Posts

ФИТР воведува нов механизам за поддршка на млади талентирани деца

Фонд за иновации и технолошки развој организираше консултативна дебата за новиот механизам за финансиска поддршка на младите креативци. ФИТР подготви  „Правилник за финансиска поддршка на научно-технолошката извонредност и претприемништвото кај учениците и младите“ – нацрт документ кој има за цел да ги утврди правилата според кои ќе се доделува финансиска и техничка помош на талентирани деца и нивните ментори. Претставници на повеќе образовни институции и граѓански здруженија кои учествуваат на дебатата го оценија овој чекор како позитивен дополнувајќи го со свои сугестии и коментари кои ќе бидат земени во финализирањето на правилникот.

Целта на воспоставувањето на новата мерка е отворање на дополнителни можности за финансирање на младите креативци при што ќе бидат опфатени сите фази, од идентификување на нивниот потенцијал и можности, подготовка за учество на меѓународни натпревари и финансиска поддршка.

Консултативна средба во ФИТР за поддршка на талентирани деца 2

Оваа мерка е наменета за сите образовни установи и здруженија кои спроведуваат активности за поддршка на талентирани ученици и студенти или работат на развој на претприемачки способности кај младите.

“Наша должност како општество е да се грижиме за најталентираните и најспособните, но и на сите да им овозможиме еднаков и фер пристап до поддршка за да ги реализираат сопствените потенцијали. Оваа мерка има за цел намалување на одливот на мозоци и унапредување на вештините на талентираните деца потребни за нивно вклучување и лидерство во иновативните и технолошки напредни индустрии. Ова е процес со кој вистински и конкретно ќе вложиме во иднината на оваа држава. Бидејќи вложување во младите е вложување во нашата иднина “, посочи Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Инаку со овој механизам поддршката за научно-технолошка извонредност и претприемништво кај учениците и младите ќе се доделува во вид на грант во износ од минимум 30.000 (триесет илјади) денари до максимум 600.000 (шестотини илјади) денари. Грантот може да го покрива целиот износ на потребното финансирање за предвидените активности. Кофинансирањето обезбедено од други извори, ќе се земе во предвид при бодувањето на апликациите.

Нацрт документот во следните 15 дена ќе биде објавен и на веб страната на Фондот (www.fitr.mk) со цел и пошироката јавност да се вклучи со конструктивни коментари и сугестии. Финалната верзија на документот потоа ќе биде доставена до Владата на Република Северна Македонија.

Консултативна средба во ФИТР за поддршка на талентирани деца 3

Инаку оваа мерка е дел од пошироката иницијатива на ФИТР од почетокот на 2019 за креирање на т.н. „Фонд за млади умови“- системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите. Во рамките на овој Фонд веќе се интегрирани програмите „Џуниор Ачивмент“, UPSHIFT и Предизвик за млади истражувачи, наменети за ученици од основно и средно.

ФИТР само во изминатата година има инвестирано околу 20 милиони денари во реализација на програми наменети за млади и деца од различни возрасти, со цел поттикнување на нивното критичко размислување и иновативност. Преку програмите на Фондот до сега се поддржани 54 средни и основни училишта со над 500 вклучени ученици и ментори.

На барање на компаниите продолжен рокот за аплицирање на јавниот повик за технолошки развој

Поради голем интерес и на барање на домашните компании, рокот за аплицирање по редовна постапка за јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој е продолжен до 10 февруари 2020 година (до 23:59 часот).

Вкупниот буџет за повикот изнесува шест милиони евра од кој три милиони се наменети за аплицирање по редовна постапка. Преку овој инструмент се обезбедува финансиска поддршка до 30 отсто во максимален износ од 10 милиони денари, а останатите 70 отсто се учество на компаниите.

Инструментот е наменет за финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи („ПЗУ“), меѓу другото за набавка на опрема, воведување нови производствени линии, подготовка и спроведување на активности за подобрување на енергетската ефикасност и сл.

Во периодот до истекување на рокот за аплицирање, за домашните компании ФИТР обезбедува користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош.

Дополнително, со цел информирање за деталите од повикот, условите и можностите за аплицирање, активни се информативни сесии во Скопје и низ градовите во државата, организирани во соработка со стопанските комори и други организации.

Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање на http://www.fitr.mk/tehnoloshki-razvoj/

Деспотовски: Направивме целосен пресврт во економската политика со фокус на домашните компании

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски беше во посетата на компанијата “Нетам“ во рамки на кампањата “Создаваме успешни приказни“ која Фондот ја стартуваше со цел презентација на резултатите и ефектите од финансиската поддршка на домашните компании преку своите инструменти.

Оваа текстилна компанија од н.м. Марино, во близина на Скопје, работи на спроведување на проектот „Изработка на изолациони градежни материјали од текстилен отпад“ преку кој се собира, рециклира и преработува текстилниот отпад и се изработуваат производи како изолациони панели, ролни, геотекстил и други изолациски материјали кои потоа се употребуваат во градежништвото. Преку иновативниот пристап на преработка и пренамена на отпадот со овој проект се намалуваат и количините на текстилен отпад кој завршува на депониите со што се дава значителен придонес кон зачувувањето на животната средина заради неговата неразградливост и штетните последици од негово согорување или складирање.

ДФИТР Деспотовски во посета на компанијата „Нетам“ 2

„Овде гледаме дека се работи за конкретни резултати од конкретни мерки. Она што ме радува е дека покрај ефектите за економијата проектите кои имаат финансиска поддршка од Фондот имаат и друга додадена вредност. Проектот на Нетам е пример како може еден горлив проблем, како овој со отпадот, да добие додадена еколошка вредност и е доказ дека вложувањето и поддршката на домашните компании, преку инструментите на Фондот создава успешни приказни и проекти. Ако ги сумираме резултатите од изминативе две и пол години навистина можеме да зборуваме за пресврт. Оваа компанија е една од 314 кои се финансирани преку инструментите на Фондот со што значително е зголемен опфатот на поддржани домашни. Ако во 2017 година во портфолиото на Фондот имаше само триесетина компании со вкупна поддршка од околу 1 милион евра, во моментов зборуваме за проекти се со вредност од 57 милиони евра, што значи дека поддршката од ФИТР кон компаниите е зголемена за над 50 пати,“ изјави Деспотовски.

„Нетам“ воведе нова производна линија која е дело на развојниот тим компанијата, со примена на иновативен пристап во процесот на преработка на текстилниот отпад и производтво на нови производи наменети за продажба на домашниот и странските пазари.

“Станува збор за проект со вкупна вредност од 120.000 евра од кои 30 % се наш влог, а останатите 70% се поддршка од Фондот. Нашата главна цел беше да најдеме начин за рециклирање на отпадот кој се јавува од нашето производство. Само кај нас минимум 15 % од производството отпаѓа на отпаден материјал, кој е непогоден за понатамошна нормална употреба што претставува голем проблем и за нашата фабрика, но е и општествено значаен проблем. Морам да потенцирам дека немаше да успееме да го реализираме ова без поддршката од ФИТР. Нашиот производ треба да биде замена на изолационите материјали коишто се користат и се увезуваат од надвор. Реализацијата на овој проект ни е мотивација да работиме на развој и на други производи од текстилен отпад, но верувам дека ќе поттикнеме развој на еколошката свест при работењето и кај други компании“, изјави Драган Коцевски, директор на „Нетам“.

ДФИТР Деспотовски во посета на компанијата „Нетам“ 3

Инаку, оваа компанија која сега брои над 50 вработени, преку овој проект отвори и нови работни места со просечна плата над 30% во дејноста.

“После две и пол години водење силна и одговорна економска политика, граѓаните почнаа да ги чувствуваат придобивките и тоа преку зголемените плати, преку намалените трошоци, преку мерките за поврат на средства и преку помошта која ја обезбедивме за домашните компании. Како потврда на тоа се бројките кои велат дека само во третиот квартал на 2019 година невработеноста е намалена на рекордно ниски 17,1%, а направивме и економски пресврт: БДП од минус 1,8 за две и пол години достигна просечна вредност од 3,6%. Направивме целосен пресврт во економската политика со фокус на домашните компании,“ нагласи Деспотовски.

Микротика на Докстим поддржана од ФИТР – Создаваме успешни приказни

Докстим: Поддршката од ФИТР за нашиот проект #Микротика дојде во клучен момент кога размислувавме на кој начин ќе формираме тим и како да ја заокружиме нашата идеја.

