Posts

Македонски основци поддржани од ФИТР се закитија со 5 медали на Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки

Две сребра и три бронзи освои македонскиот тим основци во рамки на 16. Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (16. IJSO) која се одржа во Доха, Катар.

Нашиот тим беше составен од учениците Мајкл Георгиевски (9. одд.) од „Гоце Делчев“ во Кавадарци, Емилија Николовска (8. одд) од „Григор Прличев“ во Охрид, Никола Спировски (8. одд.) и Стефан Дрмач (9. одд) од „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје, Матеј Гелев (8. одд) од „Блаже Конески“ во Велес и Теона Кировска (9. одд.) од „Гоце Делчев“ во Свети Николе.

Нив ги предводеа менторите проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика, проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија и м-р Лозенка Иванова од Институтот за биологија. Тие повеќе од три месеци работеа и ги подготвуваа учениците за меѓународниот натпревар.

На оваа Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки познавањата од областа на физиката, хемијата и биологијата си ги измерија повеќе од 400 напредни ученици до 15 години, од околу 70 земји од светот. Натпреварите се одвиваа преку индивидуални теоретски тестирања и практични тестови.

Учесници на Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки 2

Нашите ученици ги подготвуваа претставници од Друштвото на физичари на Република Македонија, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и Македонското биолошко друштво. Сите поединечно се акредитирани да ги организираат државните натпревари по физика, хемија, односно биологија, од каде што се селектираат најдобрите ученици кои потоа со своите ментори работат за да ја претстават Македонија на највисоко ниво.

Учеството на нашиот тим покрај Фондот за иновации и технолошки развој, го помогна и Агенцијата за млади и спорт.

Честитки за нашите учесници и ментори на овој престижен меѓународен натпревар кој се одржа во Доха, Катар. Сметајте на поддршката од ФИТР и во иднина!

Ученици од „Песталоци“ поддржани од ФИТР освоија 3 златни медали на светски натпревар во Хаг

Петтоодделенци од скопското училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ освоија три златни медали на светскиот натпревар во дебата и критичко размислување World Scholar’s Cup, кој се одржа во Хаг, Холандија. Во конкуренција од 1.900 ученици од 51 земја, Виктор Јакимов, Сара Кнежевиќ и Лука Вајевиќ, предводени од менторката Билјана Стојаноска, наставничка по англиски јазик, постигнаа врвни резултати. Учеството на светскиот натпревар го поддржа Фондот за иновации и технолошки развој.

Наставничката Стојаноска испрати порака до Фондот:
– Ви се обраќам по втор пат, овој пат не со молба за помош, туку со огромна благодарност за искуството што ни го овозможивте. Во делот јуниори ние бевме единствениот тим од Македонија, составен од тројца исклучителни ученици од петто одделение. Се вративме со три златни медали, награда за најмлад тим во групата јуниори, но и со незаборавно искуство – вели Стојаноска.

Таа раскажува за дружбите со ученици од училиште за талентирани деца од Виетнам, од британски училишта од Африка, споделувале искуства со администратори на училишта од Грузија и од Украина кои присуствувале на натпреварот за да разгледаат и применат добри практики во своите училишта.

– Ги видовме космополитскиот дух на Канаѓаните на дело, професионалноста на Турците, студиозната посветеност на Индијците и Кинезите, беспрекорната организација и љубезноста на Американците… Учеството на натпреварот беше огромно искуство за нашите ученици. Тие имаа можност да се запознаат со една многу поконкурентна средина и да се натпреваруваат со деца со одлични вештини за комуникација – објаснува Стојаноска.

Менторката, до своето писмено обраќање до ФИТР додава дека ова било огромен предизвик за нив, за натамошно подобрување на нивните вештини (зголемување на капацитетот за дебата, подобрување на критичката мисла, стимулирање на натпреварувачкиот дух и сл.) кои ќе им користат во нивниот понатамошен образовен процес и позитивно ќе влијаат врз развојот и стимулирањето на нивниот талент.

Ученици, родители, професори и експерти активно вклучени во иницијативата за развој на „Фонд на млади умови“ на ФИТР

Анализа на постојните инструменти за поддршка на мотивирани ученици, пропусти во системот, последици од неквалитетните реформи како и проблемите со кои се соочува наставниот кадар и учениците, беа меѓу главните теми на дискусија на четирите фокус групи што се одржаа на 8 и 9 јули во организација на Фонд за иновации и технолошки развој.

