IMG_4729

Во Фондот за иновации и технолошки развој презентиран предлог концептот за идниот НТП

Во Фондот за иновации денеска беше презентиран Нацрт предлог за основање на Научно технолошки парк кој го изработува тим од експерти финансиран од ЕУ.

Носител на проектот е Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за информатичко општество и администрација, а во реализацијата се вклучени и други државни институции.

Според предлог концептот Научно технолошки парк ќе биде сместен во кампусот на Технички факултети на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, а реализацијата ќе се одвива во две фази. До крајот на 2019 година е предвидено отворање на првиот дел од Научно технолошкиот парк, а во втората фаза која треба да се реализира во следните пет години е предвидено проширување и изградба на нови капацитети и лаборатории.

„Ова е чекор кон конкретна реализација на идејата за која се разговара повеќе од 15 години“ изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски. Тој појасни дека идниот НТП ќе биде заснован на три столба.

IMG_4575

„Првиот е дигитализација во економијата, општеството и државните институции. ФИТР има неколку иницијативи за примена на иновации во јавниот сектор, кои ваќа ќе добијат дополнителен интензитет. Вториот е Трансфер на технологии, пред се наменет за академската заедница која треба да развива нови технологии кои ќе најдат своја примена во економијата и Третиот столб е акцелерација на старт-ап компании и интеграција во Паркот каде ќе добијат и финансиска поддршка за уште побрз раст,“ изјави Деспотовски.

Препорака во нацрт студијата е главна област на специјализација во паркот да биде ИТ секторот, но во иднина може да се прошири и со други сектори врз основа на барањата и потребите на пазарот и академската заедница.

„Основањето на овој парк е дел од мерките на Владата, Македонија да стане следната ИТ дестинација. Исто така со овој проект сакаме и да ги задржиме младите да останат и да започнат свои бизниси преку поддршка во најризичната фаза на основање бизнис, без да треба самите да ризикуваат. Стартапите во ИТ секторот се најпотенцијалните корисници на НТП,“ изјави Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.

IMG_4683

Тимот експерти преводени од Александер Баковски од Полска, на присутните им ги презентираа и резултатите од анкетата за конкуренцијата и капацитетите којашто покажува дека над 150 организации изразиле потреба од користење на инфраструктура на НТП. Тоа според нив е голем индикатор дека постои голем пазар и високи очекувања од НТП во земјата.

Претставниците на академската и бизнис заедницата активно учествуваа во дебатата со конкретни прашања и предлози, кои ќе бидат земени во предвид во финализацијата на документот на студијата за изводливост на НТП, која треба да биде завршена до почетокот на 2019 година.

По финализирање, студијата ќе биде презентирана пред Владата на Р.М за усвојување и натамошна реализација на проектот.