Posts

Поддршка од ФИТР за проект на компанијата „Таргет груп“

Проектот „Развој на модули на Бизнис Мрежа.мк Развој на нов производ Credit Information Solutions“ на компанијата Таргет груп има за цел надградба на веќе постоечка платформа за деловни информации, како и изградба на сосема нова платформа за изработка и продажба на бонитетни извештаи за компании од регионот.

„Проектот за кој нашата компанија доби грант за кофинансирање од страна на #ФИТР е поделен во два дела. Првиот дел се однесува на надградба на веќе постоечка платформа за деловни информации: biznismreza.mk и се предвидува развој на нови модули кои што ќе ја олеснат употребата на самите клиенти. Во вториот дел предвидуваме изградба на сосема нова платформа за изработка и продажба на бонитетни извештаи за компании од регионот на поранешна Југославија и компании што соработуваат со нив од целиот свет, а се предвидува и платформата да биде пласирана на глобално ниво со цел да ги задоволи потребите на сите компании без разлика на регионот со кои што работат“, велат од компанијата Таргет Груп.

Тие истакнуваат дека во самиот тек на проектот се предвидени четири нови вработувања, а дополнително по истекот на проектот со секои нови четири до пет држави што се вклучуваат на платформата се очекува дополнително вработување.

„Што се однесува до бенефитите за домашните компании, тие ќе имаат лесен пристап до деловни податоци за партнери од странство со кои што немале досега соработка, така што ќе се олесни целокупното работење на сите локални компании.“, истакнува претставникот на компанијата во видеото.

Компанијата Таргет Груп е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Влада на Република Македонија.

Со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.

Со вториот инвестициски бран од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија се поттикнуваат инвестиции од 2 милијарди денари во проекти со ангажман од над 800 лица со просечна плата од 40.000 денари

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денеска на 65 домашни компании им доделија грантови за кофинансирање на проекти од вториот инвестициски бран, во рамки на првиот повик од Столб 3 од Планот за економски раст.

Посочувајќи дека досега повеќе од 130 компании од Македонија добија грантови за кофинансирање на нивните проекти, премиерот Заев истакна дека тоа е доказ дека Планот за економски раст во изминатата година не само што ја постигна, туку и ја надмина зацртаната цел. Премиерот Заев додаде и дека вкупниот износ на нови инвестиции во економијата само со втората група компании за финансирање е 824.828.614.00 денари, и дека со инструментот за поддршка – инструмент за подобрување на иновативноста, вкупно се ангажирани 323 лица, од кои 85 се ново вработени.

„Поддршката за отворање на центри за технолошки развој и иновации, којашто за првпат е воведена во Македонија, освен што во голема мера го поттикна технолошкиот развој, ја разбуди и креативноста на компаниите. Истовремено, македонските компании станаа поконкурентни на пазарите во регионот. Планот за економски раст создава економија со здрави и цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството, како и целата земја. И затоа продолжуваме со засилено темпо“, потенцираше премиерот Заев.

Во своето обраќање пред присутните премиерот Заев истакна дека проектираната фискална политика за следната година, ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување во НАТО и интеграцијата кон Европската Унија.

„И натаму остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 37% во однос на ребалансот за 2018-та година. Предвидуваме 37 отсто повеќе пари за: зголемување на конкурентноста на приватниот сектор – преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, за поддршка за создавање на нови вработувања, за поддршка на малите и средните претпријатија, за странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и секако за субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување“, заклучи премиерот Заев.

Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев нагласи дека продолжува да се остварува визијата на Владата, иновативноста и технолошкиот развој да бидат основа за раст на индустриското производство, продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.

„Единствениот начин една економија да биде поконкурентна е компаниите да имаат пристап до современи технологии, да добијат знаења и вештини, тие технологии да ги користат и да поседуваат добри организациски способности. Во првите два сегменти Владата посветено помага на македонските компании и преку мерките од трите столба на Планот за економски раст оваа година обезбедивме финансиски средства за рекордна поддршка на околу 250 компании. Технолошкиот развој е иднината на нашата држава, за индустриски раст и повисоки стапки на БДП. Поттикнуваме зголемена продуктивност и конкурентност на македонските компании, со кои ќе се поттикне раст на извозот, на стапки од над 60% во учество на БДП, а со тоа ќе поттикнеме и побрз и одржлив економски раст“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот додаде дека во наредните денови, во целост ќе бидат исплатени средствата за поддршка на компаниите преку првиот и вториот столб од Планот за економски раст, коишто реализирале инвестиции во 2017 година и коишто поднеле барање за исплата на финансиска поддршка.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски од своја страна посочи дека досегашните резултати покажуваат придвижување на домашната економија, но и дека компаниите се подготвени да вложат и свои средства во иновации и технолошки развој. Како што рече Деспотовски, само во вториот бран, компаниите во просек вложиле речиси иста сума сопствени средства како и државата.

