Posts

478 апликации, вкупни инвестиции од 105 милиони евра – Презентирани првичните податоци од јавниот повик за грантови за комерцијализација на иновации на ФИТР

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денес, на прес конференција, ги презентираа првичните податоци во врска со доставените апликации од страна на компаниите на завршениот втор јавен повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, кои се однесуваат на мерките од третиот столб на Планот за економски раст (ПЕР), за поддршка на микро, мали и средни компании.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека интересот на компаниите на вториот јавен повик е навистина голем, значително повисок во однос на повикот во 2018 година, со што се покажува дека микро, малите и средни компании ги препознаваат мерките како исклучителна можност за нивниот развој. Како споредба, вицепремиерот кажа дека во 2018 година, апликации беа доставени од 244 компании, а биле потпишани договори со 133 компании, додека на вториот јавен повик се имаат пријавено 487 апликации, што е двојно повеќе од лани.

Презентација ПЕР 2019 година 2

“Поддршката на микро, малите и средни компании е, и ќе продолжи да биде еден од столбовите за економски развој на нашата држава. Со овие мерки, силно се поддржува индустријата, која покрај градежништвото, земјоделството и трговијата, е еден од главните генератори на бруто домашниот производ. Преку доставените апликации, утврдивме дека се планирани вкупни инвестиции во висина од 105 милиони евра, а компаниите во своите барања побаруваат 70 милиони евра, додека 35 милиони евра се сопствени средства на компаниите“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот посочи  дека за поддршка на ММСП, во 2019 година, во буџетот се планирани околу 10,5 милиони евра, а додаде дека по извршена евалуација на сите апликации и утврдување на квалитетот на проектите, доколку постојат доволно квалитетни проекти, Владата ќе направи напор да се обезбедат дополнителни средства за поддршка на проектите на компаниите.

„Мерките за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, како и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се главен генератор на индустрискиот развој во Република Северна Македонија, каде имаме исклучително добри резултати.

Само во првиот квартал на 2019 година, во споредба со истиот квартал лани, бележиме раст на индустриското производство над 8%, раст кој не е возможен без нови инвестиции во индустрија и отворање на нови погони. Како резултат на мерките за поддршка на Владата, во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, во моментот се реализираат 19 нови инвестициски проекти во технолошко-индустриските развојни зони, дополнително неколку фабрики надвор од ТИРЗ. Потврдена  е нова инвестиција на словенечката компанија ТАБ МАК во Пробиштип во вредност од 25 милиони евра, како и нова инвестиција за изградба на шински возила на чешката компанија Локо Транс. Во моментот вкупно се градат околу 25 фабрики, кои ќе отворат нови над 5000 работни места, што ќе придонесе за понатамошен развој на економијата во Република Северна Македонија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев

“Овие рекордни бројки, од интересот на компаниите на јавниот повик, се знак на доверба во процедурите и инструментите на ФИТР. Воедно истите се показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат сопствени средства во развој и иновации. Особено охрабрува фактот што компаниите предвидуваат ангажман на нови 2726 лица, што е пораст од 59,34% во однос на лани,“ нагласи Деспотовски.

Презентација ПЕР 2019 година 3

Компаниите од ФИТР побаруваат над 70 милиони евра што е за 14 пати повеќе од предвидениот буџет за овој повик во висина од 5 милиони евра.

“Јас верувам во овој процес и позитивните ефекти за економијата, и ќе се заложам заедно со Владата на РСМ да се обезбедат дополнителни средства за финансирање. На тоа не обврзуваат бројките што ги презентираме и денеска, а кои се показател и за ефикасноста на овој дел од економската политика на владата“ порача Деспотовски.

Инаку најголем дел од апликациите се од скопскиот регион, но има и од 27 други места од целата земја. Во однос на секторите, пристигнат се апликации од 28 индустрии, најголем број од ИТ секторот, но меѓу останатите има и од земјоделие, здравство, маркетинг, машинска и прехранбена индустрија.

Во тек е административната проверка по што следи фазата претселекција која ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Проектите кои ќе добијат минимум 51 поени во просек преминуваат во втората фаза, во која Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, ќе ја донесе конечната одлука за финансирање на предлог проекти.

Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Овие мерки, кои се дел од Планот за економски раст, од годинава се поддржани и од Светска Банка која стана финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите. Јавниот повик за прибирање на апликации за ко-финансирани грантови беше отворен од 31.03 до 15.05.

Електричното Фиќо, пример за соработка меѓу проект финансиран од ФИТР и странски инвеститор

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски присуствуваа на презентација на електричното возило ЗАС Г20, производ од проектот „Замена на мотор со внатрешно согорување на класичен автомобил Фиќо, со електричен мотор“, на компанијата ББ Класик карс, добитник на грант од ФИТР.

