Posts

Вицепремиерката Царовска и Владиниот економски тим на средба со Советот на странски инвеститори

Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заедно со министрите за странски инвестиции Зорица Апостолска, д-р Елвин Хасан и д-р Бардуљ Даути, директорите на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски, на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Арбен Вила, на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, претставници од Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Царинската управа и други органи на државната управа, остварија средба со претставници на компании-членки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Вицепремиерката Царовска посочи дека на оваа средба ќе биде презентирана анализа на реализирани барања и предлози од „Белата книга 2018“ на Советот на странски инвеститори, а воедно ќе се дискутира со претставниците на странските компании за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење и за решенија како тие предизвици да се надминат.

„Ние како Влада ги анализиравме сите предлози доставени од Советот на странски инвеститори, направивме пресек и на овој состанок ќе дискутираме што е направено, а што останува како предизвик да се реализира. Сега ја анализиравме „Белата книга“ на Советот, онаа што ја издадоа во 2018 година и сме на добра стартна позиција, бидејќи Владата и другите државни органи веќе имааат реализирано околу 10% од нивните барања, а околу 60% се во процедура. Голем дел од барањата и предлозите се поврзани со законска регулатива што е дел од трудовото законодавство, здравје и безбедност на работа и новиот Закон за работни односи, којшто го создававме заедно со стопанските комори и голем дел од барањата во Белата книга, веќе се имплементирани во новото законско решение. Очекуваме по составот на новата Влада, Законот за работни односи да биде ставен во Парламентот на усвојување“, потенцираше вицепремиерката Царовска.

Претседателот на Советот на странски инвеститори и генерален директор на ЕВН, Штефан Петер, посочи дека состанокот со вицепремиерката и владиниот тим се одржува во вистинско време и дава импулс дека и покрај тоа што се наоѓаме во предизборен период, стопанството треба да продолжи да работи и да се развива со предвидената динамика.

„Овој состанок е мошне важен за Советот на странски инвеститори и доаѓа во вистинско време, зашто сите го почитуваме Пржинскиот договор и Парламентот ќе почне со пауза, но глобалната економија, економијата во Северна Македонија не се на пауза и бизнис секторот не запира. Затоа сум благодарен што на оваа средба може да дискутираме за економските реформи што се неопходни, а што се прикажани во нашата Бела книга од 2018. Ги повикувам сите мои колеги, претставници на домашни и странски компании, да не чекаат со носењето одлуки, да не чекаат да завршат изборите, туку да дејствуваат сега. Бизнисот мора да функционира и да се развива“, потенцираше Петер.

Одговорајќи на новинарско прашање, претседателот на Советот на странски инвеститори рече дека два главни предизвици кои стојат пред Владата и компаниите во наредниот период се царинските давачки и миграцијата на работната сила во други земји. Надминувањето на овие два предизвици се можни само доколку постои тесна соработка помеѓу Владата, државните органи и бизнисот, заклучи Петер.

Вицепремиерката Царовска посочи дека активно се работи на мерки со кои ќе се зголемува вработливоста на невработените лица во Северна Македонија, со цел на усогласување на побарувачката и понудата на пазарот на трудот и натамошно намалување на стапката на невработеност, но и повисока продуктивност и конкурентност на компаниите од земјата.

„Токму затоа и претходно како Министер за труд и социјална политика и сега како Вицепремиерка за економски прашања, работам на усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд и тоа се гледа преку инвестициите во оперативните мерки за вработувања коишто се ад-хок усогласувања на потребите на пазарот за труд за брзо преквалификување и доквалификување на работната сила, но исто така работиме и со Министерството за обраование и наука и нашите меѓународни партнери и бизнис секторот за воспоставување на системско решение за образование во техничките и стручните училишта усогласено со современите потреби на бизнис секторот“, потенцираше вицепремиерката за економски прашања

Поддржуваме поголема продуктивност и конкурентност на малите и средни претпријатија – Вицепремиерката Царовска и директорот Деспотовски во посета на Фејдом

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, ја посетија компанијата Фејдом, една од компаниите-корисници на кофинансирани грантови за поддршка на иновации.

