Posts

Досега околу 1000 презмени апликациски пакети за вториот повик од Планот за економски раст на Владата

Фондацијата за поддршка на претпријатија – ЕСА Тетово и Стопанската Комора на Северо-Западна Македoнија во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, организираа презентација поврзана со Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации пред компаниите од северозападниот регион и членки на СКСЗМ. На претставниците на компаниите им се обратија министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Министерот Бектеши нагласи дека малите и средните претпријатија се двигатели на инклузивниот економски раст во Република Северна Македонија и во создавањето на продуктивни и одржливи работни места.

Инфо сесија комерцијализација на иновации во Тетово 2

„Со ваквата поддршка сакаме да ја подигнеме конкурентноста на малите и средни компании, за да можат да соработуваат со други компании од земјата и надвор од неа, односно да бидат извозно ориентирани. Крајна цел на целиот тој процес е развој на општеството. Развојот на МСП долгорочно гледано води кон јакнење на целокупната економија,“ рече министерот Бектеши.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски нагласи дека Фондот ќе продолжи на домашните компании да им обезбедува користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош.

„ФИТР е отворена државна институција. Настојуваме целосно да ги доближиме програмите, можностите и критериумите до сите компании, во сите региони. Започнавме процес на децентрализиран пристап до информации, советодавни услуги и техничка помош. Тетово е еден од трите први урбани центри кои учествуваат во овој процес. Фактот што во овие три недели од објавувањето на повикот имаме околу 1000 презмени апликациски пакети ни е само мотив повеќе да продолжиме да работиме и понатаму со исто темпо. Тоа истовремено е и знак на доверба на компаниите во иниституцијата и начинот на којшто работиме.“ – изјави Деспотовски.

Инфо сесија комерцијализација на иновации во Тетово 3

Вкупната вредност на предвидените средства за овој инструмент е пет милиони евра, од кои 3 милиони евра обезбедува државата, додека 2 милиони обезбедува Светската банка.

Проектите кои се поддржани со овој инструмент се: истражувачки и развојни активности, активности за тестирање, активности за заштита на интелектуална сопственост, проекти, развој на пилот-линија, активности за обезбедување квалитет, маркетинг и продажба.

Повикот за аплицирање во овој проект е отворен до 15.05.2019 година. Владата ги поттикнува сите што ги исполнуваат условите предвидени да аплицираат за развој на економијата на земјата во целина.

Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на следниот линк www.fitr.mk/inovacii

Проектот „Вином“ на компанијата Био Инжинеринг со поддршка од ФИТР

Проектот „Вином“ на компанијата Био Инжинеринг има за цел да им помогне на малите винарници да станат се поконкурентни на пазарот на производство на новите персонализирани вина.

„Нашата компанија е основана во 1998 година, значи веќе постоиме 20 години. Моментално се наоѓаме во нашиот истражувачки центар за примената микробиологија и биотехнологија, каде што ќе се работи и проектот „Вином“ кој е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој. Целта на овој проект е изолација на геолокални, автохтони македонски квасци од домашните лозја.“, велат од компанијата Био Инжинеринг.

Тие истакнуваат дека со ова за прв пат во нашата историја се атакува ваков проблем и се надеваат дека со тоа ќе го откриеме скриеното енолошко богатство кое го кријат нашите лозја во однос на автохтони македонски квасци.

„Фондот со нивниот грант ни помага да набавиме дополнителна опрема со која ќе успееме да го завршиме овој проект, како и да го прошириме нашиот капацитет во однос на вработување на нови млади кадри во полето на применетата микробиологија.“, истакнува претставникот на компанијата во видеото.

Компанијата Био Инжинеринг е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Влада на Република Северна Македонија.

Со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.

ФИТР го објави вториот повик во рамки на Планот за економски раст на Владата

Фондот за иновации и технолошки развој го објави вториот повик од Планот за економски раст на Владата (ПЕР), наменет за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации. Повикот е наменет за ситемикро, мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес.

Со овој повик, Владата обезбедува до 70% ко-финансирање за микро и мали односно до 60% за средни компании во максимален износ од 20 милиони денари. Средствата ќе се исплаќаат на квартална основа, согласно динамиката на реализација на проектниот план, по претходна уплата на сопственото учество на компанијата и извршен мониторинг на реализација на активностите од страна на Фондот.

Целта на Инструментот е да поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри меѓусебна соработката на компаниите, соработка со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации

Вкупен износ на средства на вториот јавен повик во рамките на ПЕР, е 5 милиони ЕУР од кои 2 милиони обезбедува Светската банка. Со ова, Светската банка станува финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите.

Вториот јавен повик е отворен од денес (30.03.2019) до 15 мај 2019 година. Во периодот на аплицирање, домашните компании ќе имаат можност за користење на бесплатна советодавна поддршка од ФИТР. За прв пат оваа поддршка ќе се нуди и децентрализирано, во Тетово, Струмица и Битола, во соработка со локални и регионални партнерски организации. Дополнително, со цел информирање за деталите од повикот, условите и можностите за аплицирање, Фондот ќе реализира и повеќе информативни сесии во соработка со стопанските комори и други организации.