За време на презентацијата, која се одржа во кругот на браунфилд објектот на германската компанија Кеслер, од која ББ Класик карс ги набавува електричните мотори, Вицепремиерот нагласи дека ова автентично електрично возило е добар пример за соработка помеѓу една домашна компанија со несекојдневна и креативна идеја за работа и странски инвеститор кој работи во земјата.

„Презентацијата на автомобилот е точно она што ние го посакуваме да го видиме како резултат од програмите што ги има Владата во рамките на третиот столб од Планот за економски раст, кој се спроведува од ФИТР и во рамките на првиот и вториот столб кои се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Мило ми е што гледам дека има реални резултати од проектот на ББ Класик Карс поддржан со грант од ФИТР во висина од 70% од вкупната вредност на проектот, а конкретните продукти се тоа што беше наша замисла да го видиме како резултат од мерките што ги спроведуваме како поддршка на компаниите“ нагласи Анѓушев.

За време на презентацијата вицепремиерот оствари средба со управителот на компанијата Кеслер Патрик Трулие и сопственикот на ББ Класик Карс Милорад Китановски, со кои разговараше и за идниот развој на двете компании. Трулие информираше дека Кеслер во моментот своето производство на статори за електро мотори го извршува во изнајмен објект во општината Илинден во кој работат над 40 лица, од кои добар дел се инженери.

„Германската компанија Кеслер е една од компаниите која во ТИРЗ Бунарџик има закупено простор од 13.600 квадратни метри, а планираат да го прошират за нови 5.000 квадратни метри. Во моментов се вршат подготвителни градежни работи на парцелата, а нивната намера е да изградат фабрика со висока технологија за производство на електромотори, електрични компоненти и електронски компоненти за ЦНЦ машини и за електрични возила. Се планира во објектот да има и развоен центар, токму такви компании ни требаат во земјата, со повисок технолошки развој кои ќе понудат софистициран производ, ќе вработат високо квалификувани кадри и ќе обезбедат подобро платени работни места за граѓаните“, подвлече Анѓушев.

Директорот на ФИТР Јован Деспотовски нагласи дека преку мерките од Фондот, компанијата ББ Класик Карс ќе добие поддршка во вредност од околу 7 милиони денари, додека сопственикот ќе учествува со 3 милиони денари, за да проектот за автентичен електричен автомобил се реализира во целост.

„Задоволство ми е што денеска може да презентираме еден од првите резултати од Планот за економски раст во третиот столб кој го започнавме 2018 година. Ова е добра идеја која е преточена во конкретен продукт, а одлично е што имаме додадена вредност на целиот проект, а тоа е германски инвеститор што ја препозна можноста во овој продукт да најде свој пазар и свој интерес“, потенцираше Деспотовски.

Тој додаде дека производството и присуството на Кеслер во Република Северна Македонија, реално ќе помогне да заживее концептот на ББ Класик карс и додаде дека веќе се разговара како, покрај на постоечкиот модел, би можело да се примени вградување на електричен мотор и на други возила со што ќе се придонесе до почиста и поздрава животна средина.

Сопственикот на ББ Класик карс Милорад Китановски посочи во проектот за електричен автомобил соработува со 20-тина мали стопанственици, занаетчии, работилници и претпријатија.

Управителот на Кеслер во нашата земја, Патрик Трулие ги потенцираше можностите кои Владата ги нуди за поддршка на нови инвестиции и нагласи дека до крајот на годинава планираат да ја изградат нивната фабрика во Бунарџик.

„Имаме сериозни планови да растеме како компанија, особено во делот на производство на електромотори и електро компоненти. На крајот на годината, нашиот план е да изградиме фабрика во Бунарџик, со што ќе се овозможи понатамошниот раст и развој “, рече Тролие.

Потпишан меморандум за соработка за промоција на стручното образование во Македонија – стручните занимања нудат стабилно вработување и солидни плати

Денес во Владата на Република Македонија, потпишан е Меморандум за соработка за заедничка медиумска кампања за промоција на стручните занимања и стручното образование, чија главна цел е јакнење на свеста за значењето на овој тип образование и занимања, како и нивна промоција кај младите луѓе и нивните родители. Меморандумот во име на Владата го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, како и претставници на проекти кои се спроведуваат со поддршка на УНДП, УСАИД и Швајцарската агенција за соработка.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев подвлече дека Владата активно работи на сите сегменти за поддршка на стопанството, најпрвин преку обезбедување на стабилна бизнис клима и обезбедување на висок степен на владеење на правото, како и за финансиска поддршка на компаниите.