Вицепремиерката Царовска посочи дека во изминатите две и пол години Фондот за иновации и технолошки развој значително го зголемил опфатот на компаниите коишто се поддржани. Ако во 2017 година во портфолиото на Фондот биле само триесетина компании со вкупна поддршка од околу 1 милион евра, во моментов се поддржани 314 микро, мали и средни компании, а проектите кои се во реализација се со вредност од 57 милиони евра, што значи дека поддршката од ФИТР кон компаниите преку мерките од Планот за економски раст е многукратно зголемена.

„Микро, малите и средни компании се двигател на економскиот раст и преку Фондот за иновации и технолошки развој и други инструменти, државата треба да продолжи да го поддржува нивниот развој. Важно е дека се поддржуваат компании на целата територија, односно во повеќе општини и во различни сектори. Со силна и посветена работа како Влада изминатите две и пол години направивме економски пресврт. Од бруто домашен производ кој што беше – 1,8 %, постигнавме просечна вредност на раст на БДП од 3,6% во 2019 година. Компаниите и работниците веќе ги чувствуваат нашите одговорни политики и мерки. Минималната плата е зголемена за 60% и изнесува 14.500 денари, а просечната плата исплатена во ноември 2019 изнесува 25.787 денари. Навистина ми е драго што Фејдом е една од компаниите што знае да го цени трудот на вработените и просечната плата којашто ја исплаќа е околу 29.000 денари, што е над државниот просек“, нагласи вицепремиерката Царовска.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Деспотовски рече дека компанијата Фејдом досега е помогната од државата со 9,6 милиони денари, нивниот проект започна да се спроведува во 2018 година, а истиот е со времетраење од 24 месеци. Toj потсети дека анализата што ФИТР ја направи минатата година за компаниите кои се поддржани од Фондот покажува просечен раст на приходите на поддржаните компании од 50%, просечен раст на добивката од 60%, просечен раст на платите од 40% и раст на вработувањата од 27%.

„Фирмата Фејдом ангажира околу 100 луѓе. Вицепремиерката спомена дека просечните плати во компанијата се веќе 20-ина проценти над националниот просек. Ќе споменам уште еден податок: во сите овие 314 компании што ги финансираме, ангажирани се нови над 1500 лица коишто земаат просечни плати од 60-70% над националниот просек, и тоа со реални инвестиции, со реално производство, со реални луѓе. Гледаме од денешниот пример, со инвестиција во реорганизација на самиот процес на производство, рокот на испорака е скратен значително и со тоа, компанијата ја зголемува конкурентноста на меѓународниот пазар. Дека не инвестираме во фирми коишто остануваат само во Македонија, се гледа по Фејдом кои освојуваат и меѓународни дизајнерски награди, во 2019 и во 2020 година во Сојузна Република Германија. Оваа компанија со поддршката што ја добива од државата успева да добие врвна дизајнерска награда во Германија со што се дополнува вредноста на брендот и се зголемува додадената вредност што понатаму останува во економијата“, потенцираше Деспостовски.

Основачот на компанијата Фејдом, Зоран Радоњанин, изрази благодарност до Владата и Фондот за иновации за поддршката во реализација на нивниот проект, наречен „0-48“, со којшто се зголемува продуктивноста на компанијата и секое порачано парче мебел се изработува во рок од 48 часа.

„Инвестиравме во нова ЦНЦ машини за кроење на дрвените плочи и текстил и правиме комплетна реорганизација на производствениот процес, со што времето на испорака од 15-30 дена, ќе можеме да го скусиме на само 48 часа. Првите проби покажуваат дека сме кон крајот на процесот, во март 2020 година ќе почнеме со дневна имплементација на реорганизираното производство, а до крајот на 2020 очекуваме потполна реализација, што ќе биде нова можност за развој и на Фејдом и можност за нашите клиенти“, кажа директорот на Фејдом, Радоњанин.

ЗПВРСМ Царовска и ДФИТР Деспотовски во посета на Фејдом 2

Деспотовски: Целта на Фондот за иновации е од државен да стане инвестициски фонд по примерот на Израел

Над две децении во државава се зборуваше за поддршка на мали и средни претпријатија, но само зборувавме. Ние решивме нешто да направиме и затоа последните бројки велат дека поддршката на околу 350 микро мали и средни компании преку инвестиции од Фондот за иновации, вродиле со плод.