Евалуацијата на пристигнатите инвестициски предлози ќе се врши во две фази: првата фаза на претселекција ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Во втора фаза, проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, кој ја носи конечната одлука за финансирање. Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на следниот линк www.fitr.mk/inovacii

ФИТР со поддршка на проект на Аквапоника

Проектот „Брендирани млади органски салати“ на компанијата Аквапоника има за цел да развие максимален квалитет во производството, а на потрошувачите да им понуди нова линија на млади органски салати и да ја зголеми довербата во органското производство во земјава.

„Аквапоника е мало земјоделско стопанство, што се наоѓа во село Орешани, недалеку од Скопје. Се занимаваме со производство на органски зеленчук, а пред се на органски салати. Со овој проект кој е поддржан од #ФИТР на нашите потрошувачи ќе им понудиме нова линија на млади органски салати. Се работи за рукола, марула, спанаќ и блитва чии ливчиња не се поголеми од 10 сантиметри, а кои веднаш по бербата, токму тука, на нива, ќе ги измиеме и ќе ги спакуваме. По тоа ќе ги дистрибуираме, обидувајќи се целата свежина од нивата да ја донесеме во Вашата чинија дома.“, велат од компанијата Аквапоника.

Тие истакнуваат дека на овој начин сакаат да постигнат максимален квалитет, но и да ја зголемат довербата на нивните потрошувачи во органското производство.

„Целата наша приказна ќе ја раскажеме во брендот што ќе биде развиен во текот на овој проект. Се надеваме дека на овој начин ќе ги поттикнеме и останатите земјоделци да размислуваат на одржлив развој на органското земјоделство, а кај потрошувачите ќе поттикнеме здрави навики во исхраната, но и потрошувачки навики со поголема одговорност за животната средина.“, истакнува претставничката на компанијата во видеото.

Компанијата Аквапоника е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Северна Македонија.

Со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.

Поддршка од ФИТР за проект на компанијата „Таргет груп“

Проектот „Развој на модули на Бизнис Мрежа.мк Развој на нов производ Credit Information Solutions“ на компанијата Таргет груп има за цел надградба на веќе постоечка платформа за деловни информации, како и изградба на сосема нова платформа за изработка и продажба на бонитетни извештаи за компании од регионот.

„Проектот за кој нашата компанија доби грант за кофинансирање од страна на #ФИТР е поделен во два дела. Првиот дел се однесува на надградба на веќе постоечка платформа за деловни информации: biznismreza.mk и се предвидува развој на нови модули кои што ќе ја олеснат употребата на самите клиенти. Во вториот дел предвидуваме изградба на сосема нова платформа за изработка и продажба на бонитетни извештаи за компании од регионот на поранешна Југославија и компании што соработуваат со нив од целиот свет, а се предвидува и платформата да биде пласирана на глобално ниво со цел да ги задоволи потребите на сите компании без разлика на регионот со кои што работат“, велат од компанијата Таргет Груп.

Тие истакнуваат дека во самиот тек на проектот се предвидени четири нови вработувања, а дополнително по истекот на проектот со секои нови четири до пет држави што се вклучуваат на платформата се очекува дополнително вработување.

„Што се однесува до бенефитите за домашните компании, тие ќе имаат лесен пристап до деловни податоци за партнери од странство со кои што немале досега соработка, така што ќе се олесни целокупното работење на сите локални компании.“, истакнува претставникот на компанијата во видеото.

Компанијата Таргет Груп е една од над 130 домашни компании/конзорциуми поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Влада на Република Македонија.

Со првиот и вториот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 28 милиони евра. Се ангажираат над 780 лица, од кои 158 се нови работни места, со просечна плата од 45.000 денари.

Со вториот инвестициски бран од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија се поттикнуваат инвестиции од 2 милијарди денари во проекти со ангажман од над 800 лица со просечна плата од 40.000 денари

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денеска на 65 домашни компании им доделија грантови за кофинансирање на проекти од вториот инвестициски бран, во рамки на првиот повик од Столб 3 од Планот за економски раст.

Посочувајќи дека досега повеќе од 130 компании од Македонија добија грантови за кофинансирање на нивните проекти, премиерот Заев истакна дека тоа е доказ дека Планот за економски раст во изминатата година не само што ја постигна, туку и ја надмина зацртаната цел. Премиерот Заев додаде и дека вкупниот износ на нови инвестиции во економијата само со втората група компании за финансирање е 824.828.614.00 денари, и дека со инструментот за поддршка – инструмент за подобрување на иновативноста, вкупно се ангажирани 323 лица, од кои 85 се ново вработени.

„Поддршката за отворање на центри за технолошки развој и иновации, којашто за првпат е воведена во Македонија, освен што во голема мера го поттикна технолошкиот развој, ја разбуди и креативноста на компаниите. Истовремено, македонските компании станаа поконкурентни на пазарите во регионот. Планот за економски раст создава економија со здрави и цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството, како и целата земја. И затоа продолжуваме со засилено темпо“, потенцираше премиерот Заев.