„Многу важен елемент за компаниите е обезбедување на соодветен, стручен и професионален кадар. Тука се соочуваме со два проблеми. Првиот проблем е образовниот систем кој не соодветствува со реалните потреби и многу години наназад стимулираме образовен систем кој креира кадар кој не може да ја реализира својата практична примена во реалната економија. Имаме многу универзитети, во главно гимназиски средношколски систем кој промовира универзално знаење коешто е главно неприменливо по завршувањето на образованието, а оттука натаму имаме премногу универзитети кои креираат кадри кои не може да ја најдат својата иднина. Работиме да ја надминеме оваа ситуација на два начини, преку итни мерки како што е преквалификација, преобука, дообука на кадри за потребите на реалниот сектор, но и со системски мерки кои подразбираат создавање на професионални средни стручни училишта и реформа на системот на високо образование Ќе работиме на тоа да ја подигнеме свесноста кај учениците и родителите, дека со квалитетно стручно образование ќе имаат квалитетно и стабилно вработување“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Потпишување на Меморандум соработка за промоција на стручното образование во Македонија Анѓушев и Царовска

Министерството за труд и социјална политика, како креатор и имплементатор на политиките, проектите и мерките за намалување на невработеноста, го зазема централното место во реализација на Меморандумот за соработка. Министерката Мила Царовска  потенцираше дека е задоволна со одличната реализација на мерките од Оперативниот план за поддршка на вработувањето во 2018 година.

„Во 2018 година имаме реализација од над 90% на мерките предвидени со Оперативниот план, што значи дека се одлично конципирани и осмислени. За 2019 година имаме рекордна 1 милијарда денари за преквалификација. Со тоа сметам дека ќе го подобриме недостигот на стручен кадар во Македонија. Исто така Законот за социјална заштита ќе биде само појдовна точка за намалување за сиромаштијата бидејќи само преку вработување се излегува од сиромаштија. Со социјалната реформа ќе се работи на активација на пазарот на труд на лицата кои се корисници на социјална помош, а се работоспособни“, додаде Царовска.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, истакна дека активно се работи на повеќе аспекти за подобрување на образовниот процес.

„Да го потенцирам најважниот факт поврзан со изборот на средно стручно образование, а тоа е дека овој тип на образование обезбедува најголема веројатност веднаш по завршувањето на соодветниот степен на образование, поединецот да си обезбеди работен ангажман и да го материјализира знаењето. Потребата од стручен кадар е голема во моментов и во иднина таа уште повеќе ќе се зголемува. Така што, оваа кампања за која денес потпишуваме меморандум е и повеќе од значајна. Ние во моментов навистина многу сме заложени и работиме да го унапредиме квалитетот на стручното образование и обука, но потребно е сите тие позитивни промени, можностите и придобивките кои произлегуваат од нив во текот на образовниот процес, но и по неговото завршување, да ги презентираме и да ги доближиме до младите и воопшто до граѓаните“, истакна Адеми.

Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. г-ѓа Сибил Сутер, подвлече дека Швајцарија силно ја поддржува Македонија во реформскиот процес.

“Швајцарија е добро позната по своето стручно образование и обука. Важна лекција што ја научивме е дека треба постојано да го подобруваме системот за стручно образование и обука, да се прилагодуваме на динамичната економија. Силно веруваме дека ангажирањето на приватниот сектор во стручното образование и обука е од витално значење и за производство на квалификувана работна сила и за приватни компании да бидат конкурентни на меѓународните пазари”, кажа амбасадорката Сутер.

„Со кампањата што ја промовираме денес даваме придонес кон менување на свеста и приоритетите, особено кај младите. Шансата да ја препознаат дома, во Македонија, преку стручно образование, а потоа и усовршување. ФИТР веќе реализира ваква програма, со која се обезбедуваат до 1 милион денари за стручно усовршување во странство. Посебен, важен сегмент, останува поттик за развивање на свој бизнис, со развој и примена на нови технологии“, рече Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, кој ќе биде активен учесник во кампањата.

Потпишување на Меморандум соработка за промоција на стручното образование во Македонија

Еден од потписниците на меморандумот е „Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем“, а во име на потписникот и американската амбасада се обрати директорката на програмската канцеларија на УСАИД, г-ѓа Ненси Годфри.

„Дел од решението за недостатокот на стручната работна сила е промоција на стручните занимања како прв избор. Со тие вештини младите можат да бидат и претприемачи. Да се биде стручен столар, механичар, заварувач или фризер, тоа претставува можност за самовработување или за отпочнување на мал бизнис. Истовремено, им овозможува на работниците да имаат поголема моќ во преговорите со работодавците, ако се одлучат за таква кариерна патека“, додаде Годфри.

Во име на УНДП, меморандумот го потпиша в.д. раководител на канцеларијата во Македонија,  г-дин Зоран Самарџиев.