Petok_za_mladi_logo

Училишен час во рамките на „#ПетокЗаМлади @ФИТР“ – Преку интеракција до иновативни предлог проекти

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) продолжува со предвидените активностите за поддршка на креативното и критичкото размислување кај младите – „#Петок за млади @ФИТР“.

Овој петок ФИТР е домаќин на Димитрија Ангелков, професор од средното стручно училиште „Киро Спанџов“ од Кавадарци, иноватор и основач на „Интерактивна Иднина“. Тој пред деветтоодделенците од основното училиште „Петар Поп Арсов“ и средношколците од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ ќе го претстави сопствениот изум – интерактивна работна табла, проект што беше поддржан од Фондот во рамки на четвртиот јавен повик за старт ап компании кој ФИТР го спроведе во соработка со Светска банка.

Интерактивната табла е посебно осмислен уред со специфичен софтвер кој овозможува интерактивна работа за време на наставата. Употребата на овој уред овозможува учениците и професорите да бидат подеднакво активно вклучени во изучувањето на самата материја. Предноста на овој изум се состои во палетата можности што софтверот ги нуди, од интерактивни игри со педагошка цел до директно интервенирање на самата табла, моментално печатење на сработеното и слично.

По работилницата, која ќе претставува еден вид симулација на училишен час, учениците, преку заемна интеракција ќе треба да одговорат и изнајдат решение на зададена задача.

Целта на иницијативата „#Петок за млади @ФИТР“ е да се поттикне размената на практични искуства меѓу учениците во насока на изнаоѓање иновативни решенија и креирање сопствени проекти надвор од училишните рамки преку интеракција и активно учење.

Настанот ќе се одржи на 9.11.2018 год, со почеток во 12 часот, во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој (ГТЦ, 1 кат, спроти Жена парк) и на истиот ќе претходи воведно обраќање на директорот на ФИТР Јован Деспотовски.

Настанот е од отворен тип и сите заинтересирани се добредојдени. Повелете!