Ова го нагласи директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски во интервју за „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“, напоменувајќи дека некои од поддржаните компании значително напреднале по поддршката од државата.

– Ефектот е на пример домашна компанија со 50 вработени, од текстилната индустрија, сега исплаќа просечни плати над 30 отсто од просекот во дејноста. Текстилната компанија воведува и иновација: отпадот не го гори туку со наша поддршка го враќа во производство. Решиле преку паметно работење да влијаат на заштита на животна средина. Тоа се дел од ефектите – објаснува Деспотовски.

Во поглед на комисиите задолжени за оценка на проектите, тој вели начинот на кој Фондот го прави тоа е клучен бидејќи обезбедува и перспектива за глобалниот пазар.

– Можеби некогаш треба да се потпреме на странците. Во првата фаза на евалуација на апликантите, работат домашни внатрешни и надворешни луѓе. Втората е евалуација со петорица странци. Тие пак даваат друга перспектива, не само објективност, односно перспектива за глобалниот пазар. Благодарение на таа глобална перспектива, првите анализи што ги видовме минатата година покажуваат дека компаниите што ги финансираме растат за 50 отсто на годишниот даночен приход пред да добијат поддршка, 60% во однос на добивката, 20% во однос на вработеноста, 40 во однос на просечните плати – објасни Деспотовски.

Во однос на старт-ап проектите, целта е да се анимираат младите да започнат свој бизнис во Македонија. Патем отворен е конкурс кој трае до средината на февруари насочен кон потпомагање за отпочнување бизнис.

Прашан дали Фондот има проекција да прерасне од државен во инвестициски фонд, Деспотовски вели:

„Размислуваме во таа насока. Во текот на 2020 година ќе започнат еквити-вложувањата, концепт врз кој се базираат вложувањата во Израел на пример. Работиме и со Израел и со Светска банка. Целта секако е Фондот да не биде државна институција туку место каде и државата и приватни инвеститори ќе може да вложуваат и да заработуваат“, одговори директорот на Фондот за иновации.

Целото интервју можете да го погледнете тука:

На сите 320 македонски компании кофинансирани од ФИТР може да им залепиме етикети, но дали е тоа коректно? – Интервју на Деспотовски за Макфакс

На сите над 320 македонски компании што обезбедуваат егзистенција за 15 илјади наши сограѓани и досега биле кофинансирани од Фонд за иновации и технолошки развој може да им се залепат етикети дека се сдсмовски, вмровски или некои други, но прашањето е дали е тоа коректно, вели директорот на ФИТР во интервју за Макфакс.

Во изминатите 2 години домашните компании со поддршка од ФИТР отворија и помеѓу 1.500 и 2.000 нови вработувања каде платите во просек се движат околу 40.000 денари.

Предвидените јавни повици на Фондот остануваат отворени, компаниите ќе можат да аплицираат, фазата на административна проверка, претселекција и селекција ќе може да се случува и да тече… Меѓутоа, иако немаме законски ограничувања, решивме интерно, самото носење на одлуката да го пролонгираме до прогласување на изборниот процес за завршен, објаснува Деспотовски.

За овие и за многу други теми, погледнете го целото интервју за Макфакс:

Млада енергија преку проекти ќе ја движи економијата – Интервју на Деспотовски за „Нова Македонија“

Поддршка за млади и новоформирани компании, поддршка за технологија што треба да помогне во намалување на загадувањето, но и за разни други проекти дава Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Токму за нивните проекти и за досегашните резултати „Нова Македонија“ разговараше со директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Изминатиот период беа поддржани и презентирани неколку проекти, кои треба да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот. Колку е задоволен ФИТР од нивната примена во практиката?