Целта на фокус групите беше собирање податоци кои потоа ќе се искористат во креирањето на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен „Фонд за млади умови“  на која ФИТР веќе работи повеќе месеци

Во дводневните дискусии беа вклучени претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Академијата за науките и уметностите, како и универзитетски професори, членови на стручните служби во училиштата, невладини организации, и засегнати родители и студенти.

Фокус групи фото 2

„Најважно во овој процес во кој сакаме да создадеме програма заснована на потребите на младите, е сите тие инстанци што спроведуваат различни програми да имаат глас, бидејќи нашата цел не е да создадеме нешто ново, туку да надградиме на нешто што веќе функционира. Поради тоа треба да дознаеме кои се програмите засновани на докази што се успешни во земјата, и како да ги надградиме на национално ниво, но и да ги идентификуваме празнините и потребите,“ истакна д-р Ребека Елис, меѓународен експерт и соработник на Фондот и УНИЦЕФ С. Македонија која работи и на изготвувањето на националната програма за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите и која ги водеше дводневните фокус групи.

Освен стручниот кадар од училиштата и родителите покажаа огромен интерес за креирање на една ваква стратешка програма за поддршка на младите, додека пак средношколците и студентите отворено зборуваа за нивните потреби и интереси, и даваа конкретни предлози за тоа како да се надминат моменталните недостатоци.

Враќање на секциите како воннаставни активности во училиштата, опремени лаборатории и кабинети, дополнителни часови на кои ученците ќе бидат слободни да ја изразат сопствената креативност, но и намалување на административната работа на наставниците, обуки за професорите да препознаваат талентирани деца беа некои од понудените можни решенија и мерки од учесниците.

Одржувањето на фокус групите беше следниот чекор по големата панел дискусија за развој и поддршка на талентирани деца што ФИТР ја организираше во март годинава со цел да се детектираат појдовните точки за креирање системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање на талентите и т.н. „меки вештини“ кај младите.

Стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – „Фонд за млади умови“ на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата.

Целта на оваа иницијатива на Фондот е да се креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.

Фокус групи за развој на стратешката програма – „Фонд за млади умови“ на ФИТР

Во организација на Фонд за иновации и технолошки развој, на 8 и 9 јули во „Јавна соба“ во Скопје, ученици, родители, наставници и професори, како и претставници на државни институции и независни експерти во четири фокус-групи ќе дискутираат за изработка на национална програма за талентирани и надарени деца. Ова е дел од повеќемесечната иницијатива на ФИТР за развивање на стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – „Фонд за млади умови“.

Со цел вклучување на сите релевантни чинители во процесот на изготвување на оваа програма која треба да се спроведува на национално ниво ќе се одржат 4 посебни дискусии со различни фактори вклучувајќи претставници на разни научни здруженија и асоцијации, Министерство за образование и наука, Биро за развој на образованието, разни владини агенции за спроведување образовни програми, како и претставници на високообразовните институции во државата, претставници на УНИЦЕФ Северна Македонија,  USAID, неколку амбасади, невладиниот сектор, а посебни фокус групи се  наменети за наставниот и стручниот кадар во училиштата и засегнати родители и ученици.

Pokana_za_uchestvo_fokus_grupi_27-06-2019

Фокус групите ќе бидат водени од меѓународен експерт Др. Ребека Елис од УНИЦЕФ С. Македонија, кој е еден од главните партнери на ФИТР во изготвувањето на концептот на националната програма. Меѓу другото ќе се дискутираат постоечките инструменти за поддршка, можните аспекти за подобрување, реалните потреби на учениците, како и системските недостатоци што треба да се пополнат со конкретни мерки.

Стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – „Фонд за млади умови“ на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата.

Инаку иницијативата на ФИТР за поддршка и развој на талентирани деца започна во март со голема панел дискусија „Развој и поддршка на талентирани деца, а целта е цел да се креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.

Фокус групите се од отворен карактер и во нив може да учествуваат сите кои сакаат да придонесат кон успешна дискусија од која ќе произлезат конкретни насоки и резултати.

Повеќе информации за распоредот и термините на www.fitr.mk