Posts

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“

„Анализа на потреби и понатамошни чекори“ – предлог програмата која треба да биде основа за формирање на „Фонд за млади умови“ за поддршка на талентирани деца е презентирана во Скопје. Ова е сублимат на досегашните процеси на повеќемесечната работа во рамки на иницијативата на Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со УНИЦЕФ за креирање стратешка платформа за поддршка и развој на талентирани деца.

Предлог програмата која ја изработи Д-р. Ребека Eлис, соработничка на УНИЦЕФ, опфаќа анализи преку фокус групи во кои учествуваа вкупно 112 родители, ученици, дипломци и други чинители во образовниот систем покажа дека за да се зајакнат резултатите од програмите за млади потребна е систематска и сеопфатна поддршка која ќе обезбеди кохезија, конзистентност и одржливост.  Дискусиите беа спроведени со цел да се дознае како чинителите го мерат успехот на учениците, како ги разбираат нивните перцепции за тековните и минатите програми и рамки; наставни практики, процедури и методи; како и да ги идентификуваат нивните долгорочни цели за задоволување на потребите на учениците со висок потенцијал во Северна Македонија.

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“ 2

„Ова е навистина добра можност и најважна задача која една држава може да ја преземе во 21 век. Не само во Македонија туку во неколку други земји ние се соочуваме со она што го нарекуваме бреин дреин на нашите најнадарени млади лидери и деца. Она што го креиравме е истражување кадешто ние гледаме најдобри практики во земјава и како да ги зајакнеме, да ги направиме одржливи, но исто така и како да креираме сеопфатна рамка за да бидеме сигурни дека никој креативен и надарен не е изоставен од најраната претшколска возраст па и по завршувањето на студиите. Креирањето на програмата е базирано на истражувања на она што веќе функционира и најдобрите практитки кои се спроведуваат интернационално. Мораме да бидеме сигурни дека не станува збор за една од оние програми кои доаѓаат и поминуваат, туку е нешто што ќе остане системски во општеството“, појасни Д-р. Ребека Eлис – истражувачка и соработничка на универзитетите „Џон Хопкинс” и „Њу Ореланс” во САД, и соработничка на УНИЦЕФ Македонија.

Според заклучоците во предлог програмата системското решение треба да опфати поддршка на креативните, надарените, талентираните и иновативните ученици низ сите нивоа на образование, обука и давање моќ на младите, развој и промоција на претприемништвото како и развој на платформа која ќе ги поврзе и информира образовниот сектор, бизнис секторот и граѓанската вклученост.

„Ние не чекаме да се заврши документот, па да почнеме да работиме туку дел од работите веќе се случуваат. Во изминатите 18 месеци веќе имаме околу 15 милиони денари коишто се вложени во три различни програми во рамките на она што ќе прерасне во Фонд за млади умови. Над 500 основци и средношколци веќе земаа учество во рамките на тие програми и меѓународни натпревари. 54 основни и средни училишта реализират проекти за истражување. Бројките се охрабрувачки и јас се надевам дека само ќе се зголемуваат во наредниот период. Веќе имаме дефинирано две меѓународни организации USAID и UNICEF коишто ќе застанат зад програмата и со нив набргу ќе потпишеме меморандум за соработка. Очекувам поддршка и вклучување и на бизнис заедницата.“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Презентирана предлог-програмата за „Фонд за млади умови“ 3

„Фонд за млади умови“ на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата. Следните чекори во рамки на иницијативата предвидуваат дизајнирање на сеопфатна платформа за поврзување на образовниот сектор, приватниот сектор и граѓанските иницијативи, анализа на постојните програми и добри практики во насока на обезбедување поддршка на целиот иновативен циклус (од идеја /научно истражување – до пласман на пазар), изработка на регулатива за обезбедување одржливост и можно надградување на програмите кои покажуваат резултати како и дизајнирање на нови програми.