Деспотовски: Од деветте проекти што беа презентирани, дел се финансирани под различни програми и се во делот на животната средина и загадувањето. За овие проекти важно е да се каже дека не само што се веќе развиени, туку се направени и тестирања во лабораториска и реална средина и покажуваат конкретни резултати. На пример, гет-велосипедот прочистува загадување во воздухот создадено од два дизел-автомобила во ист период на користење. Филтерот за прочистување воздух за индустриски капацитети покажува намалување на емисија на ПМ-честичките за 50 отсто, односно од 0,152 е намалена на 0,076. Додека јаглеродниот моноксид исто така се намалува од 1.460 на 683 мг/м3. Соларниот панел развиен во Штип за пет месеци покажува заштеда од 675 киловат-часа и намалување на загадувањето на воздухот – со употреба на само еден колектор на годишно ниво – од 698 јаглерод диоксид на 260 јаглерод диоксид. Ова се само дел од резултатите, а следен предизвик за нас е истите тие да најдат широка примена во општеството, во економијата. За тоа е потребно ангажирање на повеќе чинители, од локалната самоуправа, самите компании, но и јавноста, преку охрабрување и давање шанса на овие, наместо веќе готови и значително поскапи увезени решенија.

Дали и во иднина се планира поддршка на иновативни решенија за намалување на загадувањето?

Деспотовски: Резултатите, но и огромната потреба од вакви решенија, нужно водат кон потврден одговор. Нашата политика е да ги поканиме сите што сметаат дека имаат капацитет, мисла, вештини да понудат решение, кои би ги поддржале, секако во рамките на еден отворен процес и под јасни критериуми. Нашата улога ја гледам пред сѐ во охрабрување на компаниите, на поединците, на младите луѓе да учествуваат во креирање и на политики и на практични решенија, кои институциите ќе ги спроведуваат.
Следуваат повици за стартап-компании, каде што очекувам дел од понудените проекти да бидат во делот на намалување на загадувањето и справувањето со последиците од климатските промени. Секако, акцент на повикот е креирање одржливи бизнис-модели. Дополнително, одиме и со тематски повик, каде што наши партнери досега, а се надевам и понатаму ќе бидат дел од невладините активни во оваа област, како и Програмата на ООН за развој.

Има повеќе проекти насочени кон поддршка на малите претпријатија. Каков е интересот од компаниите за учество?

Деспотовски: Интересот е навистина рекорден. Во изминатите 18 месеци имаме некаде над 1.000 домашни микро, мали, средни и големи компании што учествувале на повиците на фондот. Дополнително, имаме околу 200 основни и средни училишта што исто така учествувале на тематските повици во рамките на нашите програми под „Фондот за млади умови“.

Дали тоа е одраз на недостиг од финансиски извори за новите компании?

Деспотовски: Причините за ваквиот интерес се различни, но главно поради сериозниот капацитет кај компаниите, но и кај најмладите да размислуваат и да креираат новитети или подобрување на она што веќе го имаат. Желба за создавање подобра средина, бизнис, услови за образование, подобро општество. И тука фондот има можеби и централна улога во поттикнување и ослободување на овој потенцијал и во охрабрување на овие луѓе. Финансиската поддршка е важна, но не е клучна. Важна е промената на ставот, свеста, дека секој може да предложи и да учествува во моделирање на средината во која живее и работи. Имаме многу, навистина многу компании што се јавуваат со неверување дека нивниот проект е селектиран за кофинансирање под некој повик. Коментарот е дека никој никаде и никому не морал да се јави, да фати врска или да плати за да добие нешто назад од државата.

Дали ФИТР може да помогне при почнување со нови бизниси, бидејќи тие најтешко добиваат заеми?

Деспотовски: Веќе реков дека сметам дека фондот е можеби во центарот на процесот со кој се ослободува една сериозна млада енергија што ќе ја движи оваа економија во наредните години и децении. Покрај редовната програма за стартап, од 2019 г. во рамките на Програмата за самовработување на Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика вметнавме еден новитет. ИН-група, во која може да се пријават и да учествуваат млади луѓе што имаат идеја за свој бизнис со потенцијал за брз пораст. Веќе имаме 22 компании што започнаа со своја работа под оваа програма, а следната година очекувам многу повеќе и да се пријават и да започнат.

Бројките се охрабрувачки

Колку од проектите што досега сте ги поддржале се успешни во својата област?

Деспотовски: Реално, 80 отсто од проектите се започнати во последните 12 месеци. Но направивме една анализа на компаниите што започнале односно реализирале проекти во периодот 2015 – 2018 година и бројките се навистина охрабрувачки. На пример, просечниот раст на годишни приходи кај овие компании (52 на број) е за 50 проценти поголем во однос на периодот пред да ја добијат нашата поддршка. Добивката расте со 60 отсто, вработувањето со 27, а платите со 40 проценти. На почетокот на 2020 ќе ги презентираме бројките и од анализата на работењето на уште поширока група компании, кои биле под договор со фондот во цела 2019 година. Од она што го гледаме низ дневна комуникација очекувам исклучително добри резултати. Клучно ќе биде како ќе се однесуваат овие компании по завршувањето на проектите, иако лично сметам дека еднаш изграден капацитет, продукт или услуга, пласирани на еден пазар се одлична основа за забрзан раст и понатаму. Тука само ќе напоменам дека, во согласност со светските искуства, сите компании не можат да бидат еднакво успешни, но успехот на една група очекувам да биде и повеќе од доволен да ги исполни нашите цели за сите.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Целото интервју е достапно на следниот ЛИНК

ФИТР презентира иницијатива за вклучување на академската заедница во економскиот развој

Фондот за иновации и технолошки развој започнува со нова иницијатива за подршка и зајакнување на соработката меѓу академската заедница и индустријата. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска се одржа првата од серијата консултативни дебати со претставници на академската фела и компаниите кои треба да бидат директни корисници на новиот инструмент. 

Целта на новите таканаречени “иновациски ваучери“ е да се поттикне соработката помеѓу претпријатијата и академските и научно-истражувачките установи во насока на спроведување иновациски активности, со што компаниите ќе ја зголемат својата конкурентност. Развојот на нови производи, процеси и услуги е во директна релација со процесот на иновација, а иновациските ваучери треба да овозможат директен финансиски поттик кој претпријатијата би го искористиле да покријат дел од трошоците за услугите кои ги нудат академските и научно-истажувачките институции.

Ректорот на Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Блажо Боев, ја поздрави иницијативата на Фондот.

7D_19919

“Ова ќе биде исклучително важна мерка со која ќе се олесни трансферот на знаење во стопанството и поактивно ќе се искористи потенцијалот на академската фела. Ние можеме да понудиме знање, а приватниот сектор сака професионалци кои ќе им донесат резултати, “ нагласи деканот Боев.

Директорот на ФИТР Јован Деспотовски појасни дека идејата за овој инструмент произлегува од барањата на академската заедница.

Презентациски ваучери на ФИТР во Штип на Универзитет „Гоце Делчев“

“Нашиот предлог концепт е она што сега го обезебедуваме како поддршка за домашните компаните, да го дополниме со нов инструмент со кој ќе се овозможи и формално вклучување на академската фела во креирањето на економскиот раст. Ова е еден таков механизам којшто постои во светот и којшто овозможува професорите, од кои и сега се дел вклучени во различни проекти кои ги реализираат компаниите финансирани од ФИТР, овој тип на ангажман да го формализираме и истиот да се реализира преку Универзитетот.“

Деспотовски најави дека иницијалниот буџет за овој инструмент е 15.000.000 денари, додека износот на одделен ваучер може да изнесува највеќе 500.000 (петстотини илјади) денари. Иновациските ваучери можат да ги користат сите микро, мали и средни домашни компании за ангажирање односно користење на услуги од универзитетите и научно истражувачките установи од јавен карактер. Со ваучерот ќе се покрие до 80% (осумдесет проценти) од вкупните трошоци за услугата, додека останатиот дел ќе биде сопствено учество на компаниите.

7D_10001

Инаку во наредниот период ќе следат вакви консултативни дебати и во другите универзитетски центри. Целта е да се слушнат аргументите и предлозите на оние кои би биле директни корисници на овој нов инструмент. Предлозите и мислењата од академската и бизнис заедницата ќе бидат интегрирани во финалната верзија на предлог инструментот, што ќе и биде доставен до Владата на согласност. Се очекува целиот процес да се заокружи до крајот на годинава, по што новиот јавен повик за Иновациски ваучери би се објавил на почетокот од 2020 година.

 

Презентирани девет проекти за намалување на загадувањето поддржани од ФИТР

Во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска беа презентирани девет проекти за намалување на загадувањето на воздухот, поддржани преку три различни програми на ФИТР: „О2 Предизвик“, „Комерцијализација на иновации“ како и „Предизвик за млади истражувачи“.

