и хали, софтвер, алатки од информатичка технологија и друг вид на основни ИКТ средства, директно поврзани со реализација на проектот за технолошки развој;
  • трошоци поврзани со подготовка и реализација на обуки;
  • трошоци поврзани со спроведување на план за подобрена организациона структура на Апликантот; и
  • други оперативни трошоци директно поврзани со реализацијата на проектот.

Времетраењето на проектот финансиран преку инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“) или инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за микро претпријатија може да биде до 18 (осумнаесет) месеци со можност за продолжување на времетраењето до 6 (шест) месеци.

  1. Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста

Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за развој и примена на иновативни решенија на претпријатија.

Преку овој Инструмент се обезбедува финансирање до 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет на инвестициски проект, но не повеќе од 20.000.000,00 денари (дваесет милиони денари) по апликант. Преостанатиот износ од најмалку 30% (триесет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот.

Критериумите за подобност кои треба да ги исполнува апликантот:

  • да биде трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • да биде со доминантно македонска сопственичка структура (од 50,1% или повеќе)
  • да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и условите од член 6 од Уредбата за условите и постапката за доделување на хоризонтална помош.

Финансиската поддршка преку овој грант се обезбедува за следните видови на инвестициски активности:

  • разработка на техничко–технолошките аспекти во развој и воведување на нови производи или услуги;
  • значително подобрување на постојните производи или услуги;
  • изработка на нови модни колекции;
  • изработка на индустриски дизајн или редизајнирање на производите;
  • изработка на нова амбалажа;
  • изработка на маркетинг планови (анализа на пазари, на конкуренцијата, истражување на производите, продажбата и сл); и
  • подобрување на постојните или воведување на нов производен процес.

Подобни трошоци за финансирање преку овој Инструмент се:

  • бруто плати (за лица вработени кај Корисникот). Износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на Корисникот пред почетокот на проектот;
  • набавка или/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • поддоговорни услуги за истражување и развој (пр. тестирање, лабораториски услуги и сл.);
  • ангажирање на експерти/советници за истражување и развој;
  • ангажирање на консултанти за останати потреби директно поврзани со очекуваните резултати на проектот (експертиза поврзана со иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на средства, бизнис развој, маркетинг, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго);
  • подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и/или индустриски дизајн и други подготвителни активности за регистрација и заштита на правата од интелектуална и индустриска сопственост;
  • трошоци за маркетинг и канцелариска и деловна поддршка во максимален износ од 10% од вкупниот буџет на проектот; и
  • други оперативни трошоци директно поврзани со реализацијата на проектот.

Времетраењето на проектот финансиран преку овој Инструмент може да биде до 24 (дваесет и четири) месеци со можност за продолжување на времетраењето до 3 (три) месеци.

За повеќе информации, погледнете го Правилникот за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста.

  1. Кофинансирани грантови за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица

Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица до 29 години.

Преку овој Инструмент се обезбедува финансирање до 30% (триесет проценти) од вкупниот буџет на инвестициски проект, но не повеќе од 1.000.000,00 денари (еден милион денари) по апликант. Преостанатиот износ од најмалку 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да биде обезбеден од апликантот.

Критериумите за подобност кои треба да ги исполнува апликантот:

  • да биде трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија;
  • да биде мало претпријатие или средно претпријатие;
  • да има најмалку 5 вработени, а најмногу 250 вработени во моментот на аплицирањето;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • да има остварено годишен приход од најмалку 3.000.000,00 денари (три милиони денари) во годината која и претходи на годината кога се аплицира за финансиската поддршка од овој Инструмент; и
  • да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis).

Финансиската поддршка преку овој грант се обезбедува за следните видови на инвестициски активности:

  • стручна обука и пракса за краен примател на поддршката (нововработено младо лице) кај апликантот (вклучително и Fast Track Management Programme); и
  • стручна обука и пракса за краен примател на поддршката (нововработеното младо лице) кај Организатор.

Подобни трошоци за финансирање преку овој Инструмент се:

  • трошоци поврзани со подготовка и реализација на план за зајакнување на стручни и технички вештини;
  • трошоци за патување, сместување и храна во земјата и странство, доколку програмата за стручното усовршување и/или пракса се реализира вон местото на живеење на крајниот примател на поддршката;
  • трошоци за аплицирање, котизација и други надоместоци за учество во програмата за стручно усовршување и/или пракса што ги наплаќа Организаторот;
  • трошоци за подготовка и полагање на испити за добивање на сертификати и други документи за успешно реализирана програма и/или пракса; и
  • други директни трошоци поврзани со организација и/или учество во програма за стручно усовршување и/или пракса преку овој Инструмент.