„Од тие причини и решивме дека можеме да започнеме со реализацијата на проектот бидејќи имаме поддршка, а на нашиот тим останува да се посвети на она што најдобро го прави и да бидеме слободни во она што најдобро знаеме да го работиме. Веќе ја имаме првата верзија на нашата апликација. Она што следи и за кое ја имаме огромна поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој е проширување на нашата идеја на светскиот пазар.“, посочи Раде Десподовски, од компанијата Докстим, чиј проект е поддржан од Фондот.

Во 2019 година семејството на ФИТР се искачи на 314 македонски компании, 54 поддржани училишта со директно вклучени над 500 ученици, како и повеќе од 30 партнерски организации.

Заедно за уште многу #УспешниПриказни!

Кузмановиќ: Поддршката од ФИТР за компаниите е многу важна во за создавање на успешни приказни

Стратум рид со проектот „Импала“ е првата македонска компанија од целиот регион на ЈИЕ која во следните 10 години е поканета на Светскиот иновациски форум во Давос!

„Пред 1,5 година за прв пат почувствував поддршка од државата преку ФИТР. Затоа, ве молам да не престанувате со ширење на позитивна енергија помеѓу бизнис секторот каква што немало до сега. Никогаш до сега не се развивале толку креативни решенија и се отвора простор за младите да направат нешто во својата земја кое ќе остане трајна вредност, посочи Весна Кузмановиќ, тим лидер на проектот „Импала“ кој е поддржан од Фондот.

Финансиската поддршка која ја добиваме е многу важна, истакна Кузмановиќ на промотивниот настан на ФИТР насловен „Создаваме #УспешниПриказни“.

„Но, во исто време, од непроценливо значење се односите и поддршката која ФИТР ја изгради со меѓународните стратешки партнери, бидејќи напорите на Фондот се препознаени секаде и тие гледаат во него партнер на македонските компании“, рече Кузмановиќ пред присутните на настанот.

Во 2019 година семејството на ФИТР се искачи на 314 македонски компании, 54 поддржани училишта со директно вклучени над 500 ученици, како и повеќе од 30 партнерски организации.

Заедно за уште многу #УспешниПриказни!

ФИТР со рекордна реализација од 99,9% на предвидените финансиски средства за поддршка на домашната економија

Фондот за иновации и технолошки развој ја заврши 2019 година со рекордна реализација од 99,97% на предвидениот буџет наменет за финансирање на домашните компании и останати корисници на средства од инструментите на ФИТР.

Во измината година, ФИТР кон домашните компании исплати вкупно 633,6 милиони денари финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти. Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Владата, како и од Светската банка. Со овие средства, како и сопствените пари што компаниите ги уплаќаат на наменски сметки, вкупниот обем на реализирани средства преку проектите на ФИТР за 2019 година надминува 1 милијарда денари.

Дополнително, исплатени се над 12,6 милиони денари за проекти во делот на образованието, заштитата на животната средина, како и примената на иновациите во јавниот сектор.

Во 2019 година, Фондот во целост ја реализираше предвидената програма за реализација на нови јавни повици и обезбедување на поддршка за инвестициски проекти во економијата. Така, за комерцијализација на иновации предвидените 12,5 милиони евра се искористени 100%, додека во тек се два јавни повици – за поддршка на технолошки развој и стартап компании, за што средства беа обезбедени со ребалансот на Буџетот за 2019г.

Заклучно со декември, ФИТР има склучено (или во фаза на склучување на) договори за кофинансирање на 320 компании и 54 основни и средни училишта. Вкупниот обем на инвестиции кај домашните компании е во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании. На овие проекти има директно ангажирани 769 лица, од кои дури 360 се новоотворени работни места, со просечна плата од 700 евра.

Првичните анализи на работењето на дел од компаниите чија реализација на проектите е во понапредна фаза, покажуваат дека по поддршката од Фондот приходите им пораснале за 50 отсто, а нето добивката пораснала за 64 отсто. Зголемен е и бројот на вработени за 27 отсто, а забележан е и пораст од 40 отсто кај просечната месечна плата исплатена во овие компании.

Фондот ја стартуваше и кампањата „Создаваме успешни приказни“ која има за цел презентација на кофинансираните проекти и постигнатите резултати преку личните приказни на нашите корисници.

„Преку нив сакаме да ви го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“.