„Со третиот столб од планот за економски раст во 2018-та година поттикнавме инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 2 милијарди денари. Она што особено радува е фактот што во овие проекти ќе бидат ангажирани над 800 лица со просечна плата од 40.000 денари. Поддршката за сите домашни компании ќе ја продолжиме и во 2019-та година“, истакна Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

ФИТР остро реагира на изнесените невистини на денешната прес конференција на политичката партија ВМРО ДПМНЕ

Компанијата „Билд“ не е корисник на средства од Фондот за иновации и технолошки развој, ниту пак се исплатени било какви средства на истата. За оваа компанија, Комитетот за одобрување на инвестиции, што е независно тело, составено од меѓународни експерти, има донесено одлука за финансиска поддршка во јули 2018 година., но постапката за потпишување на договор од страна на Фондот со оваа компанија е запрена. Во самата постапка пред потпишување на билокаков договор, што ја води Фондот, целосно се применуваа и ќе се применуваат сите одредби од регулативата за спречување на судир на интерес, без исклучок.

Дополнително, споменатото лице Неда Икономова – Гавриловска ниту била ангажирана, ниту може да биде ангажирана во било која фаза од евалуација и одлучување за доделување на финансиска поддршка од страна на Фондот, било како надворешен соработник или како вработен. Истото, од причина што Фондот применува системско решение за превенција од влијанија, преку двостепен систем на оценка и одлучување, во кој се вклучени надворешни домашни и странски експерти, што се ангажираат на јавен оглас. Вработените во Фондот за иновации и технолошки развок, директорот и членовите на Управниот одбор се целосно исклучени од процесот на одлучување.

Имајќи ги предвид овие факти, останува дилемата зошто на политичката партија ВМРО ДПМНЕ и пречи финансиската поддршка за инвестиции на над 140 домашни микро, мали и средни компании што Фондот ја реализира во транспарентни постапка и однапред објавени критериуми во 2018 година. За реализација на инвестициските проекти, сите домашни компании вложуваат сопствени средства од 40% и ќе ангажираат над 800 лица, за кои ќе исплатат двојно поголема плата од просекот во земјата.

Потпишан меморандум за соработка за промоција на стручното образование во Македонија – стручните занимања нудат стабилно вработување и солидни плати

Денес во Владата на Република Македонија, потпишан е Меморандум за соработка за заедничка медиумска кампања за промоција на стручните занимања и стручното образование, чија главна цел е јакнење на свеста за значењето на овој тип образование и занимања, како и нивна промоција кај младите луѓе и нивните родители. Меморандумот во име на Владата го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, како и претставници на проекти кои се спроведуваат со поддршка на УНДП, УСАИД и Швајцарската агенција за соработка.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев подвлече дека Владата активно работи на сите сегменти за поддршка на стопанството, најпрвин преку обезбедување на стабилна бизнис клима и обезбедување на висок степен на владеење на правото, како и за финансиска поддршка на компаниите.

„Многу важен елемент за компаниите е обезбедување на соодветен, стручен и професионален кадар. Тука се соочуваме со два проблеми. Првиот проблем е образовниот систем кој не соодветствува со реалните потреби и многу години наназад стимулираме образовен систем кој креира кадар кој не може да ја реализира својата практична примена во реалната економија. Имаме многу универзитети, во главно гимназиски средношколски систем кој промовира универзално знаење коешто е главно неприменливо по завршувањето на образованието, а оттука натаму имаме премногу универзитети кои креираат кадри кои не може да ја најдат својата иднина. Работиме да ја надминеме оваа ситуација на два начини, преку итни мерки како што е преквалификација, преобука, дообука на кадри за потребите на реалниот сектор, но и со системски мерки кои подразбираат создавање на професионални средни стручни училишта и реформа на системот на високо образование Ќе работиме на тоа да ја подигнеме свесноста кај учениците и родителите, дека со квалитетно стручно образование ќе имаат квалитетно и стабилно вработување“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Потпишување на Меморандум соработка за промоција на стручното образование во Македонија Анѓушев и Царовска

Министерството за труд и социјална политика, како креатор и имплементатор на политиките, проектите и мерките за намалување на невработеноста, го зазема централното место во реализација на Меморандумот за соработка. Министерката Мила Царовска  потенцираше дека е задоволна со одличната реализација на мерките од Оперативниот план за поддршка на вработувањето во 2018 година.

„Во 2018 година имаме реализација од над 90% на мерките предвидени со Оперативниот план, што значи дека се одлично конципирани и осмислени. За 2019 година имаме рекордна 1 милијарда денари за преквалификација. Со тоа сметам дека ќе го подобриме недостигот на стручен кадар во Македонија. Исто така Законот за социјална заштита ќе биде само појдовна точка за намалување за сиромаштијата бидејќи само преку вработување се излегува од сиромаштија. Со социјалната реформа ќе се работи на активација на пазарот на труд на лицата кои се корисници на социјална помош, а се работоспособни“, додаде Царовска.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, истакна дека активно се работи на повеќе аспекти за подобрување на образовниот процес.