Времетраењето на проектот финансиран преку овој Инструмент може да биде до 24 (дваесет и четири) месеци.

За повеќе информации, погледнете го Правилникот за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.

Начин на аплицирање

За да аплицира апликантот треба да:

  • се регистрира на следнитe линкoви:
  • fitr.mk/gazeli за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“)
  • fitr.mk/mikro за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за микро претпријатија
  • fitr.mk/inovativnost за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста
  • fitr.mk/mladi за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.
  • да ги поднесе пополнети, потпишани и печатирани обрасците за Проектна апликација, Буџет на проектот, Изјава на апликантот за прифаќање на условите на Фондот и Прашалник за животна средина.
  • поднесе најмногу 5 кратки биографии на главните лица ангажирани во проектот;
  • поднесе Тековна состојба од Централниот регистар на Република Македонија, не постара од 1 месец
  • Биланс на состојба и Биланс на успех за годината која и претходи на годината кога се аплицира за финансиската поддршка
  • Листа/Потврда за бројот на вработени (освен за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста).

Бараните документи пополнети, печатирани и потпишани, во PDF формат, треба да се испратат на една од следните e-мaил адреси:

  • gazeli@fitr.mk за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“)
  • mikro@fitr.mk за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за микро претпријатија
  • inovativnost@fitr.mk за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста
  • mladi@fitr.mk за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.

Проектната апликација, Буџетот на проектот и биографиите на главните лица ангажирани на проектот се пополнуваат и доставуваат на македонски и на англиски јазик. Сите останати документи се доставуваат само на македонски јазик.

Вкупен буџет

За финансирање проекти под овој јавен повик обезбеден е вкупен износ од 185.000.000,00 (сто осумдесет и пет милиони) денари.

Средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на апликантот.

Сите лица кои едни со други се Поврзани лица, а се јавуваат како поединечни апликанти во рамки на еден јавен повик од Фондот, ќе се сметаат за еден апликант и ограничувањето на финансиската поддршка од ќе важи за сите нив заедно.

Рок за аплицирање

Аплицирањето на јавниот повик трае заклучно со 11.06.2018 година, до 23:59 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог проекти кои се пополнети во обрасците определени за јавниот повик од страна на Фондот,  доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Дополнителни информации

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во Правилниците за секој од инструментите за поддршка – Кофинансираните грантови.

За сите дополнителни информации можете:

  • не посетите во контакт канцеларијата на Фондот на адреса Димитрие Чуповски бр. 8 (на Рекорд)
  • да ни пишете на електронската адреса: info@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број  2 322 3373

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог проектите, за времетраењето на повикот Фондот ќе организира инфо-настани и консултативни средби. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на нашата Facebook страница.

Често поставувани прашања

1. Што може да се ко-финансира под инструментот 1 и 2?

Во рамки на инструментот 1 (мали и средни компании) и инструментот 2 (старт-ап и микро компании) се ко-финансираат проекти за воведување на нови технологии и/или подобра организација во работењето. Со овие проекти се опфатени, меѓу другото, и набавка на нови машини и опрема, изградба на хали, трошоци за организациски подобрувања, обезбедување на сертификати за квалитет на производите итн. Целта на инструментот 1 и 2 е преку набавка (трансфер) на технологија, производи, услуги или методологија што веќе постојат на други пазари да се зголеми продуктивноста, а со тоа и конкурентноста на компанијата апликант.

2. Што се финансира под инструментот 3? Што се подразбира под иновација во рамки на инструментот 3?

Во рамки на инструментот „Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста“ се ко-финансираат трошоци за развој на иновации (производ, услуга, работен процес) во сите фази од концепт, истражување, преку развој на прототип, тестирање и сертифицирање, заштита на права од интелектуална сопственост, до маркетинг за пазар.

Под иновација се подразбира:

  • Развој на нов или значително подобрен производ, услуга, процес или маркетинг иновација (вклучително и технички спецификации, компоненти и материјали, вграден софтвер, ориентација кон корисници и други функционални карактеристики, маркетинг или друг организациски метод во работењето, во организација на работните односи или односите на правното лице со околината) со одржлив бизнис модел.

Воведувањето на иновацијата, како новина во работењето на компанијата, треба да придонесе за:

  • значително зголемување на конкурентската способност на компанијата апликант
  • пласман на нови пазари и/или отворање на нови сегменти од постоен пазар
  • значителна додадена вредност за компанијата

3. Дали може да се набавува опрема под инструментот 3?