Фондот минатата година воведе и повеќе новини и измени со цел поедноставување на постапката за аплицирање. Меѓу другото воведена е и таканаречената „fast track“ скратена постапка за аплицирање. Отсега компаниите кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.

Со скратената постапка се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што ре-аплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.

Скратената постапка веќе почна да се применува од декември со јавните повици за  „Ко-финансирани грантови за технолошки развој “ со вкупен буџет од 6.000.000 евра, и нов повик за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ со вкупен буџет од 1.500. 000 евра. Апликациите за истите се отворени до 05.02.2020г. за технолошки развој, однос до 25.02.2020г. за стартап компании.

Создаваме успешни приказни – ФИТР досега поддржа 314 компании, 54 училишта и 30 организации

Во 2019 година во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) пристигнаа дури 487 апликации за поддршка, што е тројно повеќе од првиот повик во 2015 година кога беа пријавени се 158 апликации. Владата го следеше зголемениот интерес и Буџетот за поддршка на иновации од 1,2 милиони евра поддршка во 2015 година, во 2019 година изнесува дури 11.2 мил евра, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“. На настанот се обратија и заменик претседателот во Владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев, и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Создаваме успешни приказни - ФИТР промо настан 2

„Резултатите од одобрените проекти се одлични. Во компаниите што добија поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој приходите од работењето пораснаа за 50 отсто, нето добивката пораснала за вртоглави 64 отсто, бројот на вработени е зголемен за 27 отсто, а просечната месечна плата пораснала за 40 отсто. Дури 839.3 илјади евра или 39 отсто од средствата што биле доделени како грант се вратени во Буџетот преку данокот на добивка и задолжителни придонеси на поддржаните компании“, истакна премиерот Заев

Вкупниот број на вработени во грантираните компании изнесува 769 вработени, од кои дури 360 се ново отворени места благодарение на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, посочи Заев.

„Просечната плата во овие компании е 700 евра. Тоа се бројките на успехот. Тоа се бројките што ја прават голема насмевката на лицата на 769 вработени“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потсети дека една од главните задачи на Владата на самиот почеток на мандатот, беше да се креираат конкретни и ефикасни мерки со кои се овозможи реална и силна поддршка на македонската економија со Планот за економски раст, кој се темели на три столба.

„Мерките од третиот столб на Планот за економски раст се конкретно насочени кон микро, малите и средни компании и се имплементираат токму преку Фондот за иновации и технолошки развој. Изминатите две и пол години преку повеќе инструменти се подржани се вкупно 314 компании во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании, а приближно 35 милиони евра се средства коишто се наменети од Фондот, односно од Буџетот и финансиски средства од Светска банка. Главната порака од овие проекти со сите граѓани, особено кон младите луѓе е: Останете во Република Северна Македонија и не чекајте да бидете вработени. Создадете своја фирма, креирајте свои производи, државата ќе ви помогне во развојот и комерцијализација на производите“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски рече дека семејството на ФИТР во изминативе две години порасна на 314 компании, 54 поддржани училишта и над 30 партнерски организации.

„Го зголемивме обемот на инвестиции во домашните компании за 57 пати. Две и пол години работиме, и две и пол години слушаме и критика и тоа голема. Не беше лесно да се помине сето тоа. Но, ова што гледате тука се реални луѓе, реални проекти и реални успешни приказни, а не измислени работи. Одбравме дел од нашите корисници да ни бидат амбасадори и  преку нивните приказни да го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“.

Создаваме успешни приказни - ФИТР промо настан 3

Интересот за е-трговија сè повеќе расте – Втора годишна конференција поддржана од ФИТР

Триесет и шест проценти од македонските граѓани кои имаат пристап до интернет вршат онлајн нарачки. Од почетокот на годината бројките покажуваат на потрошени 84 милиони евра и раст од 26 проценти во однос на тој период лани. Во земјава има потенцијал за раст на е-трговијата. Услови постојат, законодавството дава можност, оформен е и Електронскиот регистар на население, а се најавуваат и промени и во делот на мали пратки и нивно следење со скенер.

Ова го истакнаа пред годишната конференција за е-трговија „Бизнис-раст со е-трговија“ во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, директорот на ФИТР, Јован Деспотовски и Виктор Стојковски, генерален секретар на Асоцијацијата.