Во своето обраќање пред присутните премиерот Заев истакна дека проектираната фискална политика за следната година, ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување во НАТО и интеграцијата кон Европската Унија.

„И натаму остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 37% во однос на ребалансот за 2018-та година. Предвидуваме 37 отсто повеќе пари за: зголемување на конкурентноста на приватниот сектор – преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, за поддршка за создавање на нови вработувања, за поддршка на малите и средните претпријатија, за странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и секако за субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување“, заклучи премиерот Заев.

Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев нагласи дека продолжува да се остварува визијата на Владата, иновативноста и технолошкиот развој да бидат основа за раст на индустриското производство, продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.

„Единствениот начин една економија да биде поконкурентна е компаниите да имаат пристап до современи технологии, да добијат знаења и вештини, тие технологии да ги користат и да поседуваат добри организациски способности. Во првите два сегменти Владата посветено помага на македонските компании и преку мерките од трите столба на Планот за економски раст оваа година обезбедивме финансиски средства за рекордна поддршка на околу 250 компании. Технолошкиот развој е иднината на нашата држава, за индустриски раст и повисоки стапки на БДП. Поттикнуваме зголемена продуктивност и конкурентност на македонските компании, со кои ќе се поттикне раст на извозот, на стапки од над 60% во учество на БДП, а со тоа ќе поттикнеме и побрз и одржлив економски раст“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот додаде дека во наредните денови, во целост ќе бидат исплатени средствата за поддршка на компаниите преку првиот и вториот столб од Планот за економски раст, коишто реализирале инвестиции во 2017 година и коишто поднеле барање за исплата на финансиска поддршка.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски од своја страна посочи дека досегашните резултати покажуваат придвижување на домашната економија, но и дека компаниите се подготвени да вложат и свои средства во иновации и технолошки развој. Како што рече Деспотовски, само во вториот бран, компаниите во просек вложиле речиси иста сума сопствени средства како и државата.

„Со третиот столб од планот за економски раст во 2018-та година поттикнавме инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 2 милијарди денари. Она што особено радува е фактот што во овие проекти ќе бидат ангажирани над 800 лица со просечна плата од 40.000 денари. Поддршката за сите домашни компании ќе ја продолжиме и во 2019-та година“, истакна Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

ФИТР остро реагира на изнесените невистини на денешната прес конференција на политичката партија ВМРО ДПМНЕ

Компанијата „Билд“ не е корисник на средства од Фондот за иновации и технолошки развој, ниту пак се исплатени било какви средства на истата. За оваа компанија, Комитетот за одобрување на инвестиции, што е независно тело, составено од меѓународни експерти, има донесено одлука за финансиска поддршка во јули 2018 година., но постапката за потпишување на договор од страна на Фондот со оваа компанија е запрена. Во самата постапка пред потпишување на билокаков договор, што ја води Фондот, целосно се применуваа и ќе се применуваат сите одредби од регулативата за спречување на судир на интерес, без исклучок.

Дополнително, споменатото лице Неда Икономова – Гавриловска ниту била ангажирана, ниту може да биде ангажирана во било која фаза од евалуација и одлучување за доделување на финансиска поддршка од страна на Фондот, било како надворешен соработник или како вработен. Истото, од причина што Фондот применува системско решение за превенција од влијанија, преку двостепен систем на оценка и одлучување, во кој се вклучени надворешни домашни и странски експерти, што се ангажираат на јавен оглас. Вработените во Фондот за иновации и технолошки развок, директорот и членовите на Управниот одбор се целосно исклучени од процесот на одлучување.

Имајќи ги предвид овие факти, останува дилемата зошто на политичката партија ВМРО ДПМНЕ и пречи финансиската поддршка за инвестиции на над 140 домашни микро, мали и средни компании што Фондот ја реализира во транспарентни постапка и однапред објавени критериуми во 2018 година. За реализација на инвестициските проекти, сите домашни компании вложуваат сопствени средства од 40% и ќе ангажираат над 800 лица, за кои ќе исплатат двојно поголема плата од просекот во земјата.

Одржана инфо сесија за јавниот повик „#СтартАПувај“ во Струмица

Претставници на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) одржаа Инфо сесија за јавниот повик „#Стартапувај“ во Струмица. Целта на овој јавен повик е финансиска поддршка на новоосновани старт-ап и спин-оф компании и истиот се спроведува со поддршка на Светската банка.

Линк и повеќе информации за повикот: fitr.mk/startapuvaj

Инфо сесија Стартапувај во Струмица 2

Оваа инфо сесија беше организирана во рамките на работната средба со бизнис заедницата на општина Општина Струмица и презентацијата на Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

На настанот учествуваа Зорица Апостолска, министерка без ресор задолжена за странски инвестиции, Коста Јаневски, градоначалник на општина Струмица, Бисера Јордановска – претставничка на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и Ана Ѓоргиева, претставничка на Кабинетот на министерката Апостолска.