Posts

Младите треба да бидат двигатели на економијата и општеството – На Макинова се одржа #ПетокЗаМлади во организација на ФИТР

Основци и средношколци ги презентираа своите иновативни проекти во рамките на програмата „#ПетокЗаМлади“ во организација на Фондот за иновации и технолошки развој. Оваа иницијатива на ФИТР која денеска се одржа по втор пат, има за цел стимулирање на креативното и критичкото размислување кај младите.

Креативната работилница за младинско творештво беше организирана како дел од манифестацијата Макинова која е поддржана од Фондот, а во рамките на саемот Технома. Срдношколците од неколку училишта од различни делови на Македонија работеа  на нивните иновации на работилниците организирани од страна на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија – „Народна техника“. Меѓу другото, учениците од средните скопски училишта „Михајло Пупин“ и „Јосип Броз Тито“ кои беа наградени во рамки на „Предизвик за млади истражувачи“ на ФИТР исто така имаа можност да ги претстават своите проекти и да разменат идеи.

Петок за млади ФИТР во Макинова Технома 3

Во своето обраќање на почетокот на настанот, директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, ја истакна важноста на организирањето на ваков вид работилници и иницијативи во поглед на овозможување континуирана поддршка и стимул за младите, како и развивање на критичкото мислење од најрана возраст.

„Фондот за иновации и технолошки развој продолжува со реализацијата на „Петок за млади“. Програма која е наменета за младите и ги става нив во фокусот. Целта е преку посебен вид програми и иницијативи да го поттикнеме развојот на критичкиот, иновативниот и креативниот потенцијал кај оваа популација,“ истакна Деспотовски.

Директорот на ФИТР ја посочи успешно реализираната програма „Предизвик за млади истражувачи“ која ФИТР годинава ја спроведе во соработка со Министерството за образование и наука. Само годинава, преку оваа програма е доделена финансиска поддршка за 20 основни и средни училишта со цел развивање на различен тип иновативни проекти.

„Денес, во рамките на настанот денес беа презентирани дел од решенијата кои произлегоа од тие проекти. Најавувам скорешно продолжување и распишување на нов повик од „Предизвикот за млади истражувачи“. Сакаме да дадеме шанса на младите со цел да ги поттикнеме да станат претприемачи и двигатели на економијата, како и на целото општество“, рече Деспотовски.

Петок за млади ФИТР во Макинова Технома 2

Учениците и посетителите имаа можност да ги видат проектите „Хигиена на забите со еколошка паста“ и „Теслини струи“ изработен од учениците од „Ацо Русковски“ од Берово, „Теслин трансформатор“ на учениците од средното училиште „Коле Нехнетин“ од Штип, проектот „Вертикален плотер“ на учениците од средното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје како и  проектот на средното училиште „Михајло Пупин“ за изработка на оригинален 3Д принтер за кој користат посебна софтверска програма.

Меѓу проектите што беа изложени се и „Еко фрижидер“, „Еколошка соларна термоелектрана“, „Биоапсорбирачки васкуларен стент“, „Електроекономски уред“, „Машина за гравирање со ласер“ и други.

#ПетокЗаМлади @Технома – ФИТР организира работилница за поттикнување на иновации помеѓу средношколците

Фондот за иновации и технолошки развој продолжува со започната иницијатива – #Петок за млади @ФИТР, со цел да се поттикнат креативните вештини и иновативноста кај младите. Овој петок (25.10.2018 год) во рамките на манифестацијата Макинова која е поддржана од Фондот, на саемот Технома ќе се одржи „Креативна работилница за младинско творештво“.

Своите иновативни проекти ќе ги претстават ученици од неколку средни училишта од Македонија кои ги изработиле во рамки на работилниците организирани од страна на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија – „Народна техника“, како и средношколците од „Михајло Пупин“ и „Јосип Броз Тито“ од Скопје чии проекти се избрани во рамките на „Предизик за млади“ на ФИТР.

Учениците и посетителите, меѓу другото ќе имаат можност да ги видат проектите „Хигиена на забите со еколошка паста“ изработен од учениците од „Ацо Русковски“ од Берово, „Теслин трансформатор“ на учениците од средното училиште „Коле Нехнетин “ од Штип, проектот „Вертикален плотер“ на учениците од средното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје како и проектот на средното училиште „Михајло Пупин“ за изработка на оригинален 3Д принтер за кој користат посебна софтверска програма.