ФИТР ќе продолжи со понатамошна поддршка на програми кои покажуваат резултати, обезбедување на дополнителна поддршка на основа на веќе идентификувани потреби, воспоставување на Регистар на постојни пограми кои поддржуваат креативни, иновативни и претприемнички активности и стекнување на „вештини за 21иот век“ кај младите.

Само во изминатите две години освен средствата доделени преку јавни повици „Предизвик за млади истражувачи“ ФИТР со пренамена на буџетот со над 1.5 милиони денари поддржа 47 ученици и 17 ментори за натпревари во Бугарија, Холандија, Германија, Франција, Словенија, Португалија, Либан, Израел, Јужна Кореа и други држави.

ФИТР со иницијатива за проширување на средствата за повикот за комерцијализација на иновации и нов повик за технолошки развој до крајот на 2019

Комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР заврши со евалуацијата на 366 проектни апликации доставени во рамките на јавниот повик за комерцијализација на иновации, што го финансираат Владата и Светска Банка.

Комитетот првично одлучи дека 30 проектни апликации се подготвени за одобрување на ко-финансирање со кои се исцрпува 99% од предвидениот буџет на повикот односно 4.949.800 милиони евра. Овие компании предвидуваат примарни инвестиции во вкупен износ од над 7 милиони евра, од кои 2.322.907 милиони се сопствено учество на апликантите. 90% од овие компани се нови корисници, додека 10% се компани кои биле одбиени на претходни повици на ФИТР, а сега повторно аплицирале со подобрени проекти.

Имајќи го предвид големиот интерес на компаниите за финансирање, квалитетот на доставените инвестициски планови, како и првичните резултати од процесот на евалуација, Фондот достави до Владата на Република Северна Македонија иницијатива за проширување на буџетот за финансирање за програмата за комерцијализација на иновации. Со оваа иницијатива, се очекува бројот на компании што би добиле поддршка за реализација на предвидените инвестиции во рамки на овој повик најмалку двојно да се зголеми.

За 137 од оценуваните компании Комитетот за одобрување на инвестиции констатира дека предложените предлог проекти соодветствуваат со целите и условите на програмите на Фондот наменети за технолошки развој (набавка на нова, современа опрема) и истите можат да бидат разгледани за ко-финансирање во рамки на тие инструменти на ФИТР. Согласно ова, Фондот иницираше измени во годишната програма за работа, со проширување на износот за финансирање на повиците за технолошки развој од иницијалните 2 на 5,5 милиони евра. Дополнително, со цел олеснување на пристапот до финансирање за оваа група компании, Фондот веќе работи на промени на процедурите и воведување т.н. „fast track“ процедура за аплицирање. Со оваа процедура, сите компании што во рамки на овој или предходните повици стигнале до фаза на финална селекција да имаат право да аплицираат на наредниот повик со ист или подобрен проект и да влезат директно во фаза на финална селекција.

За останатите проектни апликации, Комитетот за одобрување на инвестиции изготви соодветни коментари и препораки кои ќе им бидат доставени на секој апликант поединечно. И оваа група компании е предвидено да има пристап до новата процедура за аплицирање со следниот повик на Фондот.

ФИТР во наредниот период ќе спроведе и истражување на ставовите и мислењето на апликантите во однос на програмата, процедурите за реализација на јавните повици, квалитетот на услугите на Фондот и надворешните соработници во процесот, со цел натамошно унапредување на процесот и натамошно зголемување на бројот на успешни апликанти.

Јавниот повик за комерцијализација на иновации заврши на 15 мај 2019г. Аплицираа 487 компани кои побаруваа 70 милиони евра. Во фазата на финална евалуација влегоа 366 апликации, што го поминаа процесот на административна проверка и претселекција спроведен од 97 домашни стручни лица. Конечната одлука ја носи Комитетот за одлучување на инвестиции кој го сочинуваат 5 странски експерти, именувани од Владата по пат на меѓународен конкурс. Оценувањето на проектите се врши врз основа на 5 критериуми: степен на иновативност, квалитет на апликација, капацитет на проектен тим, проценка на пазар и влијание.

