Posts

Кузмановиќ: Поддршката од ФИТР за компаниите е многу важна во за создавање на успешни приказни

Стратум рид со проектот „Импала“ е првата македонска компанија од целиот регион на ЈИЕ која во следните 10 години е поканета на Светскиот иновациски форум во Давос!

„Пред 1,5 година за прв пат почувствував поддршка од државата преку ФИТР. Затоа, ве молам да не престанувате со ширење на позитивна енергија помеѓу бизнис секторот каква што немало до сега. Никогаш до сега не се развивале толку креативни решенија и се отвора простор за младите да направат нешто во својата земја кое ќе остане трајна вредност, посочи Весна Кузмановиќ, тим лидер на проектот „Импала“ кој е поддржан од Фондот.

Финансиската поддршка која ја добиваме е многу важна, истакна Кузмановиќ на промотивниот настан на ФИТР насловен „Создаваме #УспешниПриказни“.

„Но, во исто време, од непроценливо значење се односите и поддршката која ФИТР ја изгради со меѓународните стратешки партнери, бидејќи напорите на Фондот се препознаени секаде и тие гледаат во него партнер на македонските компании“, рече Кузмановиќ пред присутните на настанот.

Во 2019 година семејството на ФИТР се искачи на 314 македонски компании, 54 поддржани училишта со директно вклучени над 500 ученици, како и повеќе од 30 партнерски организации.

Заедно за уште многу #УспешниПриказни!

ФИТР со рекордна реализација од 99,9% на предвидените финансиски средства за поддршка на домашната економија

Фондот за иновации и технолошки развој ја заврши 2019 година со рекордна реализација од 99,97% на предвидениот буџет наменет за финансирање на домашните компании и останати корисници на средства од инструментите на ФИТР.

Во измината година, ФИТР кон домашните компании исплати вкупно 633,6 милиони денари финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти. Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Владата, како и од Светската банка. Со овие средства, како и сопствените пари што компаниите ги уплаќаат на наменски сметки, вкупниот обем на реализирани средства преку проектите на ФИТР за 2019 година надминува 1 милијарда денари.

Дополнително, исплатени се над 12,6 милиони денари за проекти во делот на образованието, заштитата на животната средина, како и примената на иновациите во јавниот сектор.

Во 2019 година, Фондот во целост ја реализираше предвидената програма за реализација на нови јавни повици и обезбедување на поддршка за инвестициски проекти во економијата. Така, за комерцијализација на иновации предвидените 12,5 милиони евра се искористени 100%, додека во тек се два јавни повици – за поддршка на технолошки развој и стартап компании, за што средства беа обезбедени со ребалансот на Буџетот за 2019г.

Заклучно со декември, ФИТР има склучено (или во фаза на склучување на) договори за кофинансирање на 320 компании и 54 основни и средни училишта. Вкупниот обем на инвестиции кај домашните компании е во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании. На овие проекти има директно ангажирани 769 лица, од кои дури 360 се новоотворени работни места, со просечна плата од 700 евра.

Првичните анализи на работењето на дел од компаниите чија реализација на проектите е во понапредна фаза, покажуваат дека по поддршката од Фондот приходите им пораснале за 50 отсто, а нето добивката пораснала за 64 отсто. Зголемен е и бројот на вработени за 27 отсто, а забележан е и пораст од 40 отсто кај просечната месечна плата исплатена во овие компании.

Фондот ја стартуваше и кампањата „Создаваме успешни приказни“ која има за цел презентација на кофинансираните проекти и постигнатите резултати преку личните приказни на нашите корисници.

„Преку нив сакаме да ви го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“.

Фондот минатата година воведе и повеќе новини и измени со цел поедноставување на постапката за аплицирање. Меѓу другото воведена е и таканаречената „fast track“ скратена постапка за аплицирање. Отсега компаниите кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.

Со скратената постапка се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што ре-аплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.

Скратената постапка веќе почна да се применува од декември со јавните повици за  „Ко-финансирани грантови за технолошки развој “ со вкупен буџет од 6.000.000 евра, и нов повик за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ со вкупен буџет од 1.500. 000 евра. Апликациите за истите се отворени до 05.02.2020г. за технолошки развој, однос до 25.02.2020г. за стартап компании.