Годишна конференција за е-трговија 2

– Интересот за е-трговија сè повеќе расте и се зголемува што покажуваат и бројките за потрошени 84 милиони евра во првата половина од оваа година и имаме раст од 26 отсто во однос на тој период лани, рече Стојковски и додаде дека радува фактот што се зголемува и процентот на нарачки кон домашни онлајн продавници во однос на нарачките од странство.

Министерката за финансии посочувајќи на податоци дека во 2011 година обртот во е-трговија изнесувал 930 илјади евра, а во 2017 година достигнал 134 милиони евра и раст во последните години раст од околу 30 проценти, рече дека сепак има огромен потенцијал за уште поголем и позабрзан раст.

– Сметам дека имаме огромен потенцијал за уште поголем и позабрзан раст, но за да го вклучиме тој потенциијал клучно потребно е да имаме квалитетно партнерство и холистички пристап помеѓу Владата, невладините организации, реалниот сектор, академијата, едукациските центри. Дигиталната економијата е предизвик за сите земји и носи огромни можности за раст, рече Ангеловска.

Годишна конференција за е-трговија 3

Додаде дека од оние граѓани што имаат пристап до интернет 36 проценти вршат онлајн порачки и смета дека има потенцијал за раст и на оваа бројка.

Ангеловска истакна дека недостасуваат софистицирани платежни солуции и најави дека со новиот закон за платежни услуги ќе се направи либерализација за влез на нови компании со што ќе се зголеми конкурентноста и за домашните банки, како и дека ќе се работи на нелојалната конкуренција во е-трговијата.

– Предизвик за домашните компании е нелојалната конкуренција во е-трговијата. Се работи на акциски план за да се адресира и да се намали даночната евазија а со тоа да се помогне тие средства да одат кај регистрирани е-трговци бидејќи е тешко менаџирањето на продавница за е-трговија и ние како влада треба да им го олесниме патот на малите и средни компании за да можат да растат и да ги пласираат производите и надвор, рече Ангеловска.

Таа посочи и на тоа дека се работи и на проблемот што го создаваат малите пратки чиј обем се повеќе се зголемува и оти се потребни поголеми ресурси на Царинската управа за да се справи со тоа.

Во оваа насока, како што додаде, со проектот што го работи Царината со царината од Кореја наскоро ќе се стави скенер во поштата за да може и автоматски да се гледаат кои се пратките што пристигнуваат и, како што истакнува да се тргне и оној субјективизам или мануелна работа при царинење, а од друга страна да оди побрзо целиот процес.

Годишна конференција за е-трговија 4

Министерот Манчевски оцени дека граѓаните уште полесно ќе се вклучат во електронската трговија со пуштањето на Електронскиот регистар на населението и активирање на својот електронски идентитет.

– Клучно е да се инвестира во овој сегмент и од страна на државата и од страна на приватниот сектор и тоа го правиме и бројките покажуваат дека ова е иднината на еконмскиот развој на нашата земја, порача Манчевски, кој посочи дека имаме голем потенцијал и луѓе, но и можности што ги нуди и нашето законодавство.

Од следниот месец, најави дека ќе се пушти во функција новиот национален портал за електронски услуги што дополнително ќе ја зголеми побарувачката, а од следната година ќе се реализира и огромен проект од 30 милиони евра со поддршка на Светска банка за изградба на оптичка инфраструктура во сите делови на државата каде нема доволно широкопојасен интерен.

Една од клучните институции во оваа област е Царинската управа. Според директорот Танасоски, како институција во наредниот период за да го забрзаат протокот во е-трговија и да се олесни трговијата ќе предложат нов договор за регулирање на е-трговијата во рамки на ЦЕФТА.

Годишна конференција за е-трговија 5

Според директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, конкретна соработка каде Владата го поддржува овој сектор е поддршката преку Фондот.

-Имаме инвестирано во над 100 компании кои развиваат нови технологии и се занимаваат со маркетинг. Ова е конкретна соработка каде Владата ги поддржува. Некаде 17 милиони евра е вкупна инвестиции каде компаниите инвестираат и сопствени шест милиони евра и направивме првични анализи што покажуваат дека по основ на приход имаат раст од 50 отсто и 60 проценти во однос на добивката.

Секоја инвестиција во нови технологии се исплати, изјави Деспотовски.

На конференцијата учествуваат над 400 претставници на над 130 компании, банки и институции од 10 земји во регионот.