„Да го потенцирам најважниот факт поврзан со изборот на средно стручно образование, а тоа е дека овој тип на образование обезбедува најголема веројатност веднаш по завршувањето на соодветниот степен на образование, поединецот да си обезбеди работен ангажман и да го материјализира знаењето. Потребата од стручен кадар е голема во моментов и во иднина таа уште повеќе ќе се зголемува. Така што, оваа кампања за која денес потпишуваме меморандум е и повеќе од значајна. Ние во моментов навистина многу сме заложени и работиме да го унапредиме квалитетот на стручното образование и обука, но потребно е сите тие позитивни промени, можностите и придобивките кои произлегуваат од нив во текот на образовниот процес, но и по неговото завршување, да ги презентираме и да ги доближиме до младите и воопшто до граѓаните“, истакна Адеми.

Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. г-ѓа Сибил Сутер, подвлече дека Швајцарија силно ја поддржува Македонија во реформскиот процес.

“Швајцарија е добро позната по своето стручно образование и обука. Важна лекција што ја научивме е дека треба постојано да го подобруваме системот за стручно образование и обука, да се прилагодуваме на динамичната економија. Силно веруваме дека ангажирањето на приватниот сектор во стручното образование и обука е од витално значење и за производство на квалификувана работна сила и за приватни компании да бидат конкурентни на меѓународните пазари”, кажа амбасадорката Сутер.

„Со кампањата што ја промовираме денес даваме придонес кон менување на свеста и приоритетите, особено кај младите. Шансата да ја препознаат дома, во Македонија, преку стручно образование, а потоа и усовршување. ФИТР веќе реализира ваква програма, со која се обезбедуваат до 1 милион денари за стручно усовршување во странство. Посебен, важен сегмент, останува поттик за развивање на свој бизнис, со развој и примена на нови технологии“, рече Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, кој ќе биде активен учесник во кампањата.

Потпишување на Меморандум соработка за промоција на стручното образование во Македонија

Еден од потписниците на меморандумот е „Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем“, а во име на потписникот и американската амбасада се обрати директорката на програмската канцеларија на УСАИД, г-ѓа Ненси Годфри.

„Дел од решението за недостатокот на стручната работна сила е промоција на стручните занимања како прв избор. Со тие вештини младите можат да бидат и претприемачи. Да се биде стручен столар, механичар, заварувач или фризер, тоа претставува можност за самовработување или за отпочнување на мал бизнис. Истовремено, им овозможува на работниците да имаат поголема моќ во преговорите со работодавците, ако се одлучат за таква кариерна патека“, додаде Годфри.

Во име на УНДП, меморандумот го потпиша в.д. раководител на канцеларијата во Македонија,  г-дин Зоран Самарџиев.

Деспотовски на регионална конференција Innovation Talk 2018: Македонија во 2018 година за 12 пати ја зголеми поддршката за иновации

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски, учествува на Innovation Talk 2018 – регионална конференција за технолошки иновации која се одржува во Белград.

На панелот „Иновации-поглед од Балканот“, Деспотовски заедно со министрите задолжени за иновации, наука, истражување и технологија на Србија, Босна и Херцеговина, Република Српска и Словачка, зборуваа за улогата на државата во развојот на иновациите и подобрувањето на бизнис екосистемот. Директорот на ФИТР ги претстави активностите кои ги презема македонската влада за поддршка на иновациите во земјата, нагласувајќи дека владата годинава за 12 пати ги зголемила инвестиците во овој сектор во однос на претходните три години вкупно.

Despotovski_InnovationTalk18_02

„Нашата политика е дека иновациите се применливи секаде и сакаме да ги поттикнеме сите кои имаат иновативни идеи да ги претворат во успешни бизнис приказни. Она што ни недостасува е креирање на критична маса успешни примери со кои покрај државата која е важен фактор, ќе се охрабрат и приватните инвеститори да вложуваат пари во иновативни проекти,“ изјави Деспотовски.

Сите соговорници на дебатата се согласија дека е потребна промена на менталитетот и кај компаниите и кај инвеститорите за побрз и поефикасен развој на економијата, како и дека иднината е кај младите луѓе.

„Апетитот за преземање ризик во бизнисот е сѐ уште мал, особено кај младите луѓе. Преку разни програми работиме на тоа да им се развие критичкиот начин на размислување уште од мали нозе и да се научат да преземаат ризик, да се поттикнат своите бизинис идеи да ги реализираат дома, а не да ја бараат својата иднина надвор. Бидејќи само со преземање на ризик може да се направи значаен чекор напред, ризикот е шанса не само опасност,“ нагласи Деспотовски.