На презентацијата учествуваа преставници на домашни мали и средни компании, како и учениците од средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје.

За презентираните проекти направени се мерења во лабораториска и реална средина, а резултатите беа презентирани пред присутните на денешниот јавен настан.

Презентирани 9 проекти поддржани од ФИТР за намалување на загадувањето 2

Проектот за електричен велосипед со вградени филтри за воздух на „Венито Комерц“ покажува ефект на прочистување на загадување од ПМ10 и ПМ2,5 честички колку што создаваат два автомобили со дизел мотор.

Пречистувачот на воздух за отворени средини на Дарис инженеринг ДООЕЛ Скопје се очекува да пречистува до околу 400.000 м3 воздух на час и притоа првичните мерења покажуваат ефекти видливи веднаш по поставувањето.

Проектот на „Металотехника“ од Прилеп обезбедува заштеда на енергија за загревање на домовите од најмалку 30% со нанотехнологија технологија изработена од локални материјали.

Средношколците од „Раде Јовчевски Корчагин“ презентираа концепт на „внатрешен прочистувач на воздух“ базиран на искористување на специфични растенија во училниците.

Компанијата „Еко Солар“ го претстави прототипот на мерни станици, кои чинат 90% помалку од цената на увезени, а се базираат на искористување на современа технологија за мерење и лоцирање на загадувачи со значително поголема прецизност од постојните мерни станици.

Презентирани 9 проекти поддржани од ФИТР за намалување на загадувањето 3

Проектот на „ББ Класик карс“ го презентираше прототипот на електричен автомобил од домашно производство со 0 емисија на штетни честички во воздухот, што може да помине до 150 км со едно полнење на батерија и да развие просечна брзина до 120 км/ч. За автомибилот веќе е обезбеден TUV сертификат од Германија и се презентира на пазарите во Италија. Цената на чинење на овој автомобил е во просек за 40% пониска од сличните што се нудат на пазарот од странски производители.

Проектот на компанијата „Технобен Нова“ за филтер за прочистување на индустриски капацитети покажува намалување на емисија на ПМ честичките за половина, односно од 0.152 е намалена на 0.076. Додека јаглеродниот моноксид исто така се намалува од 1460 на 683 мг/м3. Соларниот панел на компанијата „Еко Солар“ за 5 месеци покажува заштеда од 675 kWh и намалување на аерозагадување – со употреба на само еден колектор на годишно ниво – од 698 ЦО2 на 260ЦО2.

Дополнително, Технолаб преку проектот поддржан од ФИТР веќе работи на развој на нови методи за испитување на животната средина, а компанијата Инфопројект го претстави прототипот на производот Екомонитор кој ќе овозможи собирање на податоци за квалитетот на воздухот, температурата, ветрот и други метереолошки податоци во урбаните средини.

На презентацијата на ефектите се обрати и директорот на Фондот Деспотовски, кој изјави: „Денес претставуваме резултати од 9 проекти за намалување на загадувањето на воздухот, финансирани преку различни механизми на ФИТР во кои се инвестираат околу 1 милион евра, од кои 250 илјади се влог на самите компании. Реални проекти, со реални луѓе, на реални компани и со реални ефекти. Јас не велам дека овие проекти денес ќе го решат проблемот со загадувањето во нашата земја или на глобално ниво, но тие секако даваат придонес. Најлесно е сите да покажеме со прст кон Министерството за животна средина и да чекаме тие да го решат проблемот. Но, сметам дека сите институции, организации, па и поединци треба и мора да дадеме придонес, секој во својата област и микро средина овој глобален проблем да се надмине. Како Фонд, воведовме и обврска за сите компании кои ги финансираме, и пред потпишување на договорите се прави независна проценка дали проектите што се финансираат, а треба да донесат економски раст, имаат некаков удел во загадувањето, нагласи Деспотовски.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, истакна дека еден од најефикасните начини за справувањето со загадениот воздух се иновациите, област во која Европската Комисија ги насочува своите активности и политики.