Создаваме успешни приказни – ФИТР досега поддржа 314 компании, 54 училишта и 30 организации

Во 2019 година во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) пристигнаа дури 487 апликации за поддршка, што е тројно повеќе од првиот повик во 2015 година кога беа пријавени се 158 апликации. Владата го следеше зголемениот интерес и Буџетот за поддршка на иновации од 1,2 милиони евра поддршка во 2015 година, во 2019 година изнесува дури 11.2 мил евра, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“. На настанот се обратија и заменик претседателот во Владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев, и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Создаваме успешни приказни - ФИТР промо настан 2

„Резултатите од одобрените проекти се одлични. Во компаниите што добија поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој приходите од работењето пораснаа за 50 отсто, нето добивката пораснала за вртоглави 64 отсто, бројот на вработени е зголемен за 27 отсто, а просечната месечна плата пораснала за 40 отсто. Дури 839.3 илјади евра или 39 отсто од средствата што биле доделени како грант се вратени во Буџетот преку данокот на добивка и задолжителни придонеси на поддржаните компании“, истакна премиерот Заев

Вкупниот број на вработени во грантираните компании изнесува 769 вработени, од кои дури 360 се ново отворени места благодарение на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, посочи Заев.

„Просечната плата во овие компании е 700 евра. Тоа се бројките на успехот. Тоа се бројките што ја прават голема насмевката на лицата на 769 вработени“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потсети дека една од главните задачи на Владата на самиот почеток на мандатот, беше да се креираат конкретни и ефикасни мерки со кои се овозможи реална и силна поддршка на македонската економија со Планот за економски раст, кој се темели на три столба.

„Мерките од третиот столб на Планот за економски раст се конкретно насочени кон микро, малите и средни компании и се имплементираат токму преку Фондот за иновации и технолошки развој. Изминатите две и пол години преку повеќе инструменти се подржани се вкупно 314 компании во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании, а приближно 35 милиони евра се средства коишто се наменети од Фондот, односно од Буџетот и финансиски средства од Светска банка. Главната порака од овие проекти со сите граѓани, особено кон младите луѓе е: Останете во Република Северна Македонија и не чекајте да бидете вработени. Создадете своја фирма, креирајте свои производи, државата ќе ви помогне во развојот и комерцијализација на производите“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски рече дека семејството на ФИТР во изминативе две години порасна на 314 компании, 54 поддржани училишта и над 30 партнерски организации.

„Го зголемивме обемот на инвестиции во домашните компании за 57 пати. Две и пол години работиме, и две и пол години слушаме и критика и тоа голема. Не беше лесно да се помине сето тоа. Но, ова што гледате тука се реални луѓе, реални проекти и реални успешни приказни, а не измислени работи. Одбравме дел од нашите корисници да ни бидат амбасадори и  преку нивните приказни да го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“.

Создаваме успешни приказни - ФИТР промо настан 3

„Иновациски ваучери“ – Новиот инструмент на ФИТР презентиран на Универзитетот „Св. Кирили и Методиј“

Денес, во просториите на ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се одржа консултативна дебата за новата мерка што ФИТР ќе започне да ја спроведува на почетокот на 2020 година.

Целта на оваа мерка е да ја поттикне и официјализира соработката меѓу академскиот сектор и индустријата. Иновациските ваучери можат да се искористат за покривање до 80% (осумдесет проценти) од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 (петстотини илјади) денари, без данок на додадена вредност (ДДВ). Компаниите кои ќе ги користат овие ваучери ќе имаат обврска да го кофинансираат преостанатиот износ од вкупните трошоци на услугите.

Целта на овој нов инструмент на Фондот за иновации и технолошки равој е да се поттикне соработката помеѓу бизнис секторот и академските и научно-истражувачките установи во насока на спроведување иновациски активности, со што претпријатијата ќе ја зголемат својата конкурентност. Развојот на нови производи, процеси и услуги е во директна релација со процесот на иновација. Овие ваучери овозможуваат директен финансиски поттик кој претпријатијата ќе го искористат да покријат дел од трошоците за услугите кои ги нудат академските и научно-истажувачките институции со што се зголемува динамиката на развојот на производите и услугите, како и нивниот пласман на пазарот.

Присутните членови на сенатот на ректорската управа на Универзитетот ја поздравија мерката и ја карактеризираа како долгоочекуван позитивен чекор напред на Фондот и Владата во поглед на засилување на соработката меѓу академскиот и индустрискиот сектор. Се разви конструктивна дебата, со голем број сугестии и коментари кои ФИТР ќе ги земе в предвид во поглед на финализирање на правилникот и апликацискиот образец за оваа мерка. По завршувањето на правилникот.

Денешната активност е втора од серијата предвидени консултативни дебати со претставници на академската фела и компаниите кои треба да бидат директни корисници на новиот инструмент. Првата консултативна средба се одржа на почетокот од месецот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Нов јавен повик на ФИТР „Стартапувај2“ – Зголемен буџет од 1,5 милиони евра за стартап компании

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави нов јавен повик за стартап компании. Презентацијата на инструментот на ФИТР кој е наменет за финансиска поддршка на фирми не постари од 6 години, како и критериумите и условите за аплицирање,  се одржа во амфитеатарот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Фокусот на оваа мерка поддржана од Светска Банка се младите, а целта на инструментот е поттикнување на истражувачките и развојните процеси на нови бизниси.

Проф. д-р. Абдулменаф Беџети, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа посочи дека овој универзитет е еден од водечките високообразовни институции не само во државата, туку и во регионот, и дека кадарот што добива високо образование таму е меѓу најконкурентните на пазарот на трудот.

„Најновите статистики покажуваат дека 70 проценти од студентите на додипломските студии на Универзитетот на Југоисточна Европа се вработуваат најдоцна во период од 12 месеци по завршувањето на студиите. Ова е доказ дека Универзитетот има наставен кадар кој ги подготвува студентите со теоретска, но и практична настава за потребите и барањата на пазарот на трудот. Токму затоа сметам дека Фондот за иновации и технолошки развој ја избрал најсоодветната високообразовна институција каде ќе ги презентира своите активности и можности за младите претприемачи, односно ќе го презентира новиот повик за стартап компании,“ кажа проф. д-р Беџети.

Јован Деспотовски, директорот на Фондот, кој се обрати пред присутните студенти и претставници на бизнис заедницата, нагласи дека приоритет на активностите на ФИТР се токму младите луѓе за кого државата нуди конкретна поддршка и мерки за развивање сопствен бизнис дома.

„Целта на Фондот е да поттикнеме што повеќе млади луѓе да се охрабрат да основаат свој бизнис во сопствената држава и да аплицираат. Минатата година успеавме во тоа, а потврда за тоа се бројките:  85 стартап компании поддржани под овој  инструмент, што претставува 30% од портфолиото на Фондот. Вкупен износ на вложени средства во овие компании се 2,4 милиони евра, а ако го земеме в предвид минатото искуство, овој износ ќе се зголемува во иднина. Сакам да потенцирам дека иновациите се применливи насекаде и сакам да ги охрабрам студентите и младите лица во државата да аплицираат за овој инструмент бидејќи компаниите што добиваат поддршка од ФИТР се одличен показател дека добра идеја може да се реализира во добар бизнис, а државата нуди конкретни механизми и спроведува конкретни активности да ги задржи тука,“ истакна Деспотовски.

Условите, критериумите и целта на инструментот за кофинансирани грантови за стартап и спиноф компании ги презентираше Пиштар Љутфиу, член на управниот одбор на Фондот и поранешен министер за образование и наука. Тој истакна дека механизмите на ФИТР за финансиска поддршка, како и мерките преземени во поглед на подобрување на формалното и неформалното образование даваат очигледни резултати.

Стартапувај 2 јавна промоција 3

„Фондот нуди конкретни мерки како да ги задржи младите луѓе дома и за таа цел соработува со сите општествени чинители и релевантни институции како што се Агенцијата за вработување, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, но и сите засегнати министерства во процесот. Ова е еден од најважните сектори во државата, кој заслужува ваков вид поддршка затоа што инвестирањето во младите е иднината на оваа земја. Со овој инструмент на Фондот, се отвораат нови работни места, се стимулира истражувањето и развојот на бизнис идеите кај младите и се подобрува целокупната економија. Затоа, моја препорака е да ги искористите можностите што ви ги нуди државата и да го разбудите претприемачот во себе!,“ истакна Љутфиу.

Вкупниот буџет на овој јавен повик е зголемен и сега изнесува 1,5 милиони евра. Максималната сума што може да биде доделена од страна на ФИТР е во висина од 30.000 евра, што претставува 85% од вкупната вредност на проектот. Останатите 15 проценти треба да ги обезбеди апликантот.

Јавниот повик за кофинансирани грантови за новоосновани стартап и спиноф компании на Фонд за иновации и технолошки развој е објавен денес (25.12.2019 год) и ќе трае до 25.02.2020 година.

Сите детали за овој јавен повик на ФИТР можете да ги најдете следниот линк: fitr.mk/startapuvaj-2

Стартапувај 2 јавна промоција 2

ФИТР и УНДП ќе работат на зајакнување на иновации во јавниот сектор

Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) потпишаа меморандум за соработка со кој преку заеднички активности ќе се работи на засилување на иновациските дејности и воведување иновативни процеси во јавниот сектор, поддршка за раст на малите и средни претпријатија, промоција на истражување и ефективни модели на управување, како и зголемување на соработката меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор.

Меморандумот го потпишаа директорот на ФИТР Јован Деспотовски и Нарине Сахакиан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации.  Деспотовски нагласи дека потпишувањето на меморандумот е официјализирање и продлабочување на веќе успешната соработка меѓу двете институции во насока на унапредување на животниот стандард на граѓаните на нашата земја.

„УНДП е нашиот седми респектабилен меѓународен партнер со кој ја официјализираме соработката во овие две години. Заедно со нас во нашата мисија се и Светската банка, УНИЦЕФ, Швајцарската и амбасадата на Велика Британија, државата Израел и УСАИД. Проектите што веќе ги развиваме во соработка со УНДП сега очекувам и да се прошират и да добијат на дополнителен квалитет. Заедно ќе работиме на развој и примена на иновациите во животната средина, јавниот сектор како и во поттикнување и олеснување за младите за старт на сопствен бизнис,“ истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР и додавајќи дека само оваа година преку програмата за самовработување во чија реализација целосно е вклучен УНДП се поддржани 22 млади луѓе во креирање на стартап бизниси. Тие се дел од таканаречената ИНгрупа на бизниси со потенцијал за брз раст, а Деспотовски очекува оваа бројка следната година да биде значително поголема.

Потпишување Меморандум за соработка помеѓу ФИТР и УНДП 2

Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан, посочи дека ваквите партнерства се значаен придонес за поттикнување и унапредување на иновациите во државата во сите сектори од јавен интерес.

„Во рамките на овој меморандум заложбата на двете институции е да соработуваат и да ја промовираат културата на иновации при што со здружени сили ќе се поддржи технолошкиот напредок и развојот на дигиталните вештини што во иднина ќе доведат до креирање на нови работни места, економски развој и социо-економска инклузија,“ истакна Постојаната претставничка на програмата за развој на ОН во државата, Нарине Сахакиан.

Двете институции, со овој меморандум, се обврзуваат да го поддржат растот на микро, малите и средните компании преку спроведување на иновативни решенија и услуги; тесно да соработуваат со домашните претпријатија за да можат да ги остварат сопствените цели за одржлив развој заедно со развојните агенции и јавните институции; да го унапредуваат и промовираат долгорочниот развој преку технолошки подобрувања и поддршка на развојот на дигиталните вештини што пак треба да придонесат кон создавање нови работни места, како и вклучување на жените во техничките и природните науки и комерцијални проекти за да се пополнат родовите празнини на пазарот на трудот.

Дополнително, ФИТР и УНДП ќе работат на подигање на свеста за нови иновативни пристапи, технолошки подобрувања, трансфер на знаење во различни индустрии и промоција на истражувањата меѓу академскиот и приватниот сектор.

Со поддршка од ФИТР, реализиран проект за стаклена градина во ООУ „Вера Циривири Трена“

Преку „Фонд за млади умови“, Фондот за иновации и технолошки развој вложува во младите, како и нивниот развој и проекти.

Во скопското основно училиште „Вера Циривири Трена“ учениците имаат своја стаклена градина, каде одгледуваат зеленчуци, зачински билки и цвеќиња. Во рамките на „Предизвик за млади истражувачи“ на Фондот, тие ги истражуваат растенијата, влијанието на инсектите и вкусуваат зеленчуци од нивниот училишен двор.

Големо браво за учениците и нивните ментори. Погледнете го нивното видео: