Posts

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“

„Анализа на потреби и понатамошни чекори“ – предлог програмата која треба да биде основа за формирање на „Фонд за млади умови“ за поддршка на талентирани деца е презентирана во Скопје. Ова е сублимат на досегашните процеси на повеќемесечната работа во рамки на иницијативата на Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со УНИЦЕФ за креирање стратешка платформа за поддршка и развој на талентирани деца.

Предлог програмата која ја изработи Д-р. Ребека Eлис, соработничка на УНИЦЕФ, опфаќа анализи преку фокус групи во кои учествуваа вкупно 112 родители, ученици, дипломци и други чинители во образовниот систем покажа дека за да се зајакнат резултатите од програмите за млади потребна е систематска и сеопфатна поддршка која ќе обезбеди кохезија, конзистентност и одржливост.  Дискусиите беа спроведени со цел да се дознае како чинителите го мерат успехот на учениците, како ги разбираат нивните перцепции за тековните и минатите програми и рамки; наставни практики, процедури и методи; како и да ги идентификуваат нивните долгорочни цели за задоволување на потребите на учениците со висок потенцијал во Северна Македонија.

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“ 2

„Ова е навистина добра можност и најважна задача која една држава може да ја преземе во 21 век. Не само во Македонија туку во неколку други земји ние се соочуваме со она што го нарекуваме бреин дреин на нашите најнадарени млади лидери и деца. Она што го креиравме е истражување кадешто ние гледаме најдобри практики во земјава и како да ги зајакнеме, да ги направиме одржливи, но исто така и како да креираме сеопфатна рамка за да бидеме сигурни дека никој креативен и надарен не е изоставен од најраната претшколска возраст па и по завршувањето на студиите. Креирањето на програмата е базирано на истражувања на она што веќе функционира и најдобрите практитки кои се спроведуваат интернационално. Мораме да бидеме сигурни дека не станува збор за една од оние програми кои доаѓаат и поминуваат, туку е нешто што ќе остане системски во општеството“, појасни Д-р. Ребека Eлис – истражувачка и соработничка на универзитетите „Џон Хопкинс” и „Њу Ореланс” во САД, и соработничка на УНИЦЕФ Македонија.

Според заклучоците во предлог програмата системското решение треба да опфати поддршка на креативните, надарените, талентираните и иновативните ученици низ сите нивоа на образование, обука и давање моќ на младите, развој и промоција на претприемништвото како и развој на платформа која ќе ги поврзе и информира образовниот сектор, бизнис секторот и граѓанската вклученост.

„Ние не чекаме да се заврши документот, па да почнеме да работиме туку дел од работите веќе се случуваат. Во изминатите 18 месеци веќе имаме околу 15 милиони денари коишто се вложени во три различни програми во рамките на она што ќе прерасне во Фонд за млади умови. Над 500 основци и средношколци веќе земаа учество во рамките на тие програми и меѓународни натпревари. 54 основни и средни училишта реализират проекти за истражување. Бројките се охрабрувачки и јас се надевам дека само ќе се зголемуваат во наредниот период. Веќе имаме дефинирано две меѓународни организации USAID и UNICEF коишто ќе застанат зад програмата и со нив набргу ќе потпишеме меморандум за соработка. Очекувам поддршка и вклучување и на бизнис заедницата.“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“ 3

„Фонд за млади умови“ на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата. Следните чекори во рамки на иницијативата предвидуваат дизајнирање на сеопфатна платформа за поврзување на образовниот сектор, приватниот сектор и граѓанските иницијативи, анализа на постојните програми и добри практики во насока на обезбедување поддршка на целиот иновативен циклус (од идеја /научно истражување – до пласман на пазар), изработка на регулатива за обезбедување одржливост и можно надградување на програмите кои покажуваат резултати како и дизајнирање на нови програми.

ФИТР ќе продолжи со понатамошна поддршка на програми кои покажуваат резултати, обезбедување на дополнителна поддршка на основа на веќе идентификувани потреби, воспоставување на Регистар на постојни пограми кои поддржуваат креативни, иновативни и претприемнички активности и стекнување на „вештини за 21иот век“ кај младите.

Само во изминатите две години освен средствата доделени преку јавни повици „Предизвик за млади истражувачи“ ФИТР со пренамена на буџетот со над 1.5 милиони денари поддржа 47 ученици и 17 ментори за натпревари во Бугарија, Холандија, Германија, Франција, Словенија, Португалија, Либан, Израел, Јужна Кореа и други држави.

Отворен е повикот за третиот UPSHIFT предизвик

Охрабрени од разултатите од претходните 2 циклуси, CEED Hub Скопје, со задоволство го објавува повикот за третиот циклус на апликации со иновативни идеи за решавање на социјалните проблеми во нашето општество.