Иновативен производ за гаснење пожари, развиен од компанија корисник на грант од ФИТР

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, присуствуваа на презентација на производот на компанијата ВТ Продакшн од Скопје, добитник на ко-финансиран грант од Фондот, која се одржа на полигонот за вежби на Бригадата за против пожарна заштита на град Скопје.

Компанијата ВТ Продакшн со вкупни средства од околу 100 илјади евра, од кои 2/3 се грант од ФИТР, разви адитив-ретардер, за вода за гасење и заштита од пожар, кој го нарекоа Fireless, чија функционалност беше презентирана преку три показни вежби.

IMG_3500

Вицепремиерот Анѓушев, по презентацијата на производот, искажа задоволство што е развиен производ каков досега нема во регионот, а кој може да има голема примена при заштита и гасење на пожари, со што се докажува дека финансиските средства од Фондот наменети за комерцијализација на иновации се правилно наменети.

„Се надеваме овој адитив да стане комерцијален производ и дека компанијата ќе најде соодветен пазар каде ќе го пласира производот, што е и целта на програмата за поддршка на малие и средни компании на ФИТР; да се развијат производи и истите понатаму да се комерцијализираат, со што компаниите ќе растат“, рече вицепремиерот.

IMG_3288

Анѓушев посочи дека во 2018 година потпишани се договори со 133 компании, чии инвестиции се очекува да достигнат 28 милиони евра, од кои над 16 милиони поддршка од државата.

„Сите проекти на овие компании се во фаза на реализација, а веќе 8,2 милиони евра се исплатени на компаниите кон компаниите. На јавниот повик во 2019 година имаме навистина висок интерес, доставени се над 500 апликации, а буџетот е проектиран на 10 милиони евра од кои 2 милиони се од Светска Банка, која ја препозна важноста на програмата. Со ребалансот на буџетот планираме и дополнителни средства за Програмата за поддршка на мали и средни претпријатија, согледувајќи го големиот интерес од компаниите“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, посочи дека компанијата ВТ Продакшн е добар пример на мала домашна компанија, која разви уникатен производ во соработка со академската заедница, кој може да најде практична примена и да помогне во надминување на еден актуелен предизвик, односно пожарите кои се појавуваат.

IMG_7546

„Ова е производ кој може да најде примена и во Северна Македонија, но и во регионот и секаде во светот. Овој проект е дел од дваесетината проекти за заштита на животната средина, кои се со вкупна вредност од околу 200 милиони денари, дел од средствата се обезбедени од Фондот, а дел од самите компании. Очекуваме вакви видливи и конкретни резултати од сите компании, за да може граѓаните и општеството да ги почуствуваат резултатите од проектите“, потенцираше директорот Деспотовски.

Управителот на ВТ Продакшн Влатко Тасевски изјави дека компанијата ќе донира од 10-15 илјади литри од адитивот на надлежните институции, кои се во вредност од 6-10 илјади евра, за да се утврди неговата функционалност и примена во теренски услови. Тој дополни дека со средствата од Фондот, се забрзала имплементацијата на проектот, кој почнал да се развива во март 2019 година и само за шест месеци е влезен во пред комерцијална фаза.

IMG_7587

ФИТР и МАНУ потпишаа Меморандум за соработка и поттикнување на иновативноста и претприемништвото кај младите

Фондот за иновации и технолошки развој и МАНУ потпишаа Меморандум за соработка кој ќе опфати покренување на заеднички проекти и студии од областите на претприемништвото, иновациите, истражувањето и технолошкиот развој.

„МАНУ активно ќе се вклучи во изработка на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен „Фонд за млади умови“ на ФИТР, но и ќе се продлабочи соработка во конципирање на финансиски инструменти за поттикнување на истражувачките активности на академската заедница,“ истакна  претседателот на Академијата, Таки Фити.

Целта на овој договор е и стимулирање на конкурентноста преку истражување на можни инструменти за креирање иновативни политики, како и политики поврзани со образование и поддршка на мобилноста помеѓу академијата и индустријата, вклучувајќи и меѓународна мобилност на ученици, студенти и претставници на академската заедница.

