Posts

Во Тетово презентирани досегашните резултати на проектите од 02 предизвикот

Во Технолошкиот парк во Тетово, денеска беа презентирани досегашните резултати од спроведувањето на проектите избрани во рамките на Јавниот повик за финансирање на проекти за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини во Република Македонија „О2 предизвик“.

Јавниот повик го спроведе  Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), О2 Коалиција, Град Скопје, Еко Свест чија цел беше иницирање иновативни идеи и акции кои ќе поттикнат решавање на проблемот со загадувањето.

На настанот се обратија  Јован Деспотовски, директорот на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на Општина Тетово Теута Арифи.

„Справувањето со овој проблем кој сите не засега, бара сеопфатна акција на институции, чинители и на поединци. Денес го презентираме придонесот кој го дава ФИТР кон решавање на проблемот со загадувањето на воздухот преку проекти кои нудат конкретни ефекти“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР. Тој нагласи дека покрај овој тематски повик, ФИТР и во рамките на другите инструменти поддржува уште десетина проекти кои се занимаваат со заштита на животната средина. “Се надевам дека со овие петнаесетина решенија ќе можеме да ги почувствуваме позитивните ефекти во скоро време.“

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули очекува проектите да
најдат примена во секојдневието.

“Денес видовме решенија кои може да се спојат со мерките предвидени во владината Програма за намалување на аерозагадувањето, која беше усвоена на вчерашната седница.“

Тетово во последниве години активно работи на примена на мерки кои придонесоа кон тоа градот да не биде највисоко на листата на најзагадени места во земјава, нагласи Теута Арифи, градоначалник на Тетово.

“Соработката и заедничкиот ангажман на сите релевантни фактори се повеќе од неопходни за да се промовира и заштити здравата животна средина и да се подобри квалитетот на воздухот. Поради тоа особено е важен придонесот на компаниите кои со своите креативни идеи и проекти, како овие, работат на изнаоѓање конкретни решенија.“

Домаќинот, „Бизнис енд иновејшн центар“ од Тетово го презентираше софтверското решение и бизнис моделот за инвестиции за замена на стари грејни системи во домаќинствата со нови. Моделот треба да биде пилотиран во општина Тетово, а потоа да се применува и во други места. Целта е преку овој портал да се креираат индивидуални, енергетски и финансиски ефикасни
решенија кои ќе придонесат кон намалување на загадувањето.

Компанијата „Еко Солар“ од Штип го презентираше технолошкото решение за изработка на соларен воздушен колектор со ротирачки ќелии кој го загрева воздухот со помош на сончева енергија и помага за догревање на просториите. Колекторот треба да служи како дополнување на постоечкиот ситем за греење.

Компанијата „Бизифај“ од Битола изработи течност од еколошки полимери која има способност да ги апсорбира штетните ПМ 2,5 и ПМ 10 честитчки и треба да се користи за прскање на градежни површини и патишта. Посебноста на овој процес е што на третираните површини може да расте вегетација, таа ја задржува влагата во почвата и спречува ерозија.

„Технобен Нова“ од Прилеп претстави плочест топлиноразменувач со вграден Вентури апарат како интегрирана целина за прочистување на гасовите што се испуштаат од одредени индустриски објекти. Тој е веќе пилотиран и вграден во нова фабрика во Битола.

Проектот на компанијата „Венито Комерц“ од Кавадарци е развивање на нов систем на градски превоз со електрични велосипеди кои имаат вградени филтри за прочистување на воздухот.

Јавниот повик кој беше распишан на крајот на октомври 2017 година и траеше 25 дена, беше спроведен од страна на ФИТР, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, како и претставници на невладиниот сектор во областа и Град Скопје.