Целта на работилницата е учениците да разменат практични искуства кои ќе ги поттикнат да работат на нови иновативни проекти, надвор од училниците, преку интеракција и дружење.

Работилницата ќе се одржи на 26.10.2018 год (петок), во 12 часот, во рамки на саемот Макинова кој се одржува во спортската сала „Борис Трајковски“.

Истовремено ФИТР се приклучува на огромниот број на хумани граѓани, организации и компании кои помагаат и донираат за лекувањето на Сара Настеска од Охрид. На штандот на ФИТР е поставена кутија за донации. Собраните финансиски средства од страна на хуманите граѓани до завршувањето на Саемот на 28.10 ќе бидат донирани за Сара заедно со досега собраните финансиски средства од страна на вработените во ФИТР.

Макинова и Еконова ФИТР на Технома кутија со донации за Сара Настеска

Да бидеме хумани и да ја покажеме нашата солидарност на дело!

Прогласени победничките тимови – Успешно заврши првата UPSHIFT работилница со поддршка на ФИТР и УНИЦЕФ

Голема посветеност, активност и вистинска иновативност покажаа тимовите основци и средношколци на првата UPSHIFT работилница за социјално претприемништво која ја организираше CEED Hub Скопје, а беше поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ.

По тродневна активна работа која се состоеше од идентификуваање на социјални проблеми и дискусија како овие проблеми да се надминат преку создавање на одржливо бизнис решение, беа прогласени 5те победнички тимови и нивните проекти кои ќе добијат финансиска поддршка:

  • Тимот на СУГС Владо Тасевски од Скопје со проектот „Дај пластичен кош, не биди повеќе за природата лош“ – Продажба на стаклени шишиња или термоси со посебни стикери со еколошка порака со цел подигање на еколошката свест за последиците од прекумерниот отпад од пластични шишиња.
  • Тимот на Средното економско општинско училиште „Гостивар“ од Гостивар со проектот „Бон тон правила за животна околина“ – Набавка на посебни канти за отпадоци со 4 отвори и изработка на мобилна апликација која ќе сигнализира дали ѓубрето се фрла на право место. Целта е подигање на еколошката свест.
  • Тимот на ПСУ „САБА“ со проектот „Дружење без граници“ – Дневен центар за основци и средношколци со посебни потреби, со волонтерска помош тим психолози и дефектолози.
  • Тимот на ДСУ „Орце Николов“ од Скопје со проектот „Динамик Дуо“ – Две станици за полнење мобилни телефон, напојување со струја на мобилните телефони преку употреба на статични точаци.
  • Тимот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица со проектот „Енергични бомбици“ – Отворање на ресторан во своето училиште со мени со избор на здрава храна: смути, органски палачинки, свежи сокови и слично. Планот на тимот е вработување на двајца професионалци, како и волонтерски ангажман од страна на учениците.

Тродневната UPSHIFT работилница се одржа во Маврово, а учесниците беа дел од програма која се спроведува на светско ниво. Оваа прва работилница од ваков тип имаше за цел развој на претприемачките вештини кај младите кои треба да станат составен дел од наставните програми и стратегии за развој на образованието во Република Македонија.

Се одржува прва UPSHIFT работилница со поддршка на ФИТР и УНИЦЕФ

Од денес до 06 октомври, десет тимови на идни претприемачи, составени од ученици од основни и средни училишта, учествуваат на првата UPSHIFT работилница за социјално претприемништво во организација на CEED HUB Скопје, а поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и УНИЦЕФ.

UPSHIFT работилницата се одржува во Маврово, а во наредните 3 дена, учесниците ќе бидат дел од оваа програма која се спроведува на светско ниво. Тие ќе учат и ќе се дружат, а ќе ги развиваат нивните идеи за подобрување на средината во која живеат.

10 тима учествуваат во најтесниот круг, а а победничките 5 тима ќе добијат финансиска поддршка. Инаку на јавниот повик за учество кој траеше до 15 септември можеа да се пријават тимови на ученици на возраст од 13 до 19 години.