„Европа се судрува со две кризи, економската, односно големата нееднаквост во земјите членки и земјите кои сакаат да станат дел од Унијата, а втората е екологијата и предизвиците што ги носат климатските промени и животната средина. Овие кризи се креирани од политички одлуки и само така можат да се решат, се разбира со помош на иновации, вредни млади луѓе и секако науката. Нашата земја работи на обезбедување финансиски инструменти за поддршка на иновациите во оваа област, а тие пак треба да водат транзиција во зелена економија. Драго ми е што Фондот го препознава ова, односно потребата да создадеме капацитет да бидеме подготвени во процесот на преговори и да можеме вистински да придонесеме во намалувањето на загаденоста на воздухот,“ кажа Макрадули.

Деспотовски најави и нови програми и повици во овој дел, а следен би бил нов јавен повик – „О2 Предизвик 2“, што ќе се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина, невладините организации кои работат во оваа област и со УНДП.

ФИТР: Со швајцарска поддршка обезбедуваме посовремени услови за бизнис за младите

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Швајцарската програма за претприемништво (Swiss Entrepreneurship Programme – Swiss EP) на швајцарската амбасада во Северна Македонија денеска потпишаа меморандум за соработка чија цел е поддршка за развој на иновативноста и претприемништвото во земјата.

Засилување на соработката помеѓу институциите и претприемачите, како и индивидуална поддршка за надградба на институционалните капацитети се главните аспекти на овој договор кои ќе се имплементираат преку низа активности како менторска поддршка од експерти, обука за подготовка на бизнис модели и комуникациски стратегии, обезбедување поддршка за бизнис ангели и инвеститори, како и воспоставување на систем за следење на напредокот на компаниите кои работат на иновативни проекти.

Потпишан Меморандум за соработка меѓу ФИТР и Свис ЕП 2

Јован Деспотовски, директорот на ФИТР ја истакна соработката со швајцарската амбасада како клучна за подобрување на претприемачкиот екосистем во државата.

„Поинтензивно работиме на отворање можности за домашните стартап компании да научат од искуствата на млади, но веќе искусни претприемачи од западните земји. И со овој проект, условите и начинот за развивање сопствен бизнис што се нудат во развиените земји сега се достапни и за младите луѓе во нашата земја. Огромна благодарност и до амбасадата на Швајцарија за континуираната поддршка во изминатиот период“ посочи Деспотовски.

Потпишан Меморандум за соработка меѓу ФИТР и Свис ЕП 3

Заменик шефот на амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, Штефан Томагијан најави продолжување на соработката и конкретна поддршка.

„Пред четири години кога ја стартувавме програмата нивото на поддршка беше доста помало, додека сега со вклучувањето на ФИТР поддршката за домашниот екосистем е значително поголема. Очекуваме од наша страна оваа соработка да продолжи за што обезбедуваме конкретна поддршка преку Swiss EP,” нагласи Томагијан.

Менаџерот за Западен Балкан на оваа програма, Џејкоб Модерер, истакна дека Фондот за иновации е вистински посветен партнер во развојот на претприемништвото во државата, без чиј активен придонес стопанството во Северна Македонија нема да биде на ова ниво на коешто е денес.

Потпишан Меморандум за соработка меѓу ФИТР и Свис ЕП 4

„Нашата главна цел е да ги поддржиме младите претприемачи. До сега, во првите 4 години, преку нашите партнери имаме поддржано 270 стартап тимови, кои имаат креирано 850 компетитивни работни места, а дел од нив имаат добиено инвестиции од 1,2 милиони швајцарски франци. Успеавме да придонесеме за промена на менталитетот во екосистемот и луѓето овде почнаа да размислуваат глобално и како да ги пласираат своите производи. Деспотовски и тимот на ФИТР имаат голема улога во ова и им симнувам капа за она што го прават. И до сега имавме одлична соработка со Фондот која ќе продолжи и во иднина, “ рече Модер. Швајцарската програма за претприемништво се спроведува во седум земји во Западен Балкан и тоа, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија, со поддршка на швајцарската амбасада и агенцијата Свис Контакт (Swiss Contact).

Денес Швајцарија е еден од најголемите билатерални партнери на Северна Македонија. Со новата Швајцарска стратегија за соработка 2017 – 2020, предвидени се финансиски обврски во висина од 76 милиони швајцарски франци за Северна Македонија.

Потпишан Меморандум за соработка меѓу ФИТР и Свис ЕП 5