MoU MoU потпишување ФИТР и МАНУ 2potpisuvanje FITR i MANU 2

„Потпишувањето на договорот за соработка со една од најзначајните национални институции претставува задоволство и голема чест за Фондот но и за мене лично. Разговаравме за повеќе конкретни проекти и очекуваме целосна поддршка од МАНУ во иницијативите кои ни претстојат и за кои заеднички ќе аплицираме пред меѓународните фондови. Со задоволство ќе ја прифатиме понудената можност акумулираното знаење од Академијата да го искористиме во делот на економијата и одржливиот развој.“, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Двете институции преку билатералната соработка ќе имаат заеднички проекти за финансирање на меѓусебните истражувачки активности и пред домашните државни институции, приватниот сектор,  вклучувајќи притоа и заемна помош при подготовка на проектната документација.

Во мај годинава ФИТР во соработка со МАНУ, Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје организиираа „Денови на ЦЕРН во Северна Македонија“ во чии рамки се одржаа серија настани и изложби.

478 апликации, вкупни инвестиции од 105 милиони евра – Презентирани првичните податоци од јавниот повик за грантови за комерцијализација на иновации на ФИТР

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денес, на прес конференција, ги презентираа првичните податоци во врска со доставените апликации од страна на компаниите на завршениот втор јавен повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, кои се однесуваат на мерките од третиот столб на Планот за економски раст (ПЕР), за поддршка на микро, мали и средни компании.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека интересот на компаниите на вториот јавен повик е навистина голем, значително повисок во однос на повикот во 2018 година, со што се покажува дека микро, малите и средни компании ги препознаваат мерките како исклучителна можност за нивниот развој. Како споредба, вицепремиерот кажа дека во 2018 година, апликации беа доставени од 244 компании, а биле потпишани договори со 133 компании, додека на вториот јавен повик се имаат пријавено 487 апликации, што е двојно повеќе од лани.

Презентација ПЕР 2019 година 2

“Поддршката на микро, малите и средни компании е, и ќе продолжи да биде еден од столбовите за економски развој на нашата држава. Со овие мерки, силно се поддржува индустријата, која покрај градежништвото, земјоделството и трговијата, е еден од главните генератори на бруто домашниот производ. Преку доставените апликации, утврдивме дека се планирани вкупни инвестиции во висина од 105 милиони евра, а компаниите во своите барања побаруваат 70 милиони евра, додека 35 милиони евра се сопствени средства на компаниите“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот посочи  дека за поддршка на ММСП, во 2019 година, во буџетот се планирани околу 10,5 милиони евра, а додаде дека по извршена евалуација на сите апликации и утврдување на квалитетот на проектите, доколку постојат доволно квалитетни проекти, Владата ќе направи напор да се обезбедат дополнителни средства за поддршка на проектите на компаниите.

„Мерките за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, како и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се главен генератор на индустрискиот развој во Република Северна Македонија, каде имаме исклучително добри резултати.

Само во првиот квартал на 2019 година, во споредба со истиот квартал лани, бележиме раст на индустриското производство над 8%, раст кој не е возможен без нови инвестиции во индустрија и отворање на нови погони. Како резултат на мерките за поддршка на Владата, во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, во моментот се реализираат 19 нови инвестициски проекти во технолошко-индустриските развојни зони, дополнително неколку фабрики надвор од ТИРЗ. Потврдена  е нова инвестиција на словенечката компанија ТАБ МАК во Пробиштип во вредност од 25 милиони евра, како и нова инвестиција за изградба на шински возила на чешката компанија Локо Транс. Во моментот вкупно се градат околу 25 фабрики, кои ќе отворат нови над 5000 работни места, што ќе придонесе за понатамошен развој на економијата во Република Северна Македонија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев

“Овие рекордни бројки, од интересот на компаниите на јавниот повик, се знак на доверба во процедурите и инструментите на ФИТР. Воедно истите се показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат сопствени средства во развој и иновации. Особено охрабрува фактот што компаниите предвидуваат ангажман на нови 2726 лица, што е пораст од 59,34% во однос на лани,“ нагласи Деспотовски.