Бидејќи секојдневно се соочуваме со голем број на општествени предизвици кои имаат големо влијание врз нашите животи, оваа програма има за цел да ги поттикне младите да ги препознаат истите и да понудат иновативни решенија во вид на производ или услуга.

UPSHIFT програмата ќе помогне и ќе ја поддржи реализацијата на решенијата на социјалните проблеми од заедницата. Заинтересираните учесници е потребно да формираат тим од 2-5 учесници на возраст од 13-19 години и да ја испратат пополнетата апликацијата најдоцна до 10.03.2019.

Апликацијата е достапна ТУКА

Со учеството во програмата:

  • ќе стекнете нови вештини и знаења кои се применливи во решавање на било каков проблем.
  • ќе придонесете да се реши проблем во вашата заедница а и пошироко;
  • ќе научите како да ја дизајнирате, развиете и спроведете вашата идеја;
  • ќе стекнете нови пријателства и
  • ќе добиете можност за финансиска поддршка од 2.000 евра за да ја стартувате идејата.

Затоа, силно ве охрабруваме да го пронајдете проблемот кој најмногу ве предизвикува и изнајдете решение за истиот.

За подетални информации за правилата за учество во програмата и начинот на пријавување контактирате со Маја Трајкова на: mtrajkova@ceedhub.mk или преку Facebook страната на CEED HUB Скопје.

UPSHIFT е програма развиена од страна на УНИЦЕФ и има за цел преку решавање на социјални проблеми и предизвици да им помогне на младите луѓе да развијат нови вештини, да научат повеќе за социјалното претприемништво и да стекнат нови пријателства.

Програмата ја реализира CEED Hub Скопје со поддршка на Министерство за образование и наука, Фондот за иновации и технолошки развој, УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието.

Прогласени победничките тимови – Успешно заврши првата UPSHIFT работилница со поддршка на ФИТР и УНИЦЕФ

Голема посветеност, активност и вистинска иновативност покажаа тимовите основци и средношколци на првата UPSHIFT работилница за социјално претприемништво која ја организираше CEED Hub Скопје, а беше поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ.

По тродневна активна работа која се состоеше од идентификуваање на социјални проблеми и дискусија како овие проблеми да се надминат преку создавање на одржливо бизнис решение, беа прогласени 5те победнички тимови и нивните проекти кои ќе добијат финансиска поддршка:

  • Тимот на СУГС Владо Тасевски од Скопје со проектот „Дај пластичен кош, не биди повеќе за природата лош“ – Продажба на стаклени шишиња или термоси со посебни стикери со еколошка порака со цел подигање на еколошката свест за последиците од прекумерниот отпад од пластични шишиња.
  • Тимот на Средното економско општинско училиште „Гостивар“ од Гостивар со проектот „Бон тон правила за животна околина“ – Набавка на посебни канти за отпадоци со 4 отвори и изработка на мобилна апликација која ќе сигнализира дали ѓубрето се фрла на право место. Целта е подигање на еколошката свест.
  • Тимот на ПСУ „САБА“ со проектот „Дружење без граници“ – Дневен центар за основци и средношколци со посебни потреби, со волонтерска помош тим психолози и дефектолози.
  • Тимот на ДСУ „Орце Николов“ од Скопје со проектот „Динамик Дуо“ – Две станици за полнење мобилни телефон, напојување со струја на мобилните телефони преку употреба на статични точаци.
  • Тимот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица со проектот „Енергични бомбици“ – Отворање на ресторан во своето училиште со мени со избор на здрава храна: смути, органски палачинки, свежи сокови и слично. Планот на тимот е вработување на двајца професионалци, како и волонтерски ангажман од страна на учениците.

Тродневната UPSHIFT работилница се одржа во Маврово, а учесниците беа дел од програма која се спроведува на светско ниво. Оваа прва работилница од ваков тип имаше за цел развој на претприемачките вештини кај младите кои треба да станат составен дел од наставните програми и стратегии за развој на образованието во Република Македонија.

Се одржува прва UPSHIFT работилница со поддршка на ФИТР и УНИЦЕФ

Од денес до 06 октомври, десет тимови на идни претприемачи, составени од ученици од основни и средни училишта, учествуваат на првата UPSHIFT работилница за социјално претприемништво во организација на CEED HUB Скопје, а поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и УНИЦЕФ.

UPSHIFT работилницата се одржува во Маврово, а во наредните 3 дена, учесниците ќе бидат дел од оваа програма која се спроведува на светско ниво. Тие ќе учат и ќе се дружат, а ќе ги развиваат нивните идеи за подобрување на средината во која живеат.

10 тима учествуваат во најтесниот круг, а а победничките 5 тима ќе добијат финансиска поддршка. Инаку на јавниот повик за учество кој траеше до 15 септември можеа да се пријават тимови на ученици на возраст од 13 до 19 години.