Под инструментот „Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста“ можно е ко-финансирање на набавка на опрема доколку опремата е наменета за истражување и/или развој (производство) на иновативен производ, услуга, процес, маркетинг иновација. Притоа, набавката на опремата не треба да биде доминантна компонента во проектот во однос на развојниот дел (истражување, тестирање, сертифицирање, маркетинг…).

Доколку опремата за производство, услуга, процес, маркетинг иновација има одржлив бизнис модел кој веќе постои на пазарите во светот, но тој не е присутен на нашиот пазар, а притоа не се постигнува развојна компонента или значителна додадена вредност за компанијата, истото може да се ко-финансира под инструментот 1 или 2.

4. Дали со Инструментот 3 како трошок може да се стави проширување односно изградба на хали што во следна фаза, како дел од проектот, може да генерираат иновација?

Не. За изградба на хали предвидена е поддршка во рамки на инструментот 1 или 2 и компанијата апликант за тој сегмент може да аплицира под тие инструменти, додека за развојниот дел може да аплицира за ко-финансирање преку инструментот 3.

5. Дали може еден апликант со ист или различен проект да аплицира за повеќе инструменти одеднаш?

Еден апликант може да аплицира со ист предлог проект одеднаш со комбинирање на инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“) и инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица. Во таков случај апликантот пополнува апликација и буџет и за двата инструменти за поддршка.

Еден апликант, со различен предлог проект, може да аплицира за финансиска поддршка преку повеќе инструменти на Фондот

6. Дали е потребна посебна апликација за секој од инструментите?

Да, за секој од инструментите за поддршка постојат посебна апликација и посебен буџет.

7. Дали може да аплицираат големи претпријатија?

Во инструментот за поддршка „Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста“ нема ограничување за големината на претпријатието, така што може да аплицираат и големи претпријатија.

8. Дали може да аплицираат стартапи/новоосновани претпријатија за инструментот „Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста“?

Согласно правилникот за инструментот „Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста“ новооснована компанија може да аплицира со предлог проект, секако доколку ги исполнува критериумите за подобност на апликант наведени во член 7 од правилникот. Во врска со член 11 во делот „документација поврзана со Апликантот“, биланс на состојба се испраќа само доколку е применливо т.е. фирмата постоела претходната година.

9. Дали може две или повеќе капитално поврзани претпријатија да аплицираат со различни проекти?

Две или повеќе капитално поврзани претпријатија може да аплицираат со два различни проекти, меѓутоа треба да се внимава на дозволениот износ и условите за доделување на финансиска помош согласно Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis) и Уредбата за начинот и условите за доделување на хоризонтална помош, соодветно.

10. Дали делот од буџетот кој го обезбедува апликантот мора да биде во пари?

Да, со тоа што средствата добиени од Фондот по која било друга основа, како и средствата добиени по основ на која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на Апликантот.

11. Доколку се добие кофинансиран грант, како се користат средствата?

Уплатата на средствата се вршат на посебна наменска сметка која Корисникот ја отвора пред потпишувањето на договор за Фондот. Уплатата на средствата за ко-финансирање од страна на Корисникот, како и од страна на Фондот, се прави на квартална основа, пред почетокот на секој квартал. Тоа значи дека по потпишување на договор со Фондот, Корисникот треба да го уплати износот на сопственото ко-финансирање за прв квартал, а по доставување на извод од сметка (како доказ дека уплатата е направена) Фондот ја прави уплатата на својот дел од финансирањето за прв квартал.

Постапката се повторува секој нареден квартал со таа разлика што за исплатите за секој нареден квартал, покрај доставен извод за направена уплата на сопственото ко-финансирање, Корисникот ќе треба да достави извештај за претходниот квартал кој Фондот треба да го одобри и да има 70% искористеност на средствата од претходниот квартал.

Инаку, износот на средства по квартал го определува Корисникот при пополнување на буџетот кој е еден од задолжителните обрасци при аплицирање. При изготвување на буџетот Корисникот определува за секој трошок во кој квартал ќе се врши плаќањето и врз таа основа се определуваат вкупните износи по квартал и вкупниот буџет.

12. Дали може да се аплицира на повикот ако проектот е веќе помогнат од друг изввор?

Може да се аплицира, доколку не се предвидат трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори.

13. Дали средствата добиени преку инструментите од повикот се неповратни?

Средствата добиени преку грантовите за кофинансирање од инструментите за поддршка (во рамките на столб 3) се неповратни.

14. Дали инструментите од третиот столб се однесуваат на веќе завршени проекти или на проекти што допрва треба да се развиваат?

Инструментите за поддршка кои се дел од столб 3 се применливи само за идни инвестициски проекти.