Презентација ПЕР 2019 година 3

Компаниите од ФИТР побаруваат над 70 милиони евра што е за 14 пати повеќе од предвидениот буџет за овој повик во висина од 5 милиони евра.

“Јас верувам во овој процес и позитивните ефекти за економијата, и ќе се заложам заедно со Владата на РСМ да се обезбедат дополнителни средства за финансирање. На тоа не обврзуваат бројките што ги презентираме и денеска, а кои се показател и за ефикасноста на овој дел од економската политика на владата“ порача Деспотовски.

Инаку најголем дел од апликациите се од скопскиот регион, но има и од 27 други места од целата земја. Во однос на секторите, пристигнат се апликации од 28 индустрии, најголем број од ИТ секторот, но меѓу останатите има и од земјоделие, здравство, маркетинг, машинска и прехранбена индустрија.

Во тек е административната проверка по што следи фазата претселекција која ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Проектите кои ќе добијат минимум 51 поени во просек преминуваат во втората фаза, во која Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, ќе ја донесе конечната одлука за финансирање на предлог проекти.

Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Овие мерки, кои се дел од Планот за економски раст, од годинава се поддржани и од Светска Банка која стана финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите. Јавниот повик за прибирање на апликации за ко-финансирани грантови беше отворен од 31.03 до 15.05.

Мини-изложба на иновативни ученички проекти поддржани од ФИТР

Во рамките на иницијативата Петок за млади на Фонд за иновации и технолошки развј денеска беше направена мини-изложба на ученички проекти поддржани од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) преку програмите „Предизвик за млади истражувачи“ и „UPSHIFT“. Настанот беше во изложбениот простор на Академијата за науките и уметностите (МАНУ) каде се оддржуваат „Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија“.

Креативните средношколци од гимназијата „Киро Спанџов Брко“ и од Кавадарци и двете скопски гимназии „Георги Димитров“ и „Орце Николов“ ги претставија своите проекти и го објаснија целиот процес на работење од идеја до реализација на иновацијата.

Петок за млади во рамки на Денови на Церн во РС Македонија 2

Средношколците од Кавадарци работат на повеќе проекти меѓи кои и интерактивна паметна табла која ја заменува класичната школска табла на која може да се пишува со паметен покажувач наместо со креда, и канти за отпадоци со систем за рециклирање на пластични шишиња и конзерви.

Петок за млади во рамки на Денови на Церн во РС Македонија 4

Тимот на скопската гимназија „Георги Димитров“ направи повеќенаменски дрон со кој прскањето на шумските предели со пестициди ќе може да се прави центрирано наместо низ широки површини со што ќе се заштити екосистемот а особено пчелите кои најмногу страдаат при користењето на пестициди.

Иновацијата на учениците од гинмназијата „Орце Николов“ од Скопје е статичен велосипед опремен со механизам кој преку ротирање на педалите полни мобилни телефони. Иновацијата придонесува за развивање на здрави навики и заштеда на електрична енергија.

Петок за млади во рамки на Денови на Церн во РС Македонија 3

Ученците од трите гимназии имаа прилка и да се запознаат со истражувањата и работата на ЦЕРН преку изложба и атомските интерактивни игри.

„Изложбата на Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) е еден од механизмите преку кои сакаме да го поттикнеме критичкото и креативното размислување кај младите. Со поддршката која им ја дава ФИТР преку програмите „Предизвик за млади истражувачи“ и „UPSHIFT“ ги мотивираме и им олеснуваме при реализирање на идеите,“ посочи Николина Стојановска Трајковска од ФИТР.

Манифестацијата „Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија“ беше отворена на 13 мај, 2019 година во организација на ФИТР, со поддршка на Природноматематички факултет при УКИМ и МАНУ и трае се до денес.

Петок за млади во рамки на Денови на Церн во РС Македонија 5