Posts

Ученици поддржани од ФИТР изработија еко-проекти за чиста вода, воздух и почва

Еколошки филтер со зеолит за прочистување на водата, воздухот и почвата, систем за детекција на гасови во воздух во работни простории, пречистителна станица за отпадни води која може да се користи за наводнување особено во земјоделието се само дел од еко-проектите на кои работат ученици од повеќе основни и средни училишта, наградени на „Предизвик за млади истражувачи„ од Фондот за иновации и технолошки развој.

Меѓу шесте-еко проекти претставени на мини-саем во Битола е и еколошкиот филтер за намалување на штетното влијание на јаглерод диоксидот изработен од учениците од “Димитар Влахов“ од Струмица.

“Изработивме еколошки филтер направен од зеолит, минерал кој помага да ги прочистиме водата, воздухот и почвата. Најпрвин изработивме прототип, а потоа и филтер кој го поставивме на ауспухот од автомобил. Мерењата покажаа дека количеството јаглероден диоксид се намали за 30 проценти“, вели ученичката Бранкица Митова.

Петок за млади со мини еко саем во Битола 2

Ученици од основното училиште „Манчук Матак“ од Кривогаштани изработија пречистителна станица за отпадните води, која потоа може да се искористи за наводнување и е особено применлива во земјоделието.

„Со нашиот проект со природни ресурси до еколошки здрава животна средина изработивме прототип на пречистителна станица за отпадни води. Отпадната вода минува низ ротатор што ја води низ различни комори на пречистителната станица и потоа се добива употреблива вода за наводнување која преку хидросистем се доставува до земјоделците. Овој проект е пред се наменет за земјоделците кои особено во летните периоди се соочуваат со недостиг на вода за наводнување. Нашиот план е ова решение да им го понудиме и на општините, посебно во реоните каде што земјоделството е примарна дејност“, вели ученикот Христијан Боцовски.

Учениците од приватното училиште САБА креираа систем за детекција, анализа и следење на присуството на штетните гасови во воздухот во работни простории, нивните врсници од средното скопско учичлише Раде Јовчевски Корчагин со нивниот проект „Грин Аир„ засадија специјални растенија во училниците како како природни прочистувачи на воздухот, додека учениците од ООУ Стив Наумов работата на проверка на квалитетот на воздухот во училниците со поставување на сензори-мерачи со кои се мери влажноста, температурата и присуството на јаглерод диоксид во воздухот. Средното училиште Јосип Броз Тито Битола пак ја идентификува концентрацијата на тешки метали во почвата во регионот на Битола и нивната географска распространетост, особено кај РЕК Битола.

Петок за млади со мини еко саем во Битола 3

Во програмата наменета за млади истражувачи која втора година по ред ја спроведува Фондот, до сега се наградени 54 училишта кои работат на проекти во кој се вклучени над 500 учениците.

“Целта на оваа програма е да се поттикне критичкото и креативно размислување кај младите и да се охрабрат да останат тука и да развијат свој бизнис. Покрај Предизвик за млади истражувачи, дополнително развиваме уште две програми со Американската агенција за меѓународен развој-УСАИД и со УНИЦЕФ, чија цел е да се креираат ученички компании со кои потоа ќе може на ваквите проекти да им се додаде и комерцијална вредност. Отвораме нови можности за младите и  оваа поддршка ќе продолжи, бидејќи државата ги поддржува младите да се охрабрат да развијат свој бизнис и да останат тука,  “ истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска најави дека и во иднина ќе поддржуваат вакви настани и  училишни програми.

„Овој саем е од особено значење затоа што преку овие проекти се излегува од теоријата на хартија и им овозможува на младите луѓе низ реални експерименти и низ реални истражувачки  методи, она што го научиле во теоријата да го применат во пракса. Ова отвора широки врати за младиот ум, за жуборот на творечкиот дух, но и на иновативноста и навистина во оваа насока треба и да продолжиме. Особено ме радува што младите луѓе се заинтересирани за ваквиот вид на истражување, но и наставниот кадар кој дава сериозна поддршка во ваквите програми“, рече Петровска.

На последните два повика за млади истражувачи се пријавија по 100 училишта. Деспотовски најави дека поради сѐ поголемиот интерес, на почетокот од второто полугодие ќе биде објавен и третиот повик „Предизвик за млади истражувачи“.

ФИТР од денес со децентрализирани информации и поддршка за компаниите

Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Фондацијата за развој на претприемништво, регионална и прекугранична соработка Битола, денеска организираше презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации, на која присуствуваа претставници на педесетина мали, микро и средни претпријатија од Пелагонискиот регион.

„Фондот е отворена државна институција. Целта на овој настан во Битола е на компаниите од Пелагонискиот регион да им ги приближиме инструментите на ФИТР и можностите за финансиска поддршка од државата“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Инфо сесија Битола за комерцијализација на иновации 2

Тој додаде и дека Фондот ќе продолжи на домашните компании да им обезбедува користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош, а за прв пат оваа поддршка ќе се нуди и децентрализирано во Битола. ФИТР во соработка со Фондацијата за развој на претприемништво, регионална и прекугранична соработка како партнерската организација на компаниите од овој регион ќе им обезбеди поддршка на потенцијалните апликанти, и ќе нуди информации поврзани со инструментите, деталите, условите и можностите за аплицирање. Вакви инфо-центри во наредните денови ќе почнат да функционираат и во Тетово и Струмица, во соработка со локални партнерски организации и здруженија.

“Особено не охрабрува фактот што имаме голем интерес кај компаниите за нашите инструменти, што истоврмено е знак на доверба во самата инстутуција и процесите што ги спроведуваме. Последните бројки велат дека од објавувањето на овој јавен повик од крајот на март до сега се преземени околу 850 апликациски пакети при што очекуваме голем дел од нив и да поднесат предлог апликации,“ рече Деспотовски, охрабрувајќи ги компаниите од овој регион да инвестираат во развој на иновативни проекти.

Инфо сесија Битола за комерцијализација на иновации 3

Инаку, јавниот повик за Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации е отворен до 15.05.2019 година, и тој има за цел да се поттикне зголемување на активностите за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката меѓу приватниот сектор и приватниот сектор со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останатите форми на соработка за комерцијализација на иновации.

Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар, како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на следниот линк: www.fitr.mk/inovacii

Инвестирањето во младите е најсигурната инвестиција – ФИТР на панел дискусија во Битола

Инвестирањето во младите е најсигурната инвестиција – ова беше заклучокот од денешната панел дискусија која се одржа во Битола, а кој имаше за цел продлабочување на соработката помеѓу бизнис секторот, локалните власти и стопанските комори преку поддршка на иновативни бизнис проекти на млади.

Новите програми за млади на ФИТР ќе бидат директен поттик тие да ја гледаат својата иднина во Македонија, како и да ги поттикнат иновациските и претприемачки вештини помеѓу младата популација.

Програмите за млади ќе придонесат и за надминување на јазот кој се јавува помеѓу стекнатото знаење и вештини во воспитно-образовниот процес и прилагодување на потребите и барањата на пазарот на трудот.

Во рамките на настанот беа промовирани и наградените проекти во рамките на меѓународниот фестивал Music Tech Festival Macedonia. Овој меѓународен фестивал беше поддржан од страна на ФИТР, како и компанијата Кромберг и Шуберт и општина Битола.