Учесниците на министерскиот панел се согласија дека регионот има голем потенцијал кој сѐ уште не е докрај искористен и дека за да се оди побрзо напред потребна е поголема регионална соработка.

Despotovski_InnovationTalk18_03

Директорот на ФИТР оствари и билатерални средби со Ненад Поповиќ, министер за иновации и технолошки развој на Р. Србија и со Ален Шераниќ, министер за наука и технологија на Република Српска. На средбата со министерот Поповиќ се разговараше за институционалната поставеност и искуството на Србија во делот на иновации, а беа разгледани и можностите за регионална соработка.

На конференцијата учествуваат истакнати регионални и локални експерти од јавни и меѓународни компании кои дебатираат на различни панели меѓу кои се: паметни градови, индустрија 4.0, технологија на иднината и соработка меѓу корпорации и иновации. Учесниците на конференцијата имаат можност да се запознааат со најновите трендови во областа на иновациите и нивна примена во општеството и економијата, како и со потенцијалите за користење на нови технологии во бизнисот, начинот на кој истите ги менуваат традиционалните индустрии, како и кои се националните рзвојни политики во областа.

Foto 1

Целта на настанот е на едно место да  се соберат сите релевантни актери од иновативниот екосистем на регионот како придонес кон отворање на нови можности за соработка во регионот.

Деспотовски на регионална конференција за иновации во Белград ќе ги претстави владините иницијативи за поддршка на иновациите во економијата

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски, ќе учествува на Innovation Talk 2018 – регионална конференција за технолошки иновации која ќе се одржи во Белград на 29.11.2018, четврток.

Деспотовски ќе учествува на министерскиот панел на кој заедно со министрите задолжени за иновации, наука, истражување и технологија на земјите од регионот, ќе зборува за активностите кои македонската влада ги презема за подобрување на бизнис екосистемот и можностите за поголема достапност до финансиска поддршка за компаниите во земјата.

На маргините на коференцијата директорот на ФИТР, ќе има и билатерални средби со Ненад Поповиќ, министер за иновации и технолошки развој на Р.Србија и со Ален Шераниќ, министер на Република Српска за наука и технологија, на кои ќе бидат разменети искуства и разгледани можностите за регионална соработка.

На конференцијата ќе се обрати и Марија Габриел, комесарката на Европската комисија задолжена за дигитална економија и општество, а истакнати регионални и локални експерти од јавни и меѓународни компании ќе дебатираат на различни панели меѓу кои се: паметни градови, индустрија 4.0, технологија на иднината и соработка меѓу корпорации и иновации. Учесниците на конференцијата ќе бидат запознаени со најновите трендови во областа на иновациите и нивна примена во општеството и економијата, како и со потенцијалите за користење на нови технологии во бизнисот, начинот на кој истите ги менуваат традиционалните индустрии, како и кои се националните рзвојни политики во областа.

Целта на настанот е на едно место да се соберат сите релевантни актери од иновативниот екосистем на регионот како придонес кон отворање на нови можности за соработка во регионот. Повеќе информации за настанот се достапни на https://innovationtalk.rs

Одржана инфо сесија за јавниот повик „СтартАПувај“ во Охрид

Претставници на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) одржаа Инфо сесија за јавниот повик „Стартапувај“ во Охрид. Настанот се одржа на 23.11.2018 година во просториите на Факултетот за туризам и угостителство.

Целта на овој јавен повик е финансиска поддршка на новоосновани старт-ап и спин-оф компании и истиот се спроведува со поддршка на Светска банка.

Линк и повеќе информации за повикот и начинот за аплицирање се достапни на следниот линк: fitr.mk/startapuvaj

Досега вакви вакви настани се одржаа во Скопје, Битола, Тетово, Штип, Прилеп, Струмица и Охрид, како и во Стопанската комора на Македонија.

Одржана инфо сесија за јавниот повик „#СтартАПувај“ во Струмица

Претставници на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) одржаа Инфо сесија за јавниот повик „#Стартапувај“ во Струмица. Целта на овој јавен повик е финансиска поддршка на новоосновани старт-ап и спин-оф компании и истиот се спроведува со поддршка на Светската банка.

Линк и повеќе информации за повикот: fitr.mk/startapuvaj

Инфо сесија Стартапувај во Струмица 2

Оваа инфо сесија беше организирана во рамките на работната средба со бизнис заедницата на општина Општина Струмица и презентацијата на Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

На настанот учествуваа Зорица Апостолска, министерка без ресор задолжена за странски инвестиции, Коста Јаневски, градоначалник на општина Струмица, Бисера Јордановска – претставничка на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и Ана Ѓоргиева, претставничка на Кабинетот на министерката Апостолска.