Posts

„Глуко“ на Иновејшн со поддршка од ФИТР

Проектот „Глуко“ на компанијата Иновејшн претставува софтвер наменет за здравствените работници со кој може да се направи долготрајно мониторирање на ЕКГ (ECGalert), па дури и рано откривање и превенирање на срцеви удари кај луѓето.

„Со ‘Глуко’ започнавме кон крајот на 2015 година, а нашиот предизвик беше многу голем. Благодарение на Фондот за иновации и технолошки развој, кои најдоа начин да го финансираат овој проект, успеавме да вработиме нови луѓе, да ангажираме многу експерти од оваа област и да го создадеме овој софтвер со кој сме навистина горди“, велат од компанијата Иновејшн.

Во моментов, посочуваат од оваа компанија, софтверот е во процес на сертифицирање како медицинско средство. По ова, ќе биде ставен во употреба и продажба насекаде низ светот.

„Нашиот софтвер овозможува докторите да можат да ја набљудуваат моменталната состојба на пациентот, да согледаат каква е неговата здравствена состојба, дали постои некоја опасна аритмија за која тој би требало да биде предупреден, односно да се спречат најтешки последици“, додава претставникот на Иновејшн во ова видео.

Компанијата Иновејшн е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките нa првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Со првиот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари.

Проектот „Следење на очи, кодирање на лице и неуромаркетинг“ со поддршка од ФИТР

Проектот „Следење на очи, кодирање на лице и неуромаркетинг“ на компанијата Стратум Рид претставува платформа со која можат да се мерат стимулуси од било каков тип во однос на имплицитни техники. Со други зборови, се овозможува мерење на движење на зеница на око, препознавање на емоции врз основа на фацијална експресија, галванов рефлекс, пулс итн.

„Овој проект е од областа на истражување на пазар, а претставува спој на повеќе професии и соработка помеѓу повеќе чинители. Проектот се работи веќе две години, а поддршката од ФИТР ќе ја искористиме за изработка на бета верзија на платформата која ќе биде лансирана до крајот на оваа година. Врз основа на оценките кои ќе ги добиеме од корисниците, ќе следи процес на доработка и усовршување. Потоа платформата ќе се комерцијализира во рамките на Светскиот иновациски форум“, посочуваат од Стратум Рид.

„Поддршката од Фондот за иновации и технолошки развој е значајна затоа што колку и да имате голема енергија, знаење и идеа, доколку ја немате финансиската поддршка, тогаш тешко дека можете сето тоа да го изреализирате. Токму затоа, на ФИТР се гледа како на институција со која можете да ги реализирате проектите на кои работите и верувате дека можат да донесат успех.“, додава претставникот на Стратум Рид во видеото.

Компанијата Стратум Рид е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од ФИТР во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Со првиот инвестициски бран се реализираат инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 20 милиони евра. Се ангажираат 460 лица, од кои 85 се нови работни места, со просечна плата од